28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнвестициите во зоните во внатрешноста на Македонија носат повеќе бенефиции од државата!

Инвестициите во зоните во внатрешноста на Македонија носат повеќе бенефиции од државата!

По најавата од властите за дополнителни бенефиции за компании кои ќе инвестираат во индустриските зони во внатрешноста од Македонија, неколку месеци подоцна мерката дава резултат. Од Дирекцијата за технолошко развојни индустриски зони за Денар велат дека бизнисмени од странство веќе потпишале договор со Владата за инвестирање во зоната во Штип и во Тетово. Станува збор за компании од транспортниот и градежниот сектор, како и од фармацевската индустрија. Во моментот во индустриските зони активни се 32 компании.

Новововедената мерка за поттикнување на инвестиции во останатите урбани средини во државата преку реално вреднување на трошокот за закуп на земјиште веќе ги дава првите резултати. Од Дирекцијата за технолошко развојни индустриски зони за Денар велат дека веќе е постигнат договор со една компанија за инвестиција во ТИРЗ Штип, како и една компанија за инвестиција во ТИРЗ Тетово. Информациите кои ги добивме од надлежните велат дека двете инвестиции се очекува да донесат околу 40 милиони евра, со вработување на над 250 лица. Дополнително, мерката за реално вреднување на трошокот за закуп на земјиште веќе се применува на еден нов инвеститор во ТИРЗ Скопје, во вкупен износ од 1,5 милиони евра. Односно, за овој износ се намалува обврската на државата за исплати по други основи и ослободувања, а како надомест на компанијата за користење на земјиштето по субвенционирана цена од 0,1 евро/м2/годишно. Притоа, од ТИРЗ велат дека во самиот договор е прецизирано дека по истекот на првите 10 години односно траењето на договорот за државна помош, компанијата ќе биде обврзана да продолжи да плаќа пазарна цена на наем на земјиштето.

„Со новиот пристап на поттикнување на инвестиции, Северна Македонија и ТИРЗ стануваат повеќе конкурентни на регионалниот и европскиот пазар. Новиот, паметен пристап подразбира ефикасно искористување на ресурсите на државата преку анализа на ефектите од планираните инвестиции, профилирање на инвеститорите и креирање на пакет на поддршка согласно потребите и интересите на инвеститорот, но и државата. Паметниот пристап подразбира не само финансиска поддршка, туку и брз пристап до квалитетна услуга од Дирекцијата и други институции. Северна Македонија е помала во однос на останатите земји од регионот и ЦИЕ, што овозможува поголема флексибилност во креирање и пилотирање на нови модели на поттикнување на инвестициите. Во рамки на паметниот пристап во фаза на воведување е и Стратешки зелен инвестициски фонд, што обезбедува значителни финансиски капацитети за поттикнување на инвестиции во зелени објекти, технологии, но и инфраструктура. Посебен сегмент е новата програма за технолошко унапредување на домашните компании, со фокус на средни и големи, со која ќе се зголеми учеството на домашната економија во глобалните вредносни синџири. Новиот, паметен пристап е основа на мојата цел да стигнеме до 1 милијарда евра нови инвестиции до крајот на овој мандат, со што ќе го удвоиме нивото достигнато во изминатите 12 години во ТИРЗ“, вели за Денар Јован Деспотовски директор на ТИРЗ.

Искуството досега покажало дека странските инвеститори се одлучуваат да инвестираат во скопските индустриски зони поради близината на автопатот кој оди кон солунското пристаниште, во близина е скопскиот аеродром, како и достапноста до државните институции. Досега во индустриските зони се вложени 50 милиони евра, државни пари, а приходите кои ги добила државата за овие десет години изнесуваат нешто над 40 милиони евра. Засега само една третина од парцелите во индустриските зони низ земјава се искористени, другите две третини се празни.

Официјалните податоци велат дека 32 компании се сместени во индустриските зони низ државата. Во моментот, во компаниите во ТИРЗ ангажирани се нешто над 14.000 лица. На почетокот на 2021 година од Дирекцијата велат дека направиле скенирање на сите склучени договори досега, со цел утврдување на обврските на компаниите до истекот на договорите. Утврдено било дека во компаниите кои во моментот работат во ТИРЗ имаат обврска за отворање на дополнителни 7.000 работни места.

Заклучно со октомври, од почетокот на годината податоците велат дека склучени или во завршна фаза на склучување за кои веќе е постигната согласност со инвеститорите се нови договори во износ од 160 милиони евра. Дополнително, до крајот на годината очекувањата на надлежните се износот да надмине 200 милиони евра. Деспотовски вели дека во очекување е и „затворање“ на најголемиот договор за странска инвестиција во ТИРЗ досега, со вредност над 100 милиони евра, во областа на фармацијата. Доколку се реализира пред истекот на календарската година, вкупниот обем на склучени или договори за кои се очекува завршување на формалната процедура на Владата за согласност ќе надмине износ од 300 милиони евра за една година. Во овие инвестиции вклучени се компании од САД, Германија, Турција, Франција, а за прв пат се појавува и Јужна Кореја. Само во овие инвестиции, согласно деловните планови е предвидено да се отворат  отворање  нови 3.500 работни места.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП