Глобалната енергетска криза која почна да се чувствува на средината на минатата година, кога цените на струјата на светските берзи, почнаa забрзано да растaт, удрија по ликвидноста на фирмите. Од Стопанската комора за енергетика на Македонија, велат дека поплаките од компаниите се секојдневни.

“Од минатата година во јануари месец кога цената на струјата за компаниите изнесуваше околу 70-80 евра за мегават, а на големите околу 55-60 евра за мегават, сега цената изнесува HUPX + од 16 % до 25 % зависно од лиценциран снабдувач. Или во превод во декември, достигна и до 600 евра на ден или средно околу 380 евра месечно. Значи околу 800-1000% се зголемила. Компаниите, не се во можност да бидат конкурентни ниту на домашниот, ниту на странските пазари. Поради високата производна цена на производот принудени се да отпуштаат вработени, па дури и да го затворат својот бизнис”, вели за Денар Ѓорѓи Манасков, претседател на Стопанска комора за енергетика на Македонија.
Познавачите велат дека дополнителен товар за компаниите, е и тоа што фирмите снабдувачи со електрична енергија, сега бараат и авансно плаќање, а тоа сериозно ќе влијае на нивната ликвидност.

“Фирмите кои се снабдуваат на слободен пазар, уште во октомври добија известување за раскинување на склучените договори и беа принудени да склучуваат нови договори за снабдување со струја. Сметките уште од декември се од 200% до 400 % повисоки од претходните сметки и се сериозен удар за работењето на фирмите. Компаниите исто така треба да го проверат раскинувањата на нивните договори со снабдувачите, дали тоа е во согласност со правилата, поставени од РКЕ. Овие непредвидени трошоци ќе влијаат на крајните цени на производите, ќе имаат импликации на многу продукти во следниот период, вели за ”Денар”, Сања Божиновска, консултант по енергетика.
Но, според сите анализи и досегашните проценки, проблемот со високите цени на електричната енергија ќе се задржи и во следните, две до три години.
“Од Меѓународната Агенција за енергетика, добиваме податоци дека цената на светските и европските берзи за наредните три години, ќе расте или пак може да се очекува стабилизација само во летните месеци. Но, доколку земјава не отпочне, сопствено производство на струја, ќе дојде до сериозна економска криза и уништување на финансиската состојба на граѓаните и компаниите како и банкрот”, додава Манасков.
Освен проблеми со струјата, на крајот од годинава потешкотии се јавија и со гасот, поради тоа што неговата цена е за три пати повисока. Снабдувачите со топлинска енергија, неможејќи да ги издржат високите цени, побараа финансиска помош од државата. Се прогласи кризна состојба и на пазарот со топлинска енергија, а греењето отиде во рацете на државата. Управувањето со БЕГ и Скопје Север, го презеде ЕСМ. Со ваквиот потег граѓаните добиваат греење од 5 часот наутро, до 01 часот по полноќ. За решавање на проблемите со топлинската енергија, засега обезбедени се 6 милиони евра, а дали ќе бидат потребни повеќе пари, ќе зависи од тоа, како ќе се движи цената на гасот на светските берзи. Се даде и насока, ТЕТО да работи и за време на викенд. Струјата да му ја продава на ЕСМ по цена од 170 евра, а топлинската енергија да му ја испорачува на БЕГ. Но, експертите сметаат дека се доцни со пристапот кон проблемот со гасот.

“Да, решението е добро и оптимално во изнудена состојба во која е доведен енергетскиот сектор. Се доцни со пристапот на проблемот, затоа што никој не ги слушаше сериозните опомени од стручните лица во секторот. Решението да се вклучи ТЕТО, е задоцнето и неколку месеци се потрошени непотребно средства за купување на поскапа струја. Ако се обезбедеше јаглен на време, а со години алармираме на проблеми со неговиот ископ, немаше толку драматично да се почувствува овој финансиски удар”, вели за “Денар”, универзитетскиот професор, Константин Димитров.
Инаку, по Нова Година, граѓаните се соочија со поскапување и на парното греење и на струјата.