26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛагард: Фондот за обнова мора веднаш да профункционира

Лагард: Фондот за обнова мора веднаш да профункционира

Претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард рече дека владите мора да осигурат дека нивниот план за заедничко трошење е подготвен на време за да се обезбеди закрепнување на регионот од пандемијата од коронавирусот, пренесува „Bloomberg“.

Фондот за обновување на Европската унија од 750 милијарди евра (896 милијарди долари) „мора веднаш да работи“, им рече Лагард на европратениците.

Таа исто така ги повика земјите-членки на ЕУ да ги финализираат своите планови за трошење во наредните недели. Националните влади во моментов преговараат со Европската комисија за тоа како да се потроши заедничкиот фонд, а досега некои мислења беа оценети како несоодветни. Плановите мора да бидат доставени до крајот на следниот месец, а средствата ќе бидат исплатени на лето.

Економијата во еврозоната веќе заостанува зад Соединетите држави поради бавното ширење на вакцините, што сега е дополнително комплицирано со престанокот на вакцинација со вакцините на „АстраЗенека“ во неколку земји-членки.

На почетокот на овој месец, ЕЦБ вети дека ќе го засили купувањето на државниот долг во следните месеци во обид да го спречи зголемувањето на приносот на обврзниците што се заканува да му наштети на економското закрепнување на регионот.

Банката ќе продолжи да прави нето купувања на средства во рамките на програмата за пандемски итни набавки (РЕРР) со вкупен пакет вреден 1,85 трилиони евра барем до крајот на март 2022-та година и во секој случај, сè додека не смета дека кризата со коронавирусот е завршена.

Коментарите на Лагард уследија откако претставникот на Словачка во Управниот совет на ЕЦБ, Питер Казимир, изрази загриженост дека ЕУ премногу бавно го развива својот фискален стимул во споредба со Соединетите држави.

Иако порастот на приносот на државните обврзници во еврозоната оваа година не е „драматичен во моментов“, Казимир рече дека ЕЦБ сака да се погрижи регионот да не страда од поголеми трошоци за позајмување, насочувајќи се на американскиот стимулативен пакет во износ од 1,9 трилиони долари.

„Мојата загриженост е дека во споредба со огромниот фискален момент на САД, ефектите од европскиот ќе се појават по значително доцнење – зборуваме за месеци или години“, рече Казимир.

„Заедничкиот фискален одговор заостанува и треба да го забрзаме темпото за да го поддржиме закрепнувањето“, додаде тој.

Членот на извршниот одбор Изабел Шнабел неделава предупреди и дека „не можеме да си дозволиме да ја одложуваме исплатата на средствата на ЕУ“.

Во изјавата пред парламентот, Лагард се фокусираше на економските изгледи за еврозоната и ставот на монетарната политика на ЕЦБ во светло на одлуките донесени минатата недела.

„Ризиците за изгледите за раст на еврозоната на среден рок станаа поизбалансирани поради подобрите изгледи за глобалната економија и напредокот во кампањите за вакцинација. Сепак, негативните ризици остануваат во блиска иднина, главно поврзани со ширењето на вирусните мутации и последиците од тековната пандемија врз економските и финансиските услови. Годишната инфлација во еврозоната се зголеми во последните месеци, а главно се должи на некои преодни фактори“, рече таа.

Нејзините очекувања се дека главниот ценовен притисок ќе се зголеми во оваа година како резултат на тековните ограничувања на понудата и закрепнувањето на домашната побарувачка.

„Како и да е, веруваме дека овој притисок ќе остане слаб воопшто, како одраз на динамиката на ниски плати и минатата апрецијација на еврото. Штом влијанието на пандемијата исчезне, прилагодливите фискални и монетарни политики ќе придонесат за постепено зголемување на инфлацијата на среден рок.

Лагард даде предвидена годишна инфлација од 1,5% во 2021-ва година, 1,2% во 2022-ра година и 1,4% во 2023-та година, останувајќи прилично непроменета од предвидувањата во декември 2020-та година и под целта на банката.

Наспроти ова, според Лагард, одржувањето на поволни услови за финансирање за време на пандемискиот период останува од суштинско значење за да се намали несигурноста и да се зајакне довербата, со што се поддржува економската активност и се одржува среднорочна стабилност на цените.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП