18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Германија поради пандемијата поскапи цени на телевизорите и лаптопите

Во Германија поради пандемијата поскапи цени на телевизорите и лаптопите

До сега, непишано правило беше дека цените на новите модели на ТВ или лаптоп паѓаат неколку месеци откако ќе се појават на пазарот. Значи, кој сака да заштеди треба да почека. Но, поради короната, ова правило повеќе не важи, пишува Дојче веле.

Работа од дома наместо одење во канцеларија, купување преку интернет наместо шетање низ продавници, комуникација преку интернет со пријателите наместо средба во кафуле. Корона кризата промени многу навики во Германија. И со цените на мало, одеднаш се применуваат други правила, како што покажаа бројни студии на пазарот.

Ева Штубер од Институтот за истражување на трговија (IFH) во Келн вели дека конкурентноста одеднаш е помалку важна од достапноста на пазарот за утврдување на цените на многу производи, како што се лаптопите или велосипедите. „Одеднаш старите правила веќе не важат – да речеме, како она правило дека цените на новите електронски уреди почнуваат да паѓаат по неколку месеци“, објаснува таа.

Наместо да поевтинат – поскапеа

Овие проценки се потврдени со две нови студии. Истражувањето спроведено од порталот за потрошувачи Testberichte.de помеѓу мај 2019 и февруари 2021 година, кое ги анализира движењата на цените во повеќе од 1.000 категории производи, покажа дека корона кризата доведе до значително зголемување на цената на цела палета производи. Значи, цената на веб-камерите е двојно зголемена од мај минатата година. Прво на тоа влијаеше слабата понуда како резултат на првото заклучување во Кина, потоа зголемената побарувачка како резултат на зголемениот број луѓе во Германија кои започнаа да работат од дома, а потоа и логистичките проблеми.

Според студијата на порталот Testberichte.de, во времето на короната, не само што не важело правилото за паѓање на цените на новите модели на телевизори, лаптопи или принтери, неколку месеци откако тие се појавија на пазарот, напротив: кој и да очекуваше да профитира од одложувањето на набавката, може да доживее непријатно изненадување. На пример, компјутерите поскапеа во просек за 79 проценти, а печатачите за 19 проценти.

Сепак, некои други категории производи исто така забележаа зголемувања на цените како резултат на променетиот начин на живот за време на ерата на короната. На пример, кујнските апарати (раст на цената во просек од 25,4 проценти), машини за миење садови (20 проценти) и машини за вежбање (18 проценти). Термометрите за мерење на температурата на телото и машинките за потстрижување исто така поскапеа.

Нормализација на повидок

До сличен заклучок дојде и потрошувачкиот форум mydealz, кој ги спореди цените на 550 производи по случаен избор, во периодот од 15 февруари минатата година до 15 февруари годинава. Повеќе од половина од производите поскапеа. „Пандемијата на коронавирусот ги исфрли пазарите од рамнотежа“, вели основачот на фирмата, Фабијан Спилбергер. Не поскапеа само телевизорите и принтерите, туку и приборот за јадење, садовите и чашите, како и филмовите и видео игрите.

Видео игрите станаа уште побарани во ерата на коронавирусот

Тој додава дека короната предизвика еден вид верижна реакција со логистички проблеми, тешкотии во снабдувањето и нагло зголемување на побарувачката. За Ева Штубер е јасно: „Пандемијата делумно ја поништи стратегијата за профилирање во пазарната конкуренција пред се преку цената. Во моментот, победник е оној кој има добра логистика и навистина може да го испорача производот – дури и по целосна цена.”

Но, Фабијан Спилбергер ја гледа светлината на крајот од тунелот и вели дека видлива нормализација е веќе видлива во одредени категории производи. Така, цените на веб-камерите повторно значително паднаа, иако сè уште не се на нивото пред избувнувањето на корона кризата.

„Побарувачката полека опаѓа, така што ги смирува и цените“, вели Спилбергер. Тој посочува дека состојбата во врска со логистиката исто така е подобрена и го изразува своето верување дека цените наскоро ќе се стабилизираат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП