29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнтервју со Горан Василев, Генерален директор на ИутеКредит Македонија

Интервју со Горан Василев, Генерален директор на ИутеКредит Македонија

Технолошките иновации и технолошките компании радикално се променија во последните децении. Финтек индустријата брзо се разви во последните години. Неизбежно беше и кај нас да се појават финансиски друштва кои користат напредни дигитални алатки со цел полесен и побрз пристап на граѓаните до финансиските услуги. Разговаравме со Горан Василев, генерален директор на една од најактивните финтек компании во земјава ИутеКредит Македонија.

Денар: ИутеКредит Македонија функционира во Македонија од 2017 година. Како сте позиционирани на пазарот во земјава и какви се перформансите на компанијата?

ИутеКредит Македонија е небанкарска финансиска институција, членка на Иутекредит Европа, со седиште во Талин, Естонија. Освен во Македонија и Естонија, нашата Групација е присутна и во Молдавија, Албанија, Босна и Херцеговина и Бугарија, веќе 13 години. Плановите за натамошно ширење, особено на Балканот, се доста амбициозни.

Кредитното портфолио на ИутеКредит Македонија се ближи кон 15м евра, а сопствениот капитал е 1,5м евра. Со ова, ние сме најголема компанија во нашата индустрија, во која се регистрирани 30тина фирми, со околу 20% пазарно учество. Минатата пандемиска година, вкупните приходи на компанијата достигнаа 390м денари. Деновиве ја отвараме нашата 9та експозитура, а до крајот на годината планираме да отвориме уште најмалку една.

Денар: И покрај сѐ уште ниското учество на финансиските друштва во вкупната кредитна активност на земјата, гледаме висок процент на раст на кредитирањето како и зголемување на бројот на нови киенти. Поради што најмногу се одлучуваат граѓаните да аплицираат кај финансиските друштва?

Со околу 60тина милиони евра кредити за население и 15тина милиони евра корпоративни кредити, нашиот сектор има пазарно учество на ниво на статистичка грешка, од околу 1% во вкупното пазарно портфолио во Македонија, каде главен збор водат банките, со преку 80% пазарно учество. Сепак растот на кредитите и бројот на нови клиенти е евидентен. За тоа постојат повеќе причини, како што е ниската стартна основа, растот на небакарски клиенти (клиенти за кои вратите во банка се затворени), како и понудата на иновативни финансиски решенија, со кои се зголемува задоволството од корисничкото искуство.

Денар: Како македонските граѓани ги прифаќаат современите дигитални алатки кои ги нудат финтек компаниите?

Нашите производи беа револуционерни на пазарот, ние понудивме кредити “без хартија” за само неколку минути, од аплицирање до исплата. Со тоа, почнавме да ги менуваме очекувањата на нашите граѓани за финансиско корисничко патување. Пред да се појават нашите фирми, граѓаните чекаа со недели само за одговор на кредитно барање, требаше да се оди во банка, да се чека на шалтер, да се доставуваат документи, да се потпишуваат барања, да се уплаќаат провизии за обработка, да се чека на долготрајни мануелни анализи, исплата…. Сето тоа се сведе на неколку клика од домашен компјутер или мобилен телефон, и неколку минути искуство. Со ова се изврши притисок и врз ригидниот банкарски сектор да не следи во иновациите, кои во развиениот финансиски свет се одамна во примена.

Денар: На пазарот во Македонија функционираат голем број финансиски друштва кои нудат различни услови во доменот на кредитирањето. Како се справувате со конкуренцијата и по што се разликува ИутеКредит Македонија од останатите финтек компании?

Како што напоменав, во индустријата функционираат 30тина фирми, од кои повеќето се основани со минимален основачки капитал од 100.000 евра, и со минимални инвестиции.

ИутеКредит Македонија е компанија која црпи искуство од мулти национална Групација, со седиште во најдигиталната членка на ЕУ, а можеби и во светот. Од самиот старт се инвестираше во напредни технологии за прием на кредитни барања, автоматска анализа и поврзаност помеѓу сите чинители на процесот, безбедна авторизација и без готовинска трансакција.

ИутеКредит Македонија е првата (и засега единствена) небанкарска финансиска институција лиценцирана за издавање на Mastercard картичките, во Македонија и во регионот. Ова за нас е големо признание за почитување на строгите критериуми кои ги наметнува глобалниот картичен бренд MasterCard, а за нашите клиенти е можност, во било кој дел од денот (и ноќта), од било кој дел на светот, да аплицираат за кредит, за неколку минути добијат одобрување, и средствата ги имаат на располагање на својата картичка. Од истата можат да повлечат пари од било кој банкомат или да плаќаат во трговската мрежа или online.

Нашата компанија соработува со широка мрежа на трговци, каде нашите клиенти можат да купуваат производи на рати, услуга исто така достапна во минути.

Дополнително, паралелно со процесот на дигитализација, ние инвестираме и во отварање на експозитури, каде нашите клиенти кои претпочитаат директен контакт, имаат можност во живо да поразговараат со нашите кредитни советници, добијат совет и брза услуга.

Денар: Пред пандемијата финансиските друштва доживеаја експанзија и имаа еден континуиран раст. Како се одрази пандемијата врз работењето на ИутеКредит Македонија?

Перманентното инвестирање во дигитализација ни овозможи брзо да се адаптираме на ново настанатата ситуација. Нашите вработени лесно се прилагодија на работа од дома, а нашите клиенти не почувствуваа никакви не сакани последици.

Ние бевме една од ретките компании која не отпушти ниту еден свој вработен и стриктно ги применуваше законските прописи за време на вонредната состојба, почитувајќи ги сите Ковид протоколи за заштита.

Сето тоа беше препознаено од нашите клиенти, кои го интензивираат своето работење со нас.

Од друга страна, нашите инвеститори продолжија со инвестиции во напредна технологија, за време на целиот кризен и пост кризен период, па така сега можеме да се пофалиме со многу новини кои ги имплементираме.

Една од нив е MyIute апликацијата, која е најсовремена алатка за управување со сопствените финансии, преку едноставно, брзо и дигитално аплицирање за кредит, потпишување на договор, следење на состојба на финансиските средства, отплата, добивање нови понуди…

Во скоро време, на нашите клиенти ќе им понудиме и нова комфорност, а тоа е бескартични “кешомати” преку кои на многу лесен начин ќе доаѓаат до своите средства.

Исто така, многу нови производи ќе следат во текот на летните месеци кои се пред нас.

Во текот на пандемијата, ИутеКредит Македонија како општествено одговорна компанија направи донација на медицинска заштитна опрема за дел од клиниките од Клиничкиот центар “Maјка Тереза” во Скопје, а организиравме и крводарителска акција во која учествуваа вработените од компанијата.

Општествено одговорните проекти се дел од секојдневното работење на ИутеКредит Македонија – активно поддржуваме неколку спортски клубови, имаме одлична соработка со Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, во соработка со Универзитетот Американ Колеџ доделуваме стипендии за додипломски и постдипломски студии, а со компанијата Пакомак реализираме активности за разубавување на општините кадешто во моментов имаме експозитури, со поставување на дрвени сетови клупи за друштвени игри. Оваа година потпишавме и меморандум за соработка со СОС Детско село каде сме дел од заеднички проекти за нивните штитеници.

Денар: Да направиме една компарација, како функционира финансискиот систем во Македонија, а како во западниот свет? Каде треба да се подобриме и колку тука треба да придонесе регулаторот?

Македонскиот финансиски сектор е банкоцентричен, што го прави доста не развиен и ригиден кон финансиски новитети, кои во развиениот свет се веќе одамна на располагање. Во минатиот период, со влезот на нашите фирми, работите се менуваат на подобро и сведоци сме на почетна дигитална трансформација. Сепак, треба доста да се менува, а тука многу работи зависат и до амбиентот кој го креираат регулаторните тела.

Со нетрпение го очекуваме долго пролонгираниот, нов закон за платен промет, кој конечно ќе го отпочне процесот на демонополизирање на банкарскиот сектор и ќе даде можност за влез на нови играчи на пазарот, понуда на нови производи, пад на провизии и поголема инклузивност на граѓаните и фирмите.

Се очекува и нов закон за финансиски друштва, кој би требало да стави крај на доста не доречености во нашиот сектор, од аспект на регулативата и почитувањето за законските прописи, со што и нашиот сектор ќе продолжи да се развива во насока на квалитет, а не на квантитет, односно ќе опстанат само фирмите кои инвестираат во технологија, знаење, развој на човечки ресурси и секако почитување на правилата за игра.

Денар: Какви се Вашите очекувања за во иднина?

Иднината, сакале ние или не, е секако во развој на финтек, дигитализација, напредни технологии, но и во едукација на вработените, а и клиентите. Пандемијата само го забрза овој процес.

Мои очекувања се да се донесат претходно споменатите закони и нивна доследна имплементација, што ќе овозможи рамноправна и фер конкуренција на македонскиот финансиски пазар, и можност за брз развој, подобра сатисфакција на корисниците, следење на глобалните финансиски текови и поголема интеграција на нашето општество во истите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП