29 мај, 2024
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈА„Финтек револуција“ во тек: Тие сериозно започнаа да им дишат на банките...

„Финтек револуција“ во тек: Тие сериозно започнаа да им дишат на банките во врат

Во текот на минатата година, практично секоја трета трансакција за плаќање во Литванија беше извршена преку услуги за електронско плаќање.

Статусот за најбрзо растечки центар за финансиски стартапи (финтек) во Европската унија донесе значителни промени во банкарскиот систем на Литванија.

Според Блумберг, забележлива е „еволутивна транзиција“ од традиционалните банкарски услуги кон трансакции преку услуги за плаќање преку интернет во таа земја. Во таа балтичка држава, во банкарскиот систем доминираат скандинавските банки, како што се шведската СЕБ банка и Сведбанк.

Трансформација

Сепак, пред четири години, Литванија се приклучи на глобалниот тренд на преобликување на банкарските услуги, нудејќи едноставен и брз процес за лиценцирање на финтек компании од сите 27 земји-членки на ЕУ.

Централната банка досега има лиценцирано 132 компании за електронско плаќање, а во 2021 година очекува бројот на нови лиценци да порасне побрзо отколку во било која друга земја на ЕУ.

51 милијарди беше обемот на финтек трансакции во четвртиот квартал

Затоа, Литванија е на високото четврто место на листата на најсоодветни средини за деловно работење со финтек. Витас Василијаускас, гувернер на централната банка чиј мандат истекува на 7 април, посочува дека трансакциите преку финансиски стартапи значително се зголемија минатата година.

На пример, во 2019 година, трансакциите во банките учествуваа со 89 проценти, додека нешто повеќе од 11 проценти од трансакциите беа извршени преку финтек компании.

Но, делумно и заради пандемијата на коронавирусот, учеството на трансакциите со финтек минатата година се искачи на дури 27,4 проценти, додека трансакциите во банките паднаа на 72 проценти.

Сепак, Василиаускас признава дека ваквиот скок во платежните трансакции преку „fintech“ го зголемува ризикот од случаи на перење пари, особено по слични скандали во соседна Естонија и Летонија.

Дополнително време

„Воспоставен е екосистемот за финтек, што значи дека можеме да очекуваме некои промени во конкуренцијата во финансиските услуги“, рече Василијаускас.

„Потребно ни е дополнително време за поголеми промени затоа што финтех компаниите треба да станат посилни. Но, во областа на плаќањата, од година во година гледаме намалување на улогата на банкарскиот сектор и зголемување на улогата на финтех“, додаде литванскиот гувернер.

64 проценти од сите платни трансакции во Литванија се однесуваат на трансакции со картички, покажуваат статистичките податоци

Во четвртиот квартал од минатата година, вкупниот обем на трансакции на платежни услуги и институции за електронски пари тројно се зголеми на годишно ниво, достигнувајќи 51 милијарда евра.

Користењето картички скокна за 32 проценти за време на пандемијата, така што тој тип сега опфаќа 64 проценти од сите платежни трансакции. Покрај зголемената употреба на е-трговијата заради пандемиските мерки, зголемени количини на трансакции со финтек се генерирани и од компании како „Revolut“, кој ги пресели своите седишта на Балтикот во пресрет на Брегзит.

Сепак, литванската „финтек револуција“ не е без ризици. Гувернерот Василијаускас посочува дека регулативите за надзор продолжуваат да заостануваат зад развојот на индустријата.

„Можеме да очекуваме некои грешки, но ако сакате да постигнете нешто, мора да ризикувате. Но, во овој момент сум доста задоволен“, заклучи Василијаускас.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП