29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДосега земјите од ЕУ дадоа милијарди поради енергетската криза, но има ли...

Досега земјите од ЕУ дадоа милијарди поради енергетската криза, но има ли ефект?

Земјите од ЕУ трошат милијарди евра обидувајќи се да ги заштитат потрошувачите од ефектите на енергетската криза и да го задржат јавното незадоволство, но се чини дека мерките не успеваат, пишува „Reuters“.

Речиси во сите земји на ЕУ се преземени мерки за намалување на данокот на додадена вредност на енергетските трансакции, како и директна помош за ранливите домаќинства. Но, тие бледнеат поради зголемувањето на цените на гасот за 330% во 2021-ва година. Овој раст допрва треба да го почувствуваат домаќинствата, бидејќи има одредено задоцнување во влијанието на големопродажните цени врз сметките за домаќинствата.

Повеќето трговци ја оградуваат цената на енергијата за период меѓу 6 и 9 месеци, што значи дека рекордните цени на гасот сепак ќе влијаат на сметките на потрошувачите.

Згора на тоа, мерките што ги преземаат земјите од ЕУ можат да покријат само 1/4 од поскапувањето на енергенсите, коментираат експерти од „Bank of America“. Според нив, домаќинствата во Западна Европа во просек во 2020-та година ќе трошат по 1.200 евра годишно за струја и гас.

Врз основа на денешните цени на големо, сметките се зголемуваат на 1.850 евра или 54%.

Казахстан, каде зголемувањето на цените на гасот предизвика масовни протести, веројатно ќе поттикне многу европски лидери да почнат да размислуваат за нови мерки за поддршка на домаќинствата. Франција, која ќе има претседателски избори во април, дури го наведе она што се случува во Казахстан како една од причините за ограничување на поскапувањето на струјата на 4%.

Во Франција сè уште се свежи сеќавањата на протестите на „жолтите елеци“ против плановите за зголемување на акцизите за гориво во 2018-та година. Истражувањето на јавното мислење објавено на 18-ти јануари покажа дека 57% од Французите ја ценат својата куповна моќ многу повеќе од социјалната заштита, безбедноста, имиграцијата и невработеноста.

Експертите предупредуваат дека цената на енергенсите најверојатно ќе се искористи во предизборната кампања.

Франција не е сама во битката со скапата струја и гас. Италија беше една од првите европски земји што презеде каква било акција за заштита на потрошувачите. Од јули 2021-ва година, земјата потрошила повеќе од 8 милијарди евра. Рим се подготвува да ги зголеми даноците на енергетските компании кои имаат корист од скапата енергија.

И покрај тоа, прогнозите на енергетскиот регулатор во земјата – „Arera“, укажуваат дека цената на струјата за домаќинствата ќе порасне за повеќе од 50% во првиот квартал од годинава. Цената на гасот ќе се зголеми за 40 проценти.

Шпанија, исто така, презеде акција за намалување на акцизите и другите мерки што првично требаше да се применат до крајот на 2021-ва година. Сепак, владата им го продолжи мандатот до мај 2022-ра година.

Во Велика Британија се упатуваат повици за целосно укинување на ДДВ-то за енергијата или ограничување на некои зелени даноци. Според анализите, цените на енергенсите ќе направат 1,5 милиони домаќинства во земјава да бидат енергетски сиромашни, односно да имаат потешкотии да обезбедат соодветно греење за своите домови. Тоа значи дека вкупно 6 милиони британски домаќинства, или над 1/5 од сите во земјата, ќе бидат во категоријата енергетски сиромашни.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП