25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСамо со драконски казни може да им се дотера умот на несовесните...

Само со драконски казни може да им се дотера умот на несовесните газди!

Најновите информации кои пристигнаа од Управата за јавни приходи, дека 181 компанија не им ги исплатиле платите на своите работници за месеците февруари и март, а при тоа за нив пари добиле од државата, само ги потврдува стравувањата и алармирањето на синдикатот дека наместо на сметките на фирмите Владата требаше средствата да ги префрли лично на трансакциските на вработените. Податоците на државната институција велат дека 753 работници не земале плата за февруари и март иако нивните работодавачи аплицирале и добиле средства од државната каса, како антикризна мерка во борбата против здравствено-економската криза. Властите велат дека ќе следуваат засилени контроли и инспекциски надзори. Синдикатите пак најавуваат сериозна офанзива против несовесните газди кои си ги задржале парите кои биле наменети за вработените.

Сојузот на синдикати на Македонија е гневен на повторното неисплатување на платите кои се субвенционирани од страна на државата за вработени кои се дел од компании погодени од корона кризата. Синдикалците веќе стартуваа со посериозна борба против газдите кои што не сакаат да го ценат трудот на работникот. Од ССМ велат дека веќе воспоставиле добра соработка со Државниот инспекторат за труд кој според нив навремено постапува по нивните пријави и што е многу важно навремено информира за преземените активности. Но од синдикатот велат дека досегашната пракса покажала извесни недоследности кога станува збор за постапување на работодавачите по решенија издадени од инспекторатот за труд. Податоците велат дека е изречена една мандатна казна, а биле прекршени права на 350 работници токму за неисплатена плата во текстилната индустрија. Во друг случај имало изречена една санкција за незаконит отказ на 70 работници исто така во текстилната индустрија. Во трет случај пак, само една казна за неисплатен регрес за годишен одмор за 80 работници во угостителскиот сектор.

„Поради тоа службите на ССМ сега поднесуваат поединечни пријави за секое прекршување на работничките права за секој работник одделно, со цел работодавачот да ја сфати сериозноста на прекршувањето на работничките права и да му биде определа казна за секој работник поединечно. Сметеме дека на тој начин ќе ги натераме несовесните газди да ги почитуваат работничките права уредени со закон да бараат социјален дијалог со синдикатот како претставник на работниците за уредување на работните односи со колективни договори и по пат на преговори. До Државниот инспектор за труд апелираме за секое поединечно кршење на работнички права  да изрекуваат соодветни казни и да носат поединечни решениеја за секој работник поединечно за секој месец посебно за прекршување на Закон и Колективен договор од страна на работодавачот, во спротивно ќе сметаме дека укажувањата на работниците се вистинити во поглед на вршењето на работата на Инспекторите на терен за кои работниците сметаат дека инспекторите наместо да ги заштитат правата на работниците, истите им помагаат на работодавачите да не ги почитуваат Законите и Колективните договори, а за тоа им изрекуваат и најблаги санкции и тоа само по еден збирен записник или едно збирно решение, имајќи во предвид дека глобите за прекршоците утврдени во Законот се многу ниски, а истите доколку се платат во определениот законски рок се преполовуваат“,  велат за Денар од ССМ.

Според законското решение со еден платен налог издаден од ДИТ за среден работодавач за глоба од 300-600 евра, работодавачот може да не исплаќа плата на работниците, а доколку инспекторот за секое поединечно прекршено право на секој еден работник би го казнил согласно Закон работодавачот, тоа би делувало на работодавачот да не врши повеќе прекршување на работничките права со оглед на големите финансиски импликации за казната. На пример, за 350 работници на кои не им била исплатена платата работодавачот ќе бил казнет со 350 х 300 до 600 евра или минимум 105.000 евра или максимум 210.000 евра наместо само 300-600 евра за сите прекршени права. Дополнително ССМ укажува дека покрај казната работодавачот секако е должен да ја исплати и платата на работниците, а доколку не го стори тоа во името на работниците ССМ ќе води судски постапки па работодавачот ќе биде должен покрај казните, да ги исплати платите и трошоците за судската постапка кои не се мали.

„Сметаме дека доколку секој би си ја вршен својата работа како Инспекторите, работодавачите и синдикатите, работниците би работеле во услови кога ќе им се почитуваат работничките права па така тие со својот труд ќе придонесат за економскиот развој. Апелираме и до останатите организации кои се кажуваат дека ги заштитуваат работничките права, доколку им е потребна помош да се обратат до ССМ за да им помогнеме, за да не им прават штета на работниците кога поднесуваат пријави за прекршување на работнички права. Во текот на овој месец ССМ за да обезбеди поголема достапност за работниците во услови на здравствена криза и модернизирајќи го своето работење, отвори нова мобилна апликација ССМ – мои работнички права преку која работниците можат да пријавуваат прекршување на работнички права за себе, за друг и анонимно по електронски пат“, додаваат од синдикатот.

Податоците велат дека заклучно со 03.06.2021 година ССМ поднесе 87 пријави до Државниот инспекторат за труд за прекршување на правата од работен однос за неисплатени плати, неуплатени придонеси и надоместоци од плата, незаконито прекинување на работноиот однос иако во име на тие работници работодавачот добил финансиска поддршка за плати на тие работници.

Ресорната министерка за труд и социјала Јагода Шахпаска смета дека со засилени инспекциски контроли ќе се стави крај на ваквата пракса на дел од работодавачите да ја злоупотребуваат државната помош за плати на работниците. Таа ги повика како што рече надлежните институции да си ја завршат работат и да ги санкционираат оние работодавачи кои го прекршиле законот. Организациите на работодавачите и сите бизнис здуженија како првиот пак така и сега ги осудуваат колегите кои не постапиле според правилата и наместо да ги префлат парите кои ги добиле од државата за плата на своите вработени тие си ги задржале за себе. Биснис секторот се оградува од овие несовени работодавачи и бара да бидат санкционирани соодветно за ова повеќе никогаш да не се повтори.

Инаку, пред речиси една година, Јавното обвинителство отвори случај за околу 300 несовесни работодавачи кои го направија истото дело и не им ги исплатија државните пари на своите работници. Од Обвинителството засега нема ниту збор до каде е случајот и зошто толку се  пролонгира целата постапка. Синдикатот сепак е оптимист дека со новата постапка на поднесување на пријава против газдите за секој работник поединечно напорите ќе се исплатат и на несовесните работодавачи ќе им дојде умот и веќе еднаш ќе сватат дека само задоволен работник може да направи успешна компанија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП