9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКлиматски промени - новата загатка на инфлацијата на централните банки

Климатски промени – новата загатка на инфлацијата на централните банки

За гувернерот на Банката на Англија, Ендру Бејли, борбата против климатските промени претставува инфлаторни ризици доколку нема јасна обврска или ако се одложи дејствието. За Лери Финк, шеф на инвестицискиот гигант „BlackRock“, ризикот е поврзан со избрзана акција во оваа насока.

Кој е во право? Одговорот ќе зависи од тоа како политичарите, инвеститорите и потрошувачите ќе се прилагодат на сложениот пакет варијабли кои, на еден или друг начин, ќе ја преобликуваат глобалната економија во не толку далечна иднина.

Светските политички лидери се упатуваат кон Глазгов на ноемврискиот Самит на ООН за планот за справување со климатските промени до 2050-та година – договорениот рок за елиминирање на емисиите на стакленички гасови од економијата и ограничување на глобалниот раст на температурата на 1,5 Целзиусови степени.

За Бејли, колку подолго се одложува поагресивната акција во оваа насока, толку се поголеми и економските трошоци.

„Хаотичната транзиција, во која построгите политики се воведуваат предоцна за да се надомести штетата, може да доведе и до побавен раст и повисока инфлација како резултат на зголемувањето на трошоците за енергија и суровини во економијата“, предупреди тој.

Во исто време, Финк се фокусира на трошоците што ќе произлезат од пребрзото придвижување кон почиста економија. Според него, брзото озеленување на политиките ќе ја зголеми цената на авијациските горива, што ќе доведе до повисоки цени на летовите.

Тој посочува дека клучното прашање е дали владите се подготвени да станат позелени за сметка на повисоките стапки на инфлација.

Таквиот компромис може да биде незгоден за оние кои веќе се загрижени дека невидени нивоа на пандемиски економски стимул на крајот ќе доведат до прегревање на економиите.

Цената на јаглеродот

Многу економисти би се согласиле дека климатската политика може да доведе до повисоки цени, бидејќи сегашната цена на јаглеродот не ги одразува реалните еколошки трошоци. Значи, секоја политика што ќе се обиде да ги одрази овие трошоци ќе доведе до повисоки цени.

Ова може да биде прилично драматично. Во сценарио објавено од водечките централни банки се вели дека нула за емисии до 2050-та година ќе бидат потребни 160 долари по тон јаглерод диоксид до крајот на деценијата – повеќе од трипати повеќе од цената на сегашниот репер во Европа.

„Транзицијата кон нула емисии и поодржлив свет воопшто, веројатно ќе има инфлациско влијание“, рече Силвија Дал Анџело, висок економист на „Federated Hermes“.

Извештајот на Европската централна банка (ЕЦБ) минатата година истакна дека климатските промени и политиките за нивно решавање може да имаат непредвидливи ефекти врз инфлацијата, дури и до степен до кој напорите на монетарната политика може да ги поткопа стабилните цени.

Екстремните временски прилики што доведуваат до бури, поплави и кризи со вода имаат потенцијал да ги зголемат цените на храната, додека цените на стоките исто така може да се зголемат бидејќи постојаната суша и зголемувањето на нивото на морето создаваат недостиг на обработливо земјиште.

Сепак, добрата енергетска ефикасност може да ги намали сметките за греење во домаќинствата, додека поефикасните возила можат да ги намалат трошоците за гориво.

Претседателот на ЕЦБ, Кристин Лагард, минатата недела на состанокот на министрите за финансии за климата рече дека главниот проблем е точно како да се воведат вакви подолгорочни фактори на краток рок.

„Ранливите економии во развој со години ги чувствуваат ефектите на климатските промени врз нивното земјоделство и другите сектори. Богатите економии сега почнуваат да гледаат закана од пораст на цените“, рече Кетрин Нојс, виш економист во „PGIM“.

Како примери, таа наведува намален проток на вода, што ги попречува клучните рути за снабдување како што е Рајна во 2018-та година, како и забраната за употреба на дизел автомобили од страна на голем број европски урбани центри, што доведе до нагло опаѓање на цената на половни дизел автомобили и стимулирана побарувачка за електрични возила.

„Недостаток на ред на патот кон нулта емисија на штетни гасови може да доведе до понестабилна и повисока просечна инфлација, што би влијаело на способноста на домаќинствата и деловните субјекти да планираат, што пак ќе доведе до недоволно оптимални одлуки за заштеди и инвестиции“, предупредува Нојс .

На крајот на краиштата, климатскиот предизвик подразбира огромни промени за глобалната економија и зголемувањето на инфлацијата може да биде најмалку од наша грижа.

Ако не се направат напори за решавање на проблемот, неактивноста ќе резултира со кумулативна загуба на глобалното економско производство од скоро 25 проценти во следните две децении, според Веи Ли, главен стратег за инвестиции во „BlackRock Investment Institute“.

Според Жан Пазини-Фери, француски економист кој ги моделира климатските сценарија, тој проценува дека влијанието врз светската економија од брзата транзиција кон вистинска одржливост би било слично на шокот од нафтената криза во 1973-та година, што предизвика продолжена инфлација.

Да се ​​балансира таков шок овојпат би било уште потешко, тврди Пазини-Фери, бидејќи економиите ќе мора да инвестираат не само во транзиција, туку и да ја компензираат загубата на постојниот капитал кога конечно ќе бидат блокирани изворите на фосилни горива.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП