Домашните јајца од „трчани“ селски кокошки годинава добија речиси симболичен статус на деликатес – се продаваат по 15 денари за парче, а побарувачката постојано расте.
Иако за некого ова можеби изгледа како мала работа, за оние што со години се снабдуваат со јајца од село, ситуацијата е поинаква: цената е двојно поголема од лани, а листата на чекање за „вистинско јајце“ никогаш не била подолга.
„Имам 22 кокошки. Секој ден ми снесуваат по 15-18 јајца. Сѐ што ќе изнесам, ми го земаат. Не стигнува. И тоа по 15 денари – никој не се жали. Се јавуваат и од Скопје да дојдат по 30 јајца“, вели Благоја од Кумановско, кој со години продава само на познаници, но сега размислува да го прошири бизнисот.
Причината за растот на цената, како што објаснуваат самите одгледувачи, е едноставна – кокошките што не се затворени во кафези, туку се хранат природно и се движат слободно, бараат повеќе нега, време и вложување.
Освен житарките, мора да се внимава на хигиената, на болестите, а и на тоа што кокошките не снесуваат секој ден.
„Ова не се фабрички кокошки. Ако е топло, не снасуваат. Ако се под стрес, исто така не снасуваат. Ако не им е чисто, уште толку. А народот сака јајце жолто ко сонце и да биде здраво – е па тоа чини“, објаснува Весна Арсовска од велешко село.
Во време кога недовербата кон индустриските јајца расте, особено по неколкуте скандали со увозни поевтини серии, сѐ повеќе семејства се враќаат на купување од познати, од баби и тетки од село, од соседи кои чуваат кокошки во дворот.
„Јас не одам по маркети, одам кај тетка Мира во Ѓорче. Секогаш има 10-тина јајца за мене, ама ако задоцнам – останувам без јајца. Тоа ти е, домашното сега е повредно од злато“, вели Кристина, млада мајка од Скопје.
Експертите велат дека овој тренд само ќе се засилува, бидејќи граѓаните сѐ повеќе се насочуваат кон здрава исхрана, а производите „од село“ веќе не се само алтернатива, туку приоритет.
„Големиот интерес за автентична, непроцесирана храна го покачи имиџот на домашните производи. Сега тие се луксузна категорија, а не сиромашна храна“, објаснува социологот Љубица Маџовска.
Ако порано бабините јајца се купуваа од куртоазија – денес се чека ред за нив.
Иако цената од 15 денари изгледа висока, за многумина, мирот во глава дека детето јаде „вистинско“ јајце – не се плаќа со пари.
Б.З.М.