20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавата со близу 40 милиони евра повторно ќе ги лечи раните на...

Државата со близу 40 милиони евра повторно ќе ги лечи раните на општините чии долгови растат

Прво лоцирање на проблемите, па доделување на помош.

Пред да се делат пари во општините прво треба да се лоцираат проблемите, за да се види каде тие средства треба да се искористат. Дел од експерската јавност со препорака по новата најава од страна на Владата дека повторно со нови 39 милиони евра се помагаат општините. Според универзитетскиот професор Борче Треневски, неопходен е солиден концепт кој ќе даде одговор каде всушност ќе завршат овие пари и какви резултати се очекуваат. Само така помошта ќе има ефект. Треневски објаснува дека ефиканоста, финансиската одржливост и добро управувани општини се пресудни за обезбедување на квалитетни локални јавни услуги и социо- економска благосостојба со задоволни луѓе.

-Се разбира за создавање на такви општини се пресудни на една страна клучните предуслови – добро поставени/усогласена законската рамка, капацитетот на локалниот менаџмент- градоначалникот (пред се политичката волја), институционалниот капацитет – наспроти нив се  објективните локални фактори (природни богатства суровини, развиен бизнис сектор, демографска/социјална структура, урбана/рурална итн.) Доколку еден или повеќе од овие предуслови не се исполнети, тогаш имаме веќе тесно грло во функционирање на општините и предизвици во обезбедување на јавни услуги и задоволни граѓани. Имаме општини кои имаа објективни фактори да бидат финансиски силни и одржливи, а веќе со години се соочуваат со финансиски предизвици, долгови и нестабилност. Ова го кажуваме од причина што пред да се помисли да се вбризга дополнителна финансиска инјекција во овој систем – треба да се помисли на претходно спомнатите фактори/предизвици., кои ќе дадат одговор каде ќе завршат тие дополнителни финансиски средства. Тоа е како да имате еден водоводен систем во кој имате бројни цевки, склопки и други делови – каде доколку некоја од цевките е запушена, друга има р’ѓа, трета е дупната, тогаш пуштената вода не стигнува целосно на планираното место и за определен период ќе треба да пуштите ново, поголемо количество на вода, вели за Денар Треневски.

Според него не треба да биде проблем транспаретно да се отвораат прашањата кои долго се надзираат.

– Зошто некои општини не ги собираат сопствените приходи?; Зошто и дали треба да имаме редовна државна ревизија и добро обучена внатрешна ревизија на сите општини?; Дали и зошто имаме/немаме доволно даночни инспектори, инженери и друг стручен кадар во општините?; Дали имаме доволно квалитетен локален менаџмент (градоначалници) со политичка волја за ефикасни промени?; Дали имаме општински советници кои ги чуваат и се грижат за интересите на граѓаните?; Дали има институционален капацитет за имплементација на капитални проекти на локално ниво?  за и многу други прашања. Инфраструктурните проекти кои треба да се реализираат на локално ниво, се насушна потреба и се пресудни за локалниот економски развој.Најновата најава за распределба на 39 милиони евра кои беа предвидени за изградба на карго-аеродром во Штип беа нова можност за стимулирање на општините за подобрување на нивниот капацитет за стратешко планирање, транспарентен избор на оптимални проекти, ефикасна реализација на тие проекти итн. Меѓутоа ние се уште не даваме одговор на прашањата отворени погоре – се уште се фокусираме на инпутот (парите кои ги распределуваме), а ја забораваме најважната дискусија за аутпутот/резултатот кој го очекуваме и прашањата поврзани со тоа – каква е рамката за селекција на општините, проектите, што државата/граѓаните треба да очекуваат од тие 36 општини за кои се одобрени проектите, како ќе се контролира ефикасноста и имплементација, дали овие оптони имаа капацитет, дали ќе има одговорност за слабата реализација итн, додава Треневски.

Пред извесно време од Владата соопштија дека на општините им дала нова финансиска инекција за инфраструктурни проекти. 39-те  милиони евра кои ќе завршат кај општините се пари од концесионерот на аеродромот ТАВ и првично беа наменети за изградба на карго – аеродром во Штип. Но бидејќи нема  да се гради , Владата со ТАВ договори парите да се распределат за реалзизција на локални инфраструктурни проекти. Одобрени се проекти за 36 општини.

Ова не е прв пат да се помагаат општините. Пред околу три години, со ребаланс на буџетот државата одлучи да обезбеди над 50 милиони евра за покривање на долговите на општините кои тогаш беа околу 100 милиони евра. Но и натаму нивните долгови растат. За првите три месеци од годинава дстигна над 60 милиони евра. Најголеми должници се Гостивар, Тетово, Охрид, Карпош, Струга и Делчево. Во меѓувреме на сајтот на Агенцијата за администрација околу десетина огласи се за вработувања токму во општините.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП