Со намалениот број на заразени и олабавените превентивни мерки наменети за пандемијата со Ковид -19, полека почнаа работите да се нормализираат. Но како стопанството закрепнува по ударот кој го доби од здравствено – економската криза? Оптимизмот веќе е пораснат кај бизнисмените, тие очекуваатг дека работите постепено ќе си дојдат на свое место. Власта смета дека неколкуте позитивни трендови во економијата се показател дека економијата се движи по посакуваната траса. А на домашна адреса пристигнаа и првите реакции од меѓународните финансиски институции дека можно е Македонија на крајот на годинава да испорача солиден раст на Бруто домашниот производ.
Деловната активност е сериозно подобрена благодарение на намалениот број на заразени на дневна основа, велат од бизнис секторот. Но тоа не значи дека треба веднаш да се опуштиме и да заборавиме колку труд и средства беа потрошени во обид да се спаси се што може во економијата, велат стопанствениците. Кревката финансиска состојба на фирмите може дополнително да се проблематизира доколку се случи нов бран на заразата. Според бизнисмените, во периодот што следи се очекува економијата да биде пред нови предизвици со кои приватниот сектор и државата ќе треба да бараат механизми за што полесно справување.
„Со моменталното смирување на состојбите со пандемијата се бележи зголемена деловна активност, но се уште има бројни предизвици, отворени прашања и неизвесности. Инфлацијата како тренд на раст на цените на која сме сведоци во изминатиот период би можела исто така да има неповолен ефект, а предвремено отстапување од мерките за економска поддршка би можело дополнително да влијае на веќе нарушената ликвидност на компаниите. Според последните официјални податоци, во првиот квартал од 2021 година реалниот БДП забележа реален пад од 1,9%, што покажува дека состојбата се уште не е стабилна“, велат за Денар од Сојузот на стопански комори.
Одговорниот пак за економските политика на Владата Фатмир Битиќи, вели дека економијата на Македонија се опоравува со забрзано темпо. Засега Владата останува на проектираната стапка за економски раст за годинава која е на ниво од 4,1 отсто. Но Битиќи предупредува дека не треба веднаш да се опуштиме.
„Тоа што можам да го кажам е дека ме радува дека речиси сите економски показатели во однос на статистиката покажуваат тренд на подобрување. Јас не можам да кажам дека веќе се опоравивме и заборавивме на се. Не, трендот е нагорен и тоа е за охрабрување. Кога имате просечна плата во државата која оди во нагорна линија и покрај економската криза тоа укажува дека некои работи одат во нагорна линија и мора да дадат одреден оптимизам. И има одредени податоци кои укажуваат дека опоравувањето е малку побрзо и од очекувањето на најголемите скептици“, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Според приоритетите на Министерството за финансии, економскиот раст во во годините пред нас треба да достигнат ниво од пет отсто. Но и раст на платите на граѓаните до 30 отсто. Само на тој начин обичниот човек ќе ги почуствува ефектите од позитивните бројки во економијата.
Од Ресорното министерство очекуваат растот на бруто- инвестициите за годинава да се зголеми за осум отсто, а исто така да порасне и потрошувачката, приватната потрошувачка да се зголеми за четири отсто а пак јавната за 4,3 отсто. Што се однесува до извозот, од Министерството за финансии предвидуваат раст од 10,4 отсто, а кај увозот зголемување за 11 отсто на крајот на 2021 година.
Инаку, Европаската банка за обнова и развој ја зголеми својата прогноза за економски раст на земјава. За годинава оваа меѓународна финансиска институција предвидува раст на БДП од четири отсто. Оваа прогноза е за еден процент повеќе во однос на проекцијата која ЕБОР ја имаше во септември лани за Македонија. Што се однесува за следната година очекувањата на банката е идентично како и за оваа година, односно раст на економијата за четири отсто. Во извештајот на меѓународната финансиска институција се наведува и дека се спроведени низа пакети на помош кои биле фокусирани на поддршка на ликвидноста на погодените сектори во економијата,како и заштита на работните места, но и поддршка на најранливите категории на граѓани се со цел полесно пребродување на кризата. За годинава ЕБОР прогнозира и економски раст за Србија од шесет отсто, за Албанија 4,5 отсто, за Косово четири, и највисок раст на БДП од земјите во регионот за Црна Гора од 8,5 отсто.
И.П