29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДенар анализа: Развојната Банка исплатила над 4000 бескаматни кредити за поддршка на...

Денар анализа: Развојната Банка исплатила над 4000 бескаматни кредити за поддршка на стопанството во пандемијата

Од трите кредитни линии од Развојната Банка досега се одобрени 4054 кредити со вкупна вредност од 44,5 милиони евра. За програмата „Ковид 1“ на располагање компаниите имаа 5,5 милиони евра, а Банката според информациите одобрила 737 кредити. „Ковид 2“ програмата на располагање на фирмите им стави осум милиони евра, а одобрени беа 639 кредити. Од кредитната линија „Ковид 3“ пак компаниите аплицираа за дел од колачот вреден 31 милион евра, а Банката одобрила 2678 кредити. 

Поддршката на стопанството преку бескаматни кредити од Развојната Банка започна со компонентата „Ковид 1“. Оваа програма ги таргетираше најпогодените сектори на стартот од пандемијата, односно угостителството, транспортот и туризмот. Надлежните оваа кредитна линија ја воведоа како можност за ликвидносна поддршка на компаниите и со цел да се намалат негативните ефекти од здравствено-економската криза. Со „Ковид 1“ повеќе од половина или точно 55 отсто од кредитните барања на бизнисмените се одобрени во секторот угостителство. Во транспортниот сектор поддршка од Банката за развој добиле 44 отсто од кредитобарателите. Што се однесува до туристичкиот сектор, на стартот на кризата само четири отсто од компаниите добиле позитивен одговор од Банката за подигнување кредит кој ќе биде без камата.

Во оваа анализа на Денар се осврнуваме и на големината на компаниите кои конкурирале за бескаматни кредити. Податоците кои ги добивме од Развојната Банка велат дека најголем дел или 77 отсто од одобрените кредитни барања во „Ковид 1“ биле за микро компании, или пак компании кои имаат до 10 вработени.  

Како што се продлабочуваше кризата така растеше и потребата од финансии на компаниите, па од Банката за развој оценија дека треба да се прошири опфатот на фирми на кои им треба помош. Па така  „Ковид 2“ програмата ги опфати и микро, малите и средни претпријатија од сите сектори. За овие компании беа одобрени 639 кредитни барања. Податоците велат дека 63 отсто од одобрените кредити биле за фирми во кои работат до 10 вработени. Станува збор за 404 компании кои добиле поддршка од „Ковид 2“.

Следуваше „Ковид 3“ кредитната линија во која беа вклучени микро и мали трговски друштва, трговци поединци, но и занаетчии кои можат да докажат реален пад на приходите и тоа најмалку 20 отсто. Податоците за оваа кредитна линија велат дека од одобрените кредити, 53 отсто се за мали трговски друштва. Микро трговските друштва учествуваат со 39 отсто во одобрените кредити, а само шест отсто беа наменети за трговци поединци и два отсто одобрени за занаетчии кои побарале поддршка од Банката за развој.

За секоја од кредитните линии имаше Јавен повик кој ги содржеше условите за аплицирање на компаниите. Надлежните велат дека целта била да се обезбеди соодветна кредитна поддршка.

„Кај ,,Ковид 1” кредитната линија можеа да аплицираат само компании од областа на угостителството, транспортот и туризмот, кои беа првите сектори на удар на КОВИД-19 во земјата. Понатаму, кај ,,Ковид 3” кредитната линија е вклучена и грант компонента до 30 % од износот на кредитот за одредени категории на компании кај кои има потреба да ги имаме се почесто во економијата, такви се на пример компаниите основани и раководени од жени, компании основани и раководени од млади. Исто така, компаниите кои се фокусирани на извоз, односно компаниите кои извезле повеќе од 50% последната фискална година и компаниите фокусирани на дигитализација, воведување нови производи, канали на продажба и слично. Поволностите кои ги добиваат компаниите се неколку, пред се’ тука е каматната стапка која изнесува 0%. Грејс периодите за сите кредитни линии кои ги реализиравме досега се од 6 до 12 месеци, со период на отплата од 24 до 36 месеци“, велат од Развојната банка.

„Ковид 1“: предвидено беше минимален износ на кредитот да биде 184 илјади денари.  А пак, максималната сума зависеше од бројот на вработени во фирмата односно, за компании до 10 вработени можеше да им се одобри кредит до 307.500 денари. За компании од 11 до 50 вработени максималната сума достигна 922.500 денари, додека за компании со 51 до 250 вработени имаа опција да подигнат кредит и до 1.845.000 денари.  

Начинот на кредитирање се одвиваше директно преку Развојната Банка на Македонија. Роковите за отплата се две години со вклучен грејс период од шест месеци, но од Банката напоменуваат дека дополнително се дадени плус три месеци рок за отплата.

Од Банката посочуваат дека кредитокорисници претежно биле трговски друштва активни во транспортниот сектор, туризмот и угостителство кои исполнувале соодветни критериуми. Компаниите имаат обврска да се регистрирани во земјава, да бидат најмалку со 51 отсто приватна сопственост, да немаат неплатени даноци и придонеси, освен ако на истите им е одобрено одложено плаќање на даноците и придонесите во согласност со посебните прописи и истите редовно да ги плаќаат. Дополнително, компаниите не треба да бидат во постапка на стечај или ликвидација, да работат подолго од 6 месеци и да имаат поднесено годишна сметка во Централен регистар. Согласно финансиските извештаи за последната  фискална година компанијата кредитобарател треба да има главнина и резерви кои се наведени во билансот на состојба не помалку од 50% од износот на бараниот кредит. Исто така, показателот за степенот на финансиска задолженост на компанијата треба да е помал од 4, а се пресметува како сооднос помеѓу вкупни обврски  по заеми и кредити, главнина и резерви. Показателот се пресметува на база на биланс на состојба од последната фискална година.

„Ковид 2“: Износот на кредитот во овој случај или за оваа кредитна линија зависеше од бројот на вработени. Правилата велат дека претпријатието може да аплицира и да му биде одобрено максимален износ на кредит пресметан по следната формула 14.500 денари х 3 месеци х број на вработени. Максималниот предвиден износ на кредит на кредитокорисникот неможеше да биде повисок од 5.535.000 денари, а минималниот износ на кредитот неможеше да биде под 184.500 денари. По исклучок, претпријатијата кои имаат до 5 вработени, можеа да аплицираат за кредит од 184.500 денари и претпијатијата со вработени од 128 до 250 вработени можеа да аплицираат за кредит до 5.535.000 денари.

Според критериумите за оваа кредитна линија која беше наменета за микро мали и средни претпријатија, потребни беа и одредени услови за одобрување на кредит. Освен да се регистрирани во Македонија и да се со најмалку 51 отсто во приватна сопственост како и претходната кредитна линија останати критериуми за добивање кредит беа и  намалувањето на приходите на кредитобарателот треба да бидат за повеќе од 30% во тековниот период, кој ќе се утврди според податоците за приходи од последно расположивиот месец во 2020 година споредено со приходите од истиот месец во 2020 година или податоците за приходи од последно расположивиот месец во 2020 година споредено со просечниот месечен приход во 2019 година.

„Да немаат неплатени даноци и придонеси, освен ако на истите им е одобрено одложено плаќање на даноците и придонесите во согласност со посебните прописи и истите редовно ги плаќаат заклучно со 31.01.2020 година. Да не се во постапка на стечај или ликвидација. Да работат подолго од 6 месеци и да имаат поднесено годишна сметка во Централен регистар. Согласно финансиските извештаи за последната фискална година да има главнина и резерви (наведен во билансот на состојба) не помалку од 33% од износот на бараниот кредит. Согласно податоците од кредитен регистар на НБРСМ со состојба 31.01.2020 година се во класификација подобра или еднаква на Б (се врши пресметка на просечна ризичност) или кои немаат кредитна изложеност. Показателот за степенот на финансиска задолженост на компанијата треба да е помал од 5, а се пресметува како сооднос помеѓу вкупни обврски по заеми и кредити/ главнина и резерви. Показателот се пресметува на база на биланс на состојба од последната фискална година.“

„Ковид 3“: Со оваа кредитна линија предвидено беше максималниот износ на кредитот кој може да биде одобрен да не надминува износ од 922.500 денари, а за трговец поединец и занаетчија максималниот износ да не надмине износ од 307.500 денари. Минималниот износ на кредит кој можеше да биде одобрен на кредитокорисник од оваа кредитна линија не можеше да биде помал од 184.500 денари. Што се однесува до условите за добивање на кредитот, и во оваа компонента важат основните критериуми како и во претходните две кредитни линии, како што се податоци за тековната состојба микро и мали трговски друштва, трговци поединци, занаетчии, податоци за платени давачки и придонеси, да не се во процес на стечај или ликвидација.

Од Развојната банка посочуваат дека постои можност на кредитокорисникот да му се отпише долгот во износ од 30% од износот на кредитот, доколку кредитокорисникот поднесе барање и доколку спаѓа во некоја од следните категории:

  • Има жена/жени во сопственичка структура најмалку 50% или е раководен од жена (жена-управител).
  • Има млади до 29 години во сопственичка структура најмалку 50% или е раководен од млади до 29 години (млад-управител).
  • Кредитокорисник-извозник со учество на приходот од странство со повеќе од 50% во финансиските извештаи за последната фискална година.

Коронавирусот наметна потреба од минимизирање на физичките контакти и оттука целиот процес на апликација е електронски, велат од Развојната банка. За секоја бескаматна кредитна линија беше распишан Јавен повик. Повикот беше презентиран јавно, и објавен на веб страницата, и во најмалку два дневни весника.

Ставот на компаниите е дека овие кредити до некаде им помогнаа на бизнисмените во борбата за одржување на ликвидноста. Но ставот на стопанските комори е дека државната помош мора да продолжи и понатаму и стопанството да добие свежи пари за што е можно полесно надминување на кризата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП