16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурција ја обнови трговијата, станува главна дестинација за европското ѓубре

Турција ја обнови трговијата, станува главна дестинација за европското ѓубре

Турските власти ја укинаа забраната што беше воведена само неколку месеци за увоз на одредени видови пластичен отпад, мерка што ги натера активистите за заштита на животната средина да предупредат за можните еколошки ефекти во една од водечките европски земји за увоз на ѓубре.

Ограничувањето беше воведено само во мај за полиетилен, пластика што може да се најде во многу секојдневни производи, како што се пластични кеси за пазарење и пластични шишиња со минерална вода. Меѓутоа, укинувањето сега е факт по интензивното лобирање на индустриските групи, пренесува „Bloomberg“.

Во петте години пред да стапи во сила забраната, Турција стана главна дестинација за европскиот отпад: земјата доби повеќе отпад од Европа отколку која било друга земја. И иако голем дел беше наменет за рециклирање, слики од купишта ѓубре натрупани на полињата се појавија на почетокот на оваа година, што доведе до силно незадоволство во јавноста.

„Ова е огромно повлекување што ќе има последици за животната средина“, рече Нихан Темис Атас, водач на проектот во „Greenpeace Mediterranean“. „Властите нѐ уверија дека забраната за увоз ќе се одржи“, додаде тој.

Увозот на пластичен отпад во Турција е зголемен речиси 200 пати од 2004-та година, голем дел од порастот во последните четири години откако Кина објави дека ја прекинува практиката. Велика Британија извезе 210.000 тони пластичен отпад во Турција во 2020-та година, додека Германија испорача 136.000 тони.

Како дел од редовната трансакција, се увезува мешавина од пластика што може да се рециклира и друг отпад без друга вредност. Трансакцијата може да ги намали трошоците за суровина за турските производители на пластика, но и да ја префрли одговорноста за рециклирање од Европа, каде што се собира отпадот, на Турција.

Отстранувањето на опасните хемикалии од пластика е тежок и скап процес и некои компании претпочитаат да ги изгорат материјалите. Истражувачката група „Microplastic Research Group“, тим научници што ја следат турската индустрија за рециклирање, рече дека најмалку 68 пожари се пријавени во турските погони во првата половина од годината, значително зголемување од осумте за целата 2016-та година.

„Турските компании си ги поевтинуваат суровините. Европските компании се ослободуваат од ѓубрето. И тони други пластични маси завршуваат во Турција“, рече Седат Гундогду, раководител на групата.

Студија на „WWF“ покажа дека крајбрежјето во близина на јужниот град Адана е најзагадениот дел од целиот Медитеран, при што двете реки во градот учествуваат со 9% од пластичниот отпад што влегува во морето секоја година.

Сепак, турската индустрија инсистира дека дозволувањето на увоз не мора да значи компромитирање на еколошките стандарди. Владата ги заостри прописите за тоа како треба да се постапува со отпадот, според Јавуз Ероглу, шеф на „PAGEV“, организација на компании во индустријата за пластика.

„Со новиот мобилен систем за следење, базиран на чипови, ќе може да се знае кои компании примаат увоз“, рече Ероглу.

Кина доби половина од светскиот отпад што може да се рециклира кога ја формулираше својата забрана за увоз на пластика во 2017-та година и започна да ја спроведува следната година.

Ова доведе до зголемување на извозот во азиските земји, вклучително и Малезија и Бангладеш, предизвикувајќи загриженост за животната средина и здравјето. Како одговор на тоа, ЕУ престана да извезува пластичен отпад во земји кои не се членки на ОЕЦД, што ја прави Турција водечка дестинација.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП