Ако трета земја го ограничи снабдувањето со природен гас за Европската унија (ЕУ) со цел да влијае на блокот да одлучува во една или друга област, таа би можела да падне под ударите на предложениот „нов инструмент“ на Европската комисија (ЕК) против употребата на економска принуда“, изјави извршниот потпретседател на ЕК Валдис Домбровскис, цитиран од „Deutsche Welle“.
Новиот инструмент ќе и овозможи на ЕУ да воведе контрамерки како што се царини и ограничувања на увозот од предметната земја, ограничувања на услугите и инвестициите и мерки кои ќе го намалат нивниот пристап до единствениот пазар.
Во својата изјава Домбровскис не спомена конкретна земја, но се разбра дека се работи за Русија.
Тој нагласи дека инструментот јасно покажува дека ЕУ ќе стои цврсто и нема да се двоуми да возврати доколку се почувствува загрозена.
„Со усвојувањето на овој инструмент, ЕУ ќе испрати јасна порака дека нема да усвоиме тактики за заплашување кои ги ставаат во опасност нашите клучни политики. Постои широк консензус меѓу различните земји во Заедницата дека е правилно да се направи тоа, и ова е јасен резултат од нашата јавна консултација. Идниот инструмент против економската принуда ќе ни помогне да одговориме на геополитичките предизвици во наредните децении со тоа што ќе ја одржиме ЕУ силна и ефикасна“, рече Домбровскис.
Тој појасни дека моментално се истражува случајот со ограничувањето на трговијата на Кина со Литванија во врска со нејзините одлуки, оценувајќи дали тоа претставува економска принуда.
Литванија отвори претставништво на Тајван на своја територија, кој Кина го смета за составен дел, а ЕУ не ја призна како посебна држава.
Инструментот допрва треба да биде одобрен од Европскиот парламент и Советот на ЕУ пред да стапи во сила.