2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија на дното по ИТ вештини!

Македонија на дното по ИТ вештини!

Пандемијата донесе бројни предизвици, но и можности како никогаш до сега за забрзување на дигиталната трансформација. Но не сите земји и бизниси беа подготвени да ги искористат можностите како резултат на бројните слабости на системите, како што е подготвеност на дигиталната економија и способноста да се аплицираат дигитални солуции брзо.

На кое ниво се дигиталните вештини кои ги поседуват граѓаните на земјава и колку е тоа неопходно во денешново време, не само поради пандемијата, туку во однос на фаќањето приклучок со поразвиените земји кои одамна се сериозно дигитализирани? Податоците за граѓаните на Македонија покажуваат дека најголемиот дел користат Интернет, но според вештините се далеку понеписмени не само од жителите на високо развиените земји, туку и во однос на соседите.

Според анализата на Ацосијацијата за Е-трговија на Македонија, една од клучните слабости во земјава е ниското ниво на дигитални вештини на населението. Податоците велат дека Македонија е подобро рангирана во однос на дигиталните вештини само од Косово. Од вкупното население во Македонија дури 50 отсто поседува ниско ниво на дигитални вештини. Во однос на просекот со Европската унија тоа изнесува 28 отсто, податок кој е официјален од Евростат. Подетално, анализата на Ацоцијацијата за Е-трговија покажува дека само 16 отсто од населението поседува основно ниво на дигитални вештини, а ако повторно се споредиме со граѓаните на Европската унија, кај нив 15 отсто имаат над основно ниво или во просек 33 отсто. Првиот човек на Асоцијацијата, Нина Ангеловска, за Денар вели дека и во бизнис круговите ниското ниво на дигитализација е една од главните бариери за развој на е-трговијата. Според Ангеловска, дополнителен проблем во целата таква ситуација е наоѓањето на соодветен кадар. Според е- бизнисмените, дури 35 отсто од нив се изјасниле дека тоа им е главниот предизвок за опстојување. Позитивно е тоа што лани има раст од 170 отсто во третиот квартал во однос на 2019 година. Дополнително, од речиси три илјади лица кои пазареле на интернет лани, 20 отсто од нив се изјасниле дека за прв пат почнале да си ги плаќаат сметките онлајн или да користат други дигитални услуги. Најчесто наведената причина за тоа е пандемијата со Ковид 19.

„Ковид-19 ја забрза дигиталната трансформација и е-трговијата, бидејќи за прв пат за бизнисите, владите и граѓаните тоа не претставуваше избор туку неопходност – не се работеше за заштеда на време, пари или удобност туку за заштита на здравјето, рестриктивните мерки за движење исто така придонесоа за зголемена употреба на е-услуги и онлајн купување. Дигиталните технологии и е-трговијата имаат значајна улога во зајакнувањето и закрепнувањето на економиите во Ковид -19 време. Сепак, бизнисите во земјите во развој треба да бидат подобро опремени за дигиталната економија. Потребна е забрзана дигитализација на ММСП, поголемо внимание на дигиталното претприемништво (вклучително и нови вештини т.е re-skilling), подобрени можности за искористување на податоците и платформите; и посилни регулаторни рамки со цел да се унапреди креирањето вредност во дигиталната економија. Во пост-корона светот, бизнисите ќе бидат поконкурентни, ќе имаат повеќе вештини, ќе бидат подобро опремени за дигиталниот свет, општествата ќе имаат подобри дигитални вештини и мислам дека конечно можеме ќе да видиме промена кон дигитална иднина“, вели Нина Ангеловска.

Според комуникологот Бојан Кордалов  евидентна е дискрепанца или јазот помеѓу високите бројки на користење на интернетот во земјава во однос на останати држави, од една страна и нивото на дигитална писменост или користење на модерните технологии и интернетот за напредување и поголема ефикасност во работата, учењето, квалитетно поминатото слободно време. Според Кордалов важно е секој да прифати и примени две клучни работи.

„Првата е дека интернетот и социјалните мрежи постојат за да ни служат нам, а не ние да им робуваме или да бидеме зависни од нив. Втората е дека во 21 година од 21 век е важно да разбереме дека клучно не е веќе колку, туку првенствено како го поминуваме нашето време на интернет. Со други зборови може да бидеме приклучени онлајн само 25 минути во текот на денот и да не направиме ништо корисно, а од друга страна некој да е на интернет и по 4 или 5 часа, а за тоа време да пребарувал корисни написи за својата магистерска теза, да се подготвувал за презентација или состанок, да одржал 2 онлајн состанока, па и дури и да заработил дополнителен приход или започнал нов бизнис работејќи онлајн итн.“, вели за Денар Бојан Кордалов, комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми.

Имено, според Државниот завод за статистика, компјутерските програмери во декември минатата година заработувале просечно по 1.200 евра. Исто така, според официјалните податоци највисoки плати добиваат вработените во информатичката дејност и комуникациите каде што просекот на нето исплатена плата е речиси 1.000 евра. Ваквите податоци според Кордалов се потврда  дека станува јасно што дигитализацијата е далеку од теорија на заговор, туку реална потреба во која е неопходно сите да вложуваме уште од најрана возраст. ИТ или дигиталните вештини ќе бидат незаменлив дел од професиите на иднината, но што е уште поважно тие се веќе услов и за моменталните професии во приватниот, па дури и во јавниот сектор.

„Ако на ова додадеме дека има огромен број на млади луѓе кои заработуваат солидно со странски фирми преку легалните интернет платформи, а тоа е можеби и најголемата причина која ги држи да не се иселуваат од Македонија, тогаш важноста станува уште поголема. Во овој контекст би ја додал и корона кризата која уште еднаш ни покажа дека секое дополнително одложување на креирање на национална и натпартиска стратегија за дигитализција ќе биде на штета на секој од нас. Вложувањето во дигиталните ИТ вештини е влог во напредно и богато општество во кое секој ќе може да заработи повисоки плати и да има поквалитетен живот независно дали живее или доаѓа од помало или поголемо место. Затоа е важно јавните институции, но и политичарите од сите табори да ја препознаат оваа визија и да изградат сериозна стратегија во оваа сфера, но која ќе се однесува не за следните 2 или 5 години, туку за следните децении“, додава Кордалов.

Индексот за медиумска писменост во 2018 година изработен во рамки на истражување спроведено од Институтот Отворено општество во Софија покажува дека балканските држави се најподложни на лажни вести во Европа, поради контролираните медиуми, ниското ниво на образование и ниското ниво на доверба во општеството. Според ова рангирање, Македонија, заедно со Турција се наоѓа на дното на табелата. Официјалните податоци пак на Асоцијацијата за Е-трговија се заклучно 2019 година, а според нив 82% од домаќинствата во Македонија имале пристап до Интернет. Податоците велат дека станува збор за зголемување на опфатот на граѓани кои користат интернет во земјава со оглед на фактот што во претходното истражување во 2017 година процентот изнесувал 73 отсто. Европската статистика мерењата ги прави на граѓани кои се на возраст од 17 до 74 години, и за 2019-та Евростат пресметал дека во Македонија 1,5 милиони лица користат интернет. Расположливите податоци покажуваат дека 18 отсто од граѓаните кои немаат интернет се изјасниле дека немаат потреба од него, а помал дел како причина ја наведуваат цената на интернетот и пристапноста на мрежа на локацијата каде живеат. Инаку, интернет пристапот претставува неоходен услов за сите бизниси, 96 отсто од  компаниите со 10 и повеќе вработени користат интернет. Во Европската унија во 2019 година 90 отсто од домаќинставата користеле интернет, а пак во Холандија, Шведска и Исланд тој процент изнесува 98 отсто.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП