28 март, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОМеси, конечно, ги крена ПСЖ, Шериф го „испука“ Реал сред Мадрид!

Меси, конечно, ги крена ПСЖ, Шериф го „испука“ Реал сред Мадрид!

Пари Сен-Жермен ги доби Манчестер сити со 2:0 во меч кој според светските медиуми „тежел“ 2 милијарди евра според вредноста на двата клуба, откако домаќините стигнаа до ран гол, додека гостите пропуштија многу шанси на „Паркот на принцовите“, пред Лионел Меси, конечно, да го постигне својот деби гол за новиот клуб.

Многу интересно беше и на „Сантијаго Бернабеу“, каде што Реал Мадрид и покрај тоа што доби пенал, успеа да загуби со 1:2 од дебитантот во натпреварувањето, Шериф Тираспол во едно од најголемите изненадувања во историјата на натпреварувањето.

Ливерпул беше убедлив во Португалија, славејќи со 1:5 против Порто, додека во истата група, Милан пропушти водство во првиот домашен меч во ЛШ по седум години за во финишот да прими гол за 1:2 пораз од Атлетико Мадрид.

Мега-пресметката на „Паркот на принцовите“ помеѓу двата клуба во посед на блискоисточните нафтени богаташи (ПСЖ – Катар, Манчестер сити – Абу Даби), стартуваше со неверојатното напаѓачко трио на Париз, Нејмар-Мбапе-Меси, но Идриса Геје беше стрелецот на голот уште во осмата минута.

По ова, Сити имаа многу неостварени шанси пред голот на Џиџио Донарума, од кои посебно се истакнува утката на празен гол на Бернардо Силва. Казната стигна во 73. минута, кога Лео Меси постигна фантастичен прв гол за новиот клуб за да ја запечати првата победа на ПСЖ над Манчестер сити за интересен реванш на „Етихад“.

На „Сантијаго Бернабеу“, пак, 13-кратниот европски шампион, Реал Мадрид во неверојатен меч се намачи со молдавскиот Шериф Тираспол, губејќи со 1:2. Узбекистанецот Џакшибаев во 25. минута даде гол за гостинскиот тим, а на Реал му беше потребен пенал во 65. минута за преку Карим Бензема да израмни на 1:1. Гостите дадоа уште еден гол, преку Бруно во 72. минута, но тој беше поништен поради офсајд, пред Себастијан Тил, фудбалер кој доаѓа од Луксембург, да ги шокира „кралевите“ во 90. минута за славна победа.

Ливерпул го „торпедираше“ Порто со 5:1, откако Мохамед Салах и Роберто Фирмино постигнаа по два гола, додека Милан поведоа против Атлетико со голот на Рафаел Леао во 20. минута, по што од 25. минута играа со играч помалку по црвениот картон на Френк Кеси, за Антоан Гризман во 85. минута, конечно, да го постигне првиот гол за Атле по враќањето во клубот. Кога изгледаше дека така мечот ќе заврши во 94. минута беше досуден пенал за гостите, кој Луис Суарез го искористи за голема победа.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 2.КОЛО

ГРУПА А

Пари Сен-Жермен – Манчестер сити 2:0

РБ Лајпциг – Клуб Бриж 1:2

ГРУПА Б

Милан – Атлетико Мадрид 1:2

Порто – Ливерпул 1:5

ГРУПА Ц

Борусија Дортмунд – Спортинг Лисабон 1:0

ГРУПА Д

Реал Мадрид – Шериф Тираспол 1:2

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП