25 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИван Антоновски е добитник на наградата „АНТЕВО СЛОВО“ 2020/2021

Иван Антоновски е добитник на наградата „АНТЕВО СЛОВО“ 2020/2021

Наградени автори на „АНТЕВО СЛОВО“ 2020/ 2021- Сицилија, Италија


1-ва награда

Иван Антоновски – Нека биде запишано

2-ра награда

Виолета Танчева – Златева – Стакло

3-та награда

Ива Дамјановски – Остров

Кристина Камплоне – Роден сум (Италија)

Специјална награда:

Билјана Станковска – Црно око

Бери Картер – Соништата на притвореникот (САД)

Млад автор: Ведрана Петрова – Исповед


            Годишен лауреат на четвртиот меѓународен конкурс за поезија „Антево слово”, распишан од Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) во соработка со здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ е Иван Антоновски за неговата песна „Нека биде запишано“. Жири комисијата на „Антево слово“ 2020/ 2021 година – Сицилија, Италија во состав: Геро Ла Векија, Митко Гогов, Драгана Евтимова, Александар Поповски и Жорж Поповски по разгледување на повеќе од 120 пристигнати дела за првонаградената песна „Нека биде запишано“ во образложението ќе кажат:

„Познато е дека Анте Поповски како есеист многу често се занимавеше со археологијата на зборовите откривајки ги првите поетски објави уште кај нашите монаси во средновековието. Тој се обидуваше да ги одгатне, дооформи и дешифрира празнините во тие први објави на поетското кај нас. Дали намерно или како коинциденција, сеедно, песната со која Иван Антоновски учествуваше на годишниот конкурс „Антево слово“ насловена „Нека биде запишано“ се поклопува со таа пасија на Анте, односно со истражувањето на археологијата на зборот. Таквото истражување на епитафите и јазикот на претците кој полека бледнее и му се губи трагата ја симболизира нашата генеза, но истовремено и напуштањето на домашното огниште и исчезнувањето на традиционалните вредности. Песната „Нека биде запишано“ на Иван Антоновски сe истакнува по неговиот оригинален пристап на толкување на веќе позната и надалеку обработувана тема: релацијата помеѓу нас и претците но и помеѓу помладите генерации. Колку колективното искуство и знаење во тој генерациски триаголник се  пренесуваат од едни на други и каков е односот на единката кон колективот, кон неговата оставнина? Поетот говори за една новоконструирана историја во која се проткајува духот на Анте и се насетуваат неговите јанѕи за македонската судбина.

    Празните места во текстовите на надгробните плочи кои лирскиот субјект се обидува да ги прочита, говорат дека тука продрела ентропијата; во комуникацискиот канал помеѓу покојните и живите се појавил комуникацискиот шум кој, лирскиот субјект се обидува да го надвладее и повторно да ги впише исчезнатите зборови и годините, повторно да го воспостави – преку една временска вертикала – прекинатото општење со претците, да го спречи отуѓувањето. На тој начин испишува една современа сага за нашиот народ и алармира за неговата можна судбина. Колективната меморија на македонскиот народ е збогатена со антологиска песна која е своевиден темел на нашата борба за опстанок, овде и во светот.“

Наградените автори ќе бидат застапени во новата антологија на Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП