27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавата со нови мерки ќе го буди интересот на домашните компании за...

Државата со нови мерки ќе го буди интересот на домашните компании за влез во ТИРЗ

Државата преку нов концепт во работењето на Технолошко-индустриските развојни зони реши да привлекува нови странски инвестиции. Новиот концепт се базира на четири столба: привлекување странски инвестиции со поголем квалитет, отворање кон домашните инвестиции, нов систем на државна помош и тоа според потребите на потенцијалниот инвеститор дополнет со сет мерки за зголемување на плати и поголема продуктивност на трудот, како и нов концепт во однос на грижата за корисниците.

Првиот столб или привлекувањето на инвестиции со повисок квалитет, односно проекти со повисока додадена вредност, има за цел да придонесе за поголеми приливи во буџетот, повеќе и повисоко платени работни места, како и поголема соработка и вклучување на домашни компании во глобалните вредносни ланци. Од ТИРЗ за Денар велат дека целта е да се направи проценка и профилирање на секој потенцијален инвеститор што ќе помогне во креирање на индивидуална понуда за државна поддршка за реализација на инвестицијата. Ваквиот начин на поддршка ќе го замени досегашниот кој предвидува ист пакет на бенефиции на сите инвеститори, велат од Дирекцијата. Дополнително, потенцираат дека се работи на две нови полиња, поттикнување на постојните инвеститори да ја прошират својата дејност со нови инвестиции и тоа од повисок квалитет, како и поттикнување на домашните компании да вложуваат во ТИРЗ кои ќе добијат исти услови за поддршка и привилегии како и на странските компании. Информациите кои ни се на располагање покажуваат дека во 2019 година државата добила над 10 милиони евра позитивна разлика од уплатените и ислпатените средства од инвеститорите. Со новиот метод на работа и најавените мерки надлежните очекуваат овој износ значително да се зголеми во следните години.

„До сега “пакетот“ за државна помош бил ист за сите и меѓу другото вклучувал ослободувања на данок за доход, персонален данок на примања и слично за период до 10 години од започнувањето на вршењето на дејност во Зоната, ослободување од плаќање на данок на додадена вредност за увозот на добра во Зоната, под услов добрата да не се пуштени во слободен промет, односно да не се наменети за крајна потрошувачка, царински ослободувања и олеснувања, ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежното земјиште; како и помош во висина од 10% од инвестираниот износ како оправдани инвестициски трошоци за набавка на нови машини и за изградба на зграда во Зоната направени до датумот на завршување, но не повеќе од 1.000.000 евра во противвредност во годишни транши. ТИРЗ како одговорна институција воведе и нова пракса за профилирање на инвеститорите и симулација на очекуван поврат на инвестицијата на државата. Така на пример, проекцијата за компанијата Пурпласт со која неодамна е потпишан договор за државна помош, покажува дека државата може за помалку од 10 години да очекува поврат на доделените државни средства по разни основи“, велат од ТИРЗ.

Инаку, податоците кои Денар ги доби од ТИРЗ покажуваат дека компаниите сместени во индустриските зони не се сериозно погодени од здравствено-економската криза. Напротив, врадноста на нивниот извоз бележи зголемување во однос на претходните години. Податоците велат дека компаниите кои се активни во зоните продолжуваат да го зголемуваат своето учество во вкупната економија во земјава. Вкупниот извоз од зоните во јануари 2021 е за речиси 34% зголемен во однос на јануари 2020 година. Па така вкупната вредност на извозот во јануари годинава изнесува 253 милиони евра што е за речиси 5,8 отсто повеќе и од 2019 година кога извозот од зоните достигна речиси 240 милиони евра. Податоците велат дека трендот на раст почнува од август лани, со зголемени активности и во однос на истиот период од претходната година при што врвот од 100% е достигнат во октомври. Компаниите-инвеститори во ТИРЗ остануваат носители на извозот во земјава со речиси 45% удел во целокупниот извоз или 2,6 милијарди евра за последната година.

И во однос на увозот во рамки на зоните е регистриран раст од над 62% во јануари 2021 година споредено со истиот период лани. Во зоните е регистриран и позитивен тренд во однос на нето извозот од 17,4%, односно поголема покриеност на увозот со извоз во однос претходната година. Во националната економија покриеноста на увозот со извозот е во негатива од 24 отсто. Податоците велат дека во претходните три месеци четири компании од актуелните странски инвестиции најавиле проширување на капацитетите и зголемување на платите на вработените, вели за Денар директорот на Дирекцијата на Технолошно-индустриските развојни зони, Јован Деспотовски.

„Во првата половина од март финализираме преговори за нов голем проект – американска инвестиција од Питсбург која ќе вреди 15 милиони долари, кои што треба да донесат зголемување на извозот од 100 милиони евра на годишно ниво. Само во првите 45 дена од годинава потпишавме договори за државна помош со две компании кои во оваа фаза вложуваат над 10 милиони евра во кои се вработуваат дополнително десетици наши сограѓани. Ова се конкретни и реални резултати и во ова време на криза што им дава поголема дополнителна вредност. И не, не барам изговори – јас сум човек кој испорачува резултати и верувам дека во следниот период со нашата нова стратегија и во партнерство со компаниите ќе имаме уште подобри вести за споделување“, вели Јово Деспотовски директор на ТИРЗ.

Инаку, официјалните бројки покажуваат дека под договори со ТИРЗ се активни 32 компании. Само во периодот од 2018 до 2020 година се потпишани договори за државна помош  за 13 проекти за капитални инвестиции, и тоа без оние договорени годинава. А вредноста на договорите изнесува 204 милиони евра. Исто така, инвеститорите во зоните до сега имаат над 86% реализација на плановите за инвестиции, односно до сега се реализирани 305 милиони од предвидените 350 милиони евра според потпишаните договори. Очекувањата се дека со новиот развоен концепт оние што побрзо ќе ги реализираат инвестициите побрзо може да очекуваат целосна поддршка од државата.

Дополнително, еден од четирите столба на новиот концепт на ТИРЗ е отворање кон домашните инвестиции. Деспотовски вели дека можноста е отворена уште во 2018-та година, но досега само една македонска компанија инвестирала во индустриските зони. Затоа вели тој со подготовка на таргетирана кампања за потенцијална можност за добивање на државна помош ќе се привлекува потенцијалот како на странските така и на домашните инвеститори. Од сега ќе се нуди индивидуализирана понуда за поддршка од државата како и нов “персонализиран“ систем на корисничка грижа.

“Со овој пристап сакаме да го активираме потенцијалот на домашните компании нудејќи им ги истите услови, поддршка и привилегии како и на странските во зоните. Пакетот за поддршка ќе биде подеднакво достапен за сите кои ќе понудат квалитетен инвестициски план. Дополнително ТИРЗ развива посебна нова мерка за технолошко унапредување на домашните компании што имаат потенцијал за вклучување во синџирите за снабдување на странските компании во зоните. Со механизам на ко-финасирање од државата целта е овие компании, да вложат во унапредување на нивното производство, како и да добијат меѓународно признаени сертификати за квалитет и степен на продуктивност, со што ќе станат поконкурентни и надвор од границите на земјава. Нивно вклучување во ланецот на набавки само за компаниите во зоните кој е над 3 милијарди евра ќе им донесе бенефит“,  додава Деспотовски.

Податоците пак во однос на вработените покажуваат дека компаниите кои се активни во зоните и во услови на пандемија го зголемиле бројот на вработени во текот на ланската година. Дополнително, забележан е и благ тренд на раст на бројот на вработени и во првиот месец од 2021 година. Во моментов во зоните работат нешто над 14 илјади лица што претставува зголемување за 0,6 отсто во однос на 2019 година. Инаку според договорите со компаниите, странските инвеститори се обврзани најдоцна до 2025 година да го зголемат бројот на вработени и тој да изнесува 21 379. Пресметката вели дека досега се реализирани 66 отсто од оваа обврска на странските бизнисмени.

Компаниите кои се активни во зоните и во услови на пандемија го зголемиле бројот на вработени во 2020 година, а благ тренд на пораст на вработени е регистриран и во првиот месец од годинава. Во моментов во зоните работата над 14.000 лица што е зголемување за најмалку 0,6% во однос на 2019 година. Инаку според договорите со овие компании, тие се обврзани најдоцна до 2025 година да креираат најмалку 21.379 работни Досега се пополнети 66% од ова.

“Креираме сет мерки и активности со кои ќе ги поттикнеме компаниите побрзо да ги исполнуваат роковите и во однос на обем на инвестиција и во однос на работни места, па дополнително она што е исто така многу важно и во смисла на зголемување на плати. Веќе преземавме нови мерки со кои државата им излезе во пресрет на оние кои предвреме ги исполниле обврските и предвреме ја исплативме државната помош. Заедно со инвеститорите работиме и на развој на нов механизам мерки со кои ќе се постигне растот на платите преку зголемена продуктивност на трудот. Вложуваме во унапредување на вештините на нашите работници, со тоа директно вложувајќи во човечкиот капитал на земјава. Од овие причини го менуваме и фокусот кон привлекување поквалитетни инвестиции кои ќе донесат повеќе пари во буџетот но и подобро платени места. С. Македонија не е и никогаш повеќе не треба да биде земја на евтина работна сила“, вели Јован Деспотовски.

Во моментов, според првичните проценки на Дирекцијата, во тек на реализација се инвестиции во износ од над 150 милиони евра, и тоа германски Гересхајмер, канадската компанија Магна, американската фирма Дура, турски Пурпласт, и дополнително втората фаза инвестиции во Костал.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП