20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФилип Ивановски: Градењето еколошка перцепција ќе биде клучот за успех на брендовите...

Филип Ивановски: Градењето еколошка перцепција ќе биде клучот за успех на брендовите и основа за раст на економиите

Мора да се најде замена на јавната потрошувачка како главен генератор на економскиот раст на државите! Циркуларната економија со вакво ниво на конзумеризам не е возможна, бидејќи таа претпоставува производство на помалку автомобили, бела техника, облека и обувки, производи за една употреба… Како до раст?

Купувачите, воедно и работна сила во иднина ќе сакаат да работат во компании кои обезбедуваат здрава работна средина, се грижат за околината во која живеат, но и за компании кои ќе произведуваат еколошко одржливи производи и услуги. Како маса на купувачи, таа иста работна сила ќе преферира и да купува еко-пријателски производи и услуги! Технологиите ќе бидат се повеќе во функција на екологијата и креирање подобар и полесен живот за работната сила и сопствениците на капиталот.

Развојот на услужните дејности се една од опциите за раст без отпад! Развој на туризмот и угостителството, здравствените услуги, услуги за практикување здрав живот, забава, уметност, ИКТ секторот, финансиите, развој на нови технологии и прозводство на чиста енергија… се дел од начините за раст без конзумеризам на производи. Трендот на зголемена побарувачка за услуги наспроти побарувачката за производи, треба да биде тренд кој ќе ја следи циркуларната економија.

„Новата реалност“ ќе бара ново општествено уредување, кое ќе ја стави во фокусот грижата за животната средина како двигател на растот на економиите, а притоа ќе обезбеди пристоен живот за сите, дури и они кои ќе ги изгубат работните места во новата реалност.

Секоја компанија ќе треба да одговори на прашањето: колку нашиот производ е создаден со еколошки производствен процес, колку се троши енергија за него и колку отпад се создава од почеток на неговото создавање до пост-конзумација на истиот? Дали може да го промовираме како пријателски кон животната средина (environment friendly)?

Имено, купувачот кој стои пред полицата полна со исти производи од различни брендови (производители), освен вообичаената оценка на односот “цена-квалитет” за секој од производите, се почесто истите ќе ги оценува и според перцепцијата колку се тие брендови еколошки и општествено одговорни, колку им е важна животната средина во однос на профитот. Многу веројатно е дека купувачите во иднина ќе купуваат производи и услуги за кои имаат перцепција дека се произведени со чиста технологија, мала употреба на енергија и малку загадуваат по нивната консумација. Долгорочно најуспешни ќе бидат оние производи и услуги чија изградена позитивна перцепција за нив, ќе соодветствува со реалноста. Градење еколошки позитивна перцепција за производите и услугите, ќе биде клучот за успех на брендовите и нивните производи во иднина! И основата за раст на економиите. Еколошки освестените купувачи, какво што ќе биде мнозинството во развиениот свет, ќе преферираат да платат можеби 5-10% повисока цена за производите и услугите за кои сметаат дека се од општествено одговорни компании кои се грижат за животната средина во која тие исти купувачи живеат!

Дотогаш, создавајте помалку отпад, а тоа што сепак е отпад-селектирајте го за рециклирање! Изјави Филип Ивановски, во колумна за Фактор.мк

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП