Владата нема намера да се откаже од еколошката такса со која ќе собира по 4,13 денари со ДДВ за секој наточен литар нафта и бензини. Законските решенија со кои се воведува нов зелен данок за граѓаните и компаниите, и тоа за намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18 на 5 проценти– утре се точки на дневен ред на владината седница. Одлуката треба да ја аминуваат министрите. Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека планот е зелениот данок да почне да се собира од 1 јули.
„Да бидам прецизен јас во ниту еден момент не реков дека владата размислува да се повлече. Јас реков дека владата носи одлука утре. Јас не можам да зборувам во име на цела влада. Владата е во постојана комуникација со бизнис заедницата. Владата ќе оди со предлог да важат од први јули и со намера дека тоа во Собрание ќе успее да се изгласа во тој период“, изјави минисерто Бесими.
Сите бизнис комори реагираа дека не биле консултирани при носењето на оваа мерка и дека ваквите ад хок решенија се на штета на бизнисот, но и на куповната моќ на граѓаните. Сметаа дека новиот данок ќе мора да го вкалкулираат во цените на нивните производи и услуги, што пак ќе предизвика раст на цените и ќе ја одврти инфлаторната спирала. Бараа владата да најде други алтернативни начини на полнење на државната каса. Коморите гледаа надеж дека ќе ја премислат владата да се откаже од еколошкиот данок и да најде друг алтернативен начин на полнење на државната каса на средбата закажана за неделава.
Од Комората на Северозападна Македонија, велат еколошката такса треба да биде приоритетна точка на платформата за јавно-приватно партнерство на средбата во Владата.
„Реално ние сметаме дека може да има и други алтернативи за оваа тема, а не да се воведат дополнителни трошоци за компаниите. Со нетрпение чекаме во петок да се сретнеме со претставниците на Владата и да ни образложи што и како. Може за понови возила да нема високи царински стапки или да се укине ДДв и слично сигурно има многу повеќе алтернативи да се постигне некоја цел за екологијата. Ова сметаме дека е чисто трошок кој треба да го покрие бизнисот во време на криза кој е апсолутно неприфатлив за нас“- изјави Дриљон Исени, Комора на Северозападна Македонија.
Средба и образложение од Владата побара и најголемата – Стопанската Комора на Северна Македонија.
„Имајќи предвид дека енергенсите се неизбежна ставка во работењето на компаниите, сосема е јасно дека зголемувањето на еколошка такса од 3,5 денари, ќе ги зголеми трошоците на работењето и со тоа ќе ја намали ценовната конкурентност на домашните производи. Заради тоа цениме и побаравме од Владата на РС Македонија да се отвори расправа со Коморите за ова прашање, што е и прифатено. Очекуваме во текот на следната недела на заедничка средба да се отвори расправа по Одлуката за зголемувањето на еколошка такса.“- велат од Стопанската Комора на Северна Македонија.
Од Комората немаат прецизен тајминг кога ќе се одржи средбата, велат тој се договара.
А владата пак одговори дека е отворена за разговори со сите чинители. Дека средбата со Коморите е редовна и ќе биде за да се презентира на бизнисот владиниот план.
„На редовната средба со коморите неделава ќе биде презентиран планот за воведување на таканаречената еколошка такса од први јули 2021. Владата е отворена за разговори со сите чинители. Како дел од процесот на енергетската транзиција и спроведувањето на праведна транзиција во енергетскиот сектор, предвидено е воведување на еколошки такси на загадувачите, вклучувајќи ги и нафтените деривати, а во наредните години и еколошка такса и на јагленот и производството на електрична енергија од јаглен, во согласност со политиките на ЕУ и обврските од Парискиот Договор“, одговорија од Владата.
Министерот Бесими кажа дека еколошка такса се регулира со закон од Министерството за животна средина и просторно планирање и тие средства ќе се користат за проекти за обновливи извори на енергија, енегетска ефикасност, како и за зелената агенда.
„Има разни програми кои се дефинирани во овој дел, има посебен фонд и посебна потпрограми отворена со ребалансот, но и други проекти и програми во рамки на буџетот што се за оваа намена во однос на проекти за подобра животна средина“, рече министерот.
Бесими кажа дека двете законски новини и таа за еколошката такса, и таа за ДДВ кај електричната енергија се веќе вкалкулирани во ребалансот на буџетот.
Според најавите, ДДВ-то кај електирчната енергија за домаќинствата треба од 1 јули 2021 година да се намали од 18 на пет отсто, потоа наредната година да биде на ниво од 10 отсто и третата година да се врати на 18 отсто. Целта е да се помогне на домаќинствата во транзитниот период на либерализација на пазарот на електрична енергија.
Математиката на Владата е за шест месеци да собере 27,4 милиони евра во буџетот од еколошката такса. Или годишно во државната каса да влегуваат по 54 милиони евра. Со тоа треба да се компензира ударот врз буџетот од намаленото ДДВ за електричната енергија, решение кое пак се носи за да се спречи струен шок за граѓаните, од повисоки сметки за електрична енергија од август.
С.А