16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓаните ќе плаќаат повеќе даноци, ако знаат за што се трошат нивните...

Граѓаните ќе плаќаат повеќе даноци, ако знаат за што се трошат нивните пари!

Даночната транспарентност на локално ниво мора да се подобрува. Ова е една од главните препораки од истражувањето на Центарот на економски анализи. Она што треба прво да се направи е да се унапредат информирањата на граѓаните за посебните локални даноци, обврските и правата кои произлегуваат од регулативата, потоа објавување, обелоденување на податоци, информации и прегледи за буџетските проекциите за даноците, и реализацијата како и објаснувања за проекциите и реализацијата и за импликациите. Доколку граѓаните се поинформирани во однос на трошоците на локалната самоуправа во која живеат, ќе порасне и нивото на плаќање на даноци и останати давачки кои ги собираат локалните власти.

Информациите кои се добиени од ова истражување од експертскиот тим на Центарот за економски анализи покажува дека потребно е подобрување на системот за оданочување кон фер, транспарентен и ефикасен систем, и на тој начин би се постигнало поефективно оданочување и подобра информираност на јавноста како и градење на доверба од страна на даночните обврзници. Наодите на истражувањето покажуваат дека на многу ниско ниво е довербата на граѓаните по основ на трошење на парите од касата на општините. Интересен податок е тоа што над 72% од граѓаните се согласуваат дека доколку би имале повеќе информации каде и како се трошат прибраните даноци секогаш целосно и навремено би ги плаќале даноците. Од анкетата која е направена за ова истражување се забележува и дека речиси исто толку одговориле и дека доколку имаат повеќе информации за начинот, местото за тоа како да плаќаат даноци редовно би ги плаќале даноците.

„Можеме да констатираме дека на ниво на РСМ општините неопходно е да работат на поголемо ниво на даночна транспарентност. Како општини кои имаат повисок интензитетот на даночна транспарентност во споредба со останатите, може да се издвојат пет ЕЛС и тоа Прилеп, Град Скопје, Кавадарци, Битола и Куманово што укажува на постоење на добри пракси на транспарентност во делот на локалните приходи, што пак не е случај со 22 општини кои воопшто или во минимална мера прават напори за информирање на граѓаните за управувањето со јавните локални приходи“, стои во истражувањето на ЦЕА.

Истражувањето покажува дека само 22 општини одговориле и доставиле документација во која е наведено дека во рамките на своето функционирање имаат усвоено Стратегија за управување со ризици, додека останатите или воопшто не подготвиле стратегија за управување со ризици или пак истите се со изминат рок. Дополнително, податоците велат дека  само 13 од оние 22 локални самоуправи се изјасниле дека имаат Стратегија за управување со ризици, а тоа се: Град Скопје, Прилеп, Ресен, Илинден, Богданци, Валандово, Куманово, Велес, Кавадарци, Берово, Пробиштип, Вевчани и Центар Жупа. Овие општини во стратегиите за управување со ризици ги третираат и ризиците поврзани со прибирањето на даноци како што се ниската стапка на прибирање на локалните даноци или пак предвидуваат стратешки мерки за зголемување на напорот или наплатата на даночните приходи. Осум општини и тоа Ѓорче Петров, Илинден, Крива Паланка, Куманово, Пробиштип, Вевчани, Кичево и Охрид ја прекинале праксата на објавување информации за даночните решенија во 2021 година. Останатите општини, воопшто не објавуваат било какви информации за даночните решенија, што укажува и на мала ангажираност и напор за прибирање на даночните приходи.

„Во 26 општини во РСМ постои посебно одделение за администрирање на локалните даночни приходи, додека кај останатите не се издвоени во организациската структура и се вообичаено дел од друго одделение или пак сектор, најчесто за финансии. Во општините Охрид и Куманово администрацијата на локалните даноци ја врши посебен сектор за даноци и комунални такси што не е случај со другите ЕЛС. Кај 17 општини, администрирањето на локалните даноци е дел од одделението за финансиски прашања. На веб страниците кај 33% од општините, не може да се најдат контакт информации од службените лица од одделенијата и секторите за даноци и финансиски прашања, што го отежнува пристапот за информирање на граѓаните. Само седна третина (28 ЕЛС) од општините, на своите веб страни имаат описни информации за видот на локалните даноци како и стапките на оданочување, даночната основа, а со цел информирање и зголемување на даночна писменост кај граѓаните, и дополнително две општини имаат објавено оскудни информации. Останатите две третини од општините во РСМ на своите страници немаат објавено никакви информации за видовите локалните даноци, даночни стапки, начинот на пресметка и слично“, стои во истражувањето.

Истражувањето покажува дека, општините најчесто користат по неколку канали на комуникација за информирање на граѓаните за одржувањето на седниците и јавните расправи и тоа најмногу преку веб страницата, тоа го прават 51 општина и социјалните мрежи особено Facebook, 21 општина. Некои општини користат повеќе канали на информирање истовремено, како општина Карпош која користи пет различни канали за информирање на граѓаните и тоа: веб страна, социјални медиуми, огласна табла, локални медиуми и месни заедници, општините Крива Паланка, Боговиње, Делчево и Пласница редовно користат четири различни канали на информирање.

Околу 15% од граѓаните се задоволни од степенот на објавени информации поврзани со приходите и расходите, а една петтина од интервјуираните граѓани не покажале информираност но и заинтересираност за објавување на информациите од страна на општините. Загрижувачки е тоа што кај ниту една општина не може да се оцени највисок степен на даночна транспарентност. Поголем дел од општините се оценети со или многу низок или низок степен на даночна транспарентност, каде речиси и да не се објавуваат никакви информации и податоци за локалните даноци.

Според ММФ, фискалната транспарентност во јавните финансии е главен елемент на доброто владино управување кое понатаму води кон макроекономска и фискална стабилност и е детерминанта за повисоки стапки на економски раст. Фискалната транспарентност, велат до ЦЕА  може да служи и за рано идентификување на потенцијални ризици по фискалните резултати што пак води кон рано предупредување и соодветна фискална реакција при променети економски претпоставки.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП