29 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Загреб – Хрватскиот мнистер за финансии Славко Линиќ вели дека нема да има милост за тие кои избегнуваат да плаќаат данок и најави уште построги контроли за фискалните сметки. Тој демантираше дека тоа штети на туризмот. – Тој кој го лаже буџетот мора да знае дека ги лаже граѓаните на Хрватска и дека за нив нема да има милост, а приказните за тоа дека со тоа ќе се наштети на туризмот, рече Линиќ.

Белград – Во Србија моментално се стравува и од босанските власти кои планираат раст на акцизите на пиво за големите потрошувачи. – Соседите на овој начин сакаат да постигнат пониска цена на домашното пиво од конкуренцијата. Целта е да ги заштитат своите мали пивари, но штета ќе претрпат големите потрошувачи од Србија кои многу извезуваат во Босна – вели помошник министерот за трговија на Србија, Бојана Тодоровиќ. ЦЕФТА договорот треба да значи слободна трговија со регионот, а тој договор најмногу го крши Косово, а следат Македонија, Хрватска и Босна, наведе Блиц.

Сараево – Приливот на странските инвестиции во Босна и Херцеговина како да стагнира во последно време или само незабележително расте, пишува сараевскиот весник Ослобоѓење. Весникот потсетува дека на пример во 2004 во однос на 2012, странските инвестиции биле поголеми за 100 милиони евра. – Гледајќи по години, во 2007 година забележан е најголем прилив на странски инвестиции во БиХ и тој изнесувал околу 1,3 милијарди евра. Во следните три години имавме значителен пад на инвестициите, како и благ раст во 2010 година – изјавено е за тој весник од Агенцијата за развој на странски инвестиции на БиХ.

Москва – Во периодот од јануари до крајот на јуни 2013 година производството на патнички автомобили во Русија е намалено за 2,6 отсто во однос на лани, на 1,1 милион возила. Според податоците на агенцијата за статистика на Русија Рос Стат во истиот период произведени се 3,2 отсто помалку автобуси – 28,900, додека бројот на тролејбусите 2,9 пати, на 279 возила. Производството на автомобили е намелно за 6,8 отсто, на 109.000 возила.

 

Брисел – Инфлацијата во 17 члената еврозона во јули мируваше на 1,6 отсто на годишно ниво, покажаа официјалните податоци во Брисел. Во однос на претходниот месец, потрошувачките цени во еврозоната се намалени за 0,5 отсто, наведе Европскиот завод за статистика Евростат.

Вашингтон – Бројот на Американците кои се пријавуваат за надомест на невработени падна на најниско ниво во последните 6 години. Но, младите дипломци и понатаму тешко доаѓаат до работа. Американската влада објави дека минатата недела пријави за надомест за невработени поднеле 320 илјади работници, што е 15 илјади помалку од претходната недела и најмалку уште од октомври 2007 година. Бројот на овие пријави наговестува дека работодавците помалку отпуштаат, но вработувањето во најголемата светска економија и понатаму е бавно, со оглед дека во текот на 2013 месечно се добиваат во просек 192 илјади работни места.

Тунис – Бонитетната агенција Стандард и Пурс го намали кредитниот рејтинг на Тунис за два степена, наведувајќи го како причина јакнењето на опозицијата кон владата. Стандард и Пурс долгорочниот рејтинг на Тунис го намали на Б од ББ-, изразувајќи недостиг на доверба дека таа земја ќе биде способна да ги исполнува своите должнички обврски. Агенцијата додава дека прогнозата за рејтингот на Тунис е негативна, што значи дека постојат шанси во следната година рејтингот повторно да биде намален, ако економската и социјалната состојба се закани на реформите потреби за да се развива стопанството.

Вашингтон – Деловните луѓе ширум светот се почесто работат во од, а дури 93 отсто од нив завршуваат подготовки за состанок во тек на деловно патување. Прашалникот спроведен меѓу деловните луѓе од девет земји на Европа, кои редовно патуваат, покажува дека 54 отсто испитаници поминуваат барем половина пат работејќи, покажа истражувањето кое го спроведе компанијата ХП. Британците најчесто работат во од, дури 67 отсто од нив поминуваат повеќе од половина пат подготвувајќи се за состанок, во споредба со 43 отсто Германци.

Рабат – Загубите на нафтениот сектор на Либија од почетокот на годината достигнаа 2 милијарди долари, соопшти министерството за нафта на земјата. Според податоците на владата, продолжува падот на обемот на производството на нафта, кое се спушти на 700.000 барели на ден. Основната причина се штрајковите на работниците на едно од најголемите наоѓалишта Џабадија и терминалите Брег и Рас Лануф.

Виена – Стечајниот управник е задоволен од приходите остварени од продажбата на фирмата во состав на градежниот концерн Алпина, кој поради голем долг отиде во стечај. – Горд сум што ни појде од рака да продадеме делови од Аплина во Австрија, без да дојде до нивен стечај – рече стечајниот управник Штефан Рил за виенскиот весник Курир. При продажбата, како што изјави тој, не е остварен приход кој Алпине го очекуваше пред стечајот, бидејќи вредноста на тие компании се намали поради стечај на концернот. вз/9:14

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП