3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Мини шенгенот“ како облога на отворената рана за Западен Балкан!?

„Мини шенгенот“ како облога на отворената рана за Западен Балкан!?

До крајот на годинава ќе треба да се усогласат договорите помеѓу Македонија, Србија и Албанија околу проектот Мини Шенген. Според информациите кои доаѓаат од соседна Србија првичниот договор кој треба да се потпише помеѓу трите држави од Балканот ќе биде за непречен законски проток на работна сила во трите земји. Како една од поволностите засега е граѓаните на трите земји Македонија, Албанија и Србија да може граничните премини да ги поминуваат со лична карта. Инаку, Мини шенген како проект има за цел да ја зголеми соработката помеѓу компаниите од државите од Западен Балкан. Од Владата велат дека Процесот на регионална соработка покажа конкретни придобивки за луѓето од Западен Балкан. Бизнисмените од земјава пак ги поставуваат прашањата, дали доколку ни беше одобрен влез на вратата на ЕУ, ќе размислувавме за една ваква синергија, и дали овој договор може да биде ефикасен ако во него членуваат само три Балкански земји и зошто другите соседи не покажуваат интерес?

Дали овој регионален проект навистина ќе биде од бенефит најпрво за македонското стопанство, а и за економиите од соседството побаравме одговори и ставови од бизнис здруженија, но и од самите влсти. Новата претседателка на Организацијата на Работодавачи Владанка Трајкоска смета дека, сите сме свесни дека нашата состојба на несогласување со соседите, не почитување на препораките дадени од ЕУ, нема во скоро време да ни овозможат влез на толку посакуваната врата на Европската Унија. Трајкоска смета дека сега се со цел да покажеме со соседите дека имаме интерес да работиме како една заедница, челниците на Македонија, Србија и Албанија се одлучија да направат една мала заедница во која меѓусебно непречено ќе ги разменуваат своите ресурси. Таа додава дека земјите од Западен Балкан имаат потешкотии со економската соработка, како што се царините, катастрофална инфраструктура, а тие го кочат и така кревкиот пазарот. Тоа е тоа што треба да се промени. Реалната слика од терен покажува многу гранични премини со заглавени камиони, некогаш и со денови.

„Недостаток на работна сила не е само проблем на македонската економија, туку на целиот регион и пошироко. Нашата држава има сериозен дефицит на лепеза од различни образовни структури. Но, овој проблем е дотолку потежок за Северна Македонија, со оглед дека сме мала земја со ресурсни ограничувања, а особено кога станува збор за човечките ресурси. Искрено, сметаме дека проблемот нема да се реши со овој три партитен договор. Проблемот е многу по сериозен и подлабок, но доколку не се смени културата и политиката на цела Европа, овие обиди на движење на работна сила нема да вроди со плод. За да можеме да направиме каков и да било реформски чекор во обезбедувањето квалитетен кадар согласно потребите на компаниите, потребно е учество на сите општествени чинители како клучен приоритет. Треба еднаш за секогаш да се стремиме да ја вреднуваме продуктивноста на трудово интензивните чинители, а не да се создава кадар кој нема да може своето образование да го имплементира во ова општество“, вели за Денар претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска.

Според податоците кои ги добивме од Стопанската комора на Србија, тие овој договор го оценуваат како важен поттик за бизнисмените кои работат во овие држави. Во однос на слободното движење на работниот кадар, нивните информации велат дека во тек е усогласување меѓу министерствата за внатрешни работи и други надлежни тела, а одлуката за тоа треба да биде донесена во втората половина на оваа година, а најдоцна до крајот на годината. Од српска страна велат дека договорот ќе биде пресвртна точка за Србија, Северна Македонија и Албанија, но дека и другите земји од регионот ќе се приклучат кон него. Според нив по пандемијата, многу меѓународни компании кои имаат свои ланци на Далечниот исток ја разгледуваат можноста за приближување на своето производство до нивните матични компании во Западна Европа. Проблемот со неквалификуваниот кадар ќе се обидат да го го решаваат со засилено дуално образование, економијата и образованието да ги направат една целина. Стопанската комора на Србија нема прецизни податоци за тоа колку недостасува работна сила, но, како што велат, имаат потреба од работници на сезонски работни места, но и во меѓународни компании кои работат во земјата.

„Ние како Западен Балкан можеме да бидеме интересна дестинација за ваков вид на работа. Сепак, студијата што ја направивме со Германската стопанска комора покажа дека многу важен предуслов за компаниите да дојдат да работат тука е квалификувана работна сила. Повеќе од цена на трудот и даночна политика. Се надеваме дека и другите соседи ќе се приклучат, бидејќи има недостаток на работна сила во областа на земјоделството, градежништвото и текстилната индустрија. Ни пријдоа некои италијански компании кои имаат многу проблеми со наоѓање квалитетна работна сила. Познато е дека овие работници доаѓаат од соседните земји, па дури и од одредени земји на ЕУ, така што овој недостаток е некако компензиран, но има потреба да се регулира, овие луѓе да се здравствено осигурани, дека им тече стаж“, велат од Сгопанската комора на Србија.

Иницијативата за регионалната соработка на земјите од Западен Балкан е процес кој постојано се надградува заснован на искрената намера за унапредување на пријателските билатерални односи и регионална соработка, со елиминирање на сите бариери за остварување на овие слободи. Со тоа се дава огромен придонес во остварувањето на заедничката крајна цел – европски стандарди за полноправно членство во ЕУ. Вака Владата накратко го објаснува значењето на овој регионален проект. Според Владата процесот на регионална соработка покажува конкретни придобивки за луѓето од Западен Балкан, а со тоа продолжува заложбата да се обезбедат можности бизнисмените и луѓето да ги нудат своите услуги низ целиот регион, без оглед која е нивната матична земја.

„Претходно камионите чекаа приближно 26 милиони часа секоја година на нашите граници и на тој начин непотребно се губеа една милијарда американски долари. Како што е конципиран овој систем и според потпишаните меѓудржавни договори функционира по сите тие параметри. Во светот помеѓу многу земји има вакви премини и тоа се регулира со билатерални договори и секоја страна избира форма како треба да функционира. Ви укажуваме дека моделот што го избра нашата држава постојано се анализира и се надградува за да функционира без пречки. Иницијативата за подлабока регионална соработка е автентичен процес на Северна Македонија, Албанија и на Србија, но не е затворен клуб. Уште при промовирањето беше упатен повик до сите земјите од Западен Балкан да се приклучат“, велат за Денар од Владата.

А уште пред повеќе од две години, претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески отворено и без заобиколувања, на „Копаоник Бизнис Форумот“ рече дека ЦЕФТА е „мртва“ и дека на регионот му треба нов аранжман под покровителство на Европската унија, со кој би се обезбедиле механизми за постигнување договор што ќе се почитува.

„Регионот доби „Мини Шенген“, кој треба да го забрза протокот на луѓе, стоки, услуги и капитал, но овојпат гарант на тој договор е САД. „Мини Шенген“ е дел од договорот што беше потпишан во Вашингтон, што е значаен за Србија, која е најголем извозник во регионот и за само две години изгуби повеќе од половина милијарда евра поради затворањето на пазарите во Косово“, изјави Азески за српскиот медиум „Политика.“

Првичниот договор помеѓу македонскиот премиер Зоран Заев, премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ за Мини шенгенот кој начелно се договори во Белград, од официјална Тирана една недела подоцна порачаа дека доколку не се приклучат на овој проект и останатите земји од регионот, а особено Косово договорот ќе „падне во вода“. Македонските власти пак овој регионален проект го оценуваат за одлична можност за дополнителна соработка. Освен бизнисмените и поголем дел од експертите на идејата за мини шенген коментираат дека проектот е чист популизам кој конкретно за земјава нема никакво значење. А и покрај неколкуте договори помеѓу земјите од регионот, речиси секоја година во последнава декада сведоци сме на нарушени економски политики помеѓу земји соседи или без разлика каде се наоѓаат на територијата на Западен Балкан.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП