Неконтролираниот раст на цените на горивата бара брза интервенција од страна на државата и тоа по примерот на Хрватска – замрзнување на малопродажните цени и доколку е потребно треба да ја пуштат во промет законската резерва на горива кои се чуваат во државата. Само така би се намалил притисокот од раст на цените на горивата, вели за Денар Биљана Муратовска од Макам – транс. Ако не се случи тоа ќе може да дојде до експанзија на раст на сите цени на производите, со што дополнително ќе се подгрее инфлацијата.
-Корисниците на превоз без разлика на фактот дека цените на превозот на домашните превозници не се зголемуваат, во своите калкулации го пресметуваат растот на цените на горивата( и на другите производи) како влијание од светските берзи. На крај може да додадам дека особено сме среќни што не се воведе еколошката такса од 3,5 денари по литар гориво, затоа што сега би имале уште поголеми цени на горивата што уште повеќе ќе влијаеше на трошоците на сите превозници, но и на граѓаните во целост, вели Муратовска.
Според Муратовска, македонските превозници се поконкуретни од оние во Европа затоа што со пониски превозни цени можат да се изборат и да имаат можност да ја вршат дејноста.

-Во нашата држава има микро, мали и неколку средни превозни трговски друштва, што значи имаат ограничен капацитет на возила и не се во можност да вршат масовен превоз за да ги диктираат цените на превозот или да прават било какви пресметки во однос на зголемување на превозните цени согласно покачувањето на цената на погонското гориво. За нашите превозници пресметката е во обратен смер, поголеми трошоци и се помалку средства за: плати на возачите кои бегаат и работат во ЕУ; за можност за отплата на кредити за да го обнавуваат возниот парк и се разбира за остварување на добивка која најчесто се реинвестира, додава Муратовска.
Минатата година поради пандемијата цената на нафтата драстично се намали. Потребата од превоз беше многу ниска и самата состојба доведе до тоа превозниците да ги намалат своите цени. Од Асоцијата велат дека од тогаш, па се до денес со благото раздвжување на работата, цените во транспорот одвај се зголемуваат и тој раст се движи од 10 до 50 евра. Економијата во Европа се уште не е вратена на нивото од пред пандемијата.
-Тоа значи дека сеуште имаме поголема понуда на возила, од понуда на стока која би можела да се земе за превоз, вели Муратовска.
Нафтените деривати се погонско гориво и зафаќаат 60 проценти од цената на превозот.
Цените на горивата во земјава последниов месец секоја недела одат нагоре. Со последното зголемување за еден денар поскапеа и бензините и дизелот.
Па така Еуросупер 95 чини 76,5 денари за литар, 98 цата 78.5 денари, додека дизелот се продава по цена од 68,5 денари за литар. Нова корекција на цената се очекува во понеделник. Но според прогнозите ќе продолжи да раста, затоа што цената на нафтата на светските берзи руши рекорди. Властите во некои земји како во Хрватска, одлучија да ја замрзнат цената на горивата во наредните 30 тина дена, за да се заштитат потрошувачите од растот на светските берзи.
Кај нас сега за сега нема такви најави. За разлика од Хравска каде пазарот е целосно либерализиран, кај нас цените ги регулира РКЕ и според анализите земјава се уште е меѓу они со ниски цени на горивата. Во Европа најскапо гориво има во Холандија, потоа следат Данска и Норвешка. Најниска е цената во Молдавија, Украина, Бугарија, Романија и Полска. Сепак надлежните неколку пати посочија дека состојбата будно се следи, не само со цената на горивата туку и со сите други цени и ако има потреба ќе се интервенира.
Освен цената на нафтата, на берзите некотролирано поскапуваат и гасот и електричната енергија кај која состојбата е многу алармантна.