25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе „крчка“ нов Закон за градење, побрзи дозволи но и построги инспекциски...

Се „крчка“ нов Закон за градење, побрзи дозволи но и построги инспекциски контроли на терен!

Речиси две години министерството за транспорт и врски подготвува нов Закон за градба. Од министерството за Денар велат дека ова законско решение го составуваат во координација со сите засегнати страни. Но градежниците велат дека не се запознаени со деталите од новиот Закон и се уште не го виделе текстот, со што не знаат какви забелешки ќе достават, и на кој начин двете страни ќе бидат задоволни од новите предлог правила во градежништвото.

Информациите кои ги добивме од Министерството за транспорт и врски велат дека со новиот Закон за градба подобро ќе се регулира уредувањето на материјата на проектирање, значително побрзо ќе се издаваат дозволите за градење, побрзо ќе се одвиваат и подготвителните работи. Посебен акцент ќе биде ставен и на уредувањето на градилиштата, самото градење, уредувањето на градежното земјиште и приклучувањето на градбите на инфраструктурните системи, но и пуштање на градбите во употреба и нивното употребување и одржување според нивната намена.

Според надлежните новото законско решение ќе ја уредува и категоризацијата на градби, во која мораат да влезат сите видови на градби што се градат на цела територија на Македонија. Но за се ова да функционира како што треба властите сметаат дека потребно е да се зголеми и конролата на целиот процес. Па затоа законот ќе предвидува и зајакнат инспекциски надзор над градењето со тоа што општинските инспектори ќе станат дел од Државниот инспекторат за урбазниам и градежништво. Тоа ќе биде овозможено преку оформување на Регионални подрачни единици.

„Со предлогот на новиот Закон за градење се уредуваат постапките од фазата на изработка на проектната документација, градењето, употребата и одржувањето на градбите, со обезбедување на усогласеност на изградбата со просторните и урбанистичките планови и проекти, преку заштита и унапредување на животната средина. Понатаму се регулираат управните и другите постапки со кои се дозволува и контролира изградбата, правата и обврските на учесниците во изградбата и други прашања поврзани со изградба на градбите“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Од ресорното министерство за Денар велат дека од последните јавни расправи со општините, ЗЕЛС, јавните институции и коморите одржани во декември, јуни и октомври до Министерството за транспорт и врски веќе се доставени сугестии со предлог решенија за новиот Закон за градење, кои сега се разгледуваат и усогласуваат. Сепак, од транспорт и врски не одговорија дали во овој текст на законот ќе биде ставена и иницијативата на Регулаторна комисија за енергетика, која вели задолжително кога се градат станбени единици во место каде што има мрежа за топлинска енергија мора зградата да биде приклучена на таа мрежа.

„Со Предлог на Законот за градење ќе се овозможи и стимулира просторниот и економскиот развој, ќе се стимулира инвестирањето во градење, ќе се зајакне улогата на стручната јавност и правата на странките и на крајот, ќе се овозможи разрешување на наталожените проблеми што постојното се јавуваат во оваа област.  Со Предлог на Законот за градење се обезбедува поголемата општа и оперативна ефикасност на системот на уредувањето и контролата на просторниот развој и градењето, а особено дефинициите за основните барања за градбата, што треба детално да се уредени со техничките прописи и усогласени со европските кодови. Потоа се дефинира статусот, поставеноста, правата и обврските на учесниците во изградбата: инвеститорот, проектантот, изведувачот, ревидентот и надзорниот инженер“, додаваат од Министерството за транспорт и врски.

Според информациите од Министерството за транспорт и врски во подготовката на новото законско решение вклучени се Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за култура, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, ЗЕЛС, Комора на овластени архитекти и овластени инжењери, Архитектонски факултет, Градежен факултет, ИЗИИС – МСЦ, Стопанска комора на градежници, Агенција за катастар и недвижности, Агенција за просторно планирање и други здруженија на стручната фела и засегнати институции кои се вклучени во постапките за градење.

Со оглед на фактот што Законот се уште е во изработка, по разгледувањето на првичните предлози и сугестии од инволвираните страни тој ќе биде прикачен на ЕНЕР за увид на засегнатите страни. Потоа велат дека  Министерството за транспорт и врски како надлежен орган за регулативата од областа на градежништвото ќе пристапи кон понатамошна постапка за донесување на Законот за градење. Инаку, Законот за градба е решение кое досега е најмногу менувано. Според информациите Законот за градба има претрпено повеќе од 30 измени и дополнувања на текстот.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП