25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБарањата на бизнисот се прифатени но, апелот е итно носење на законите...

Барањата на бизнисот се прифатени но, апелот е итно носење на законите за брза реализација на петтиот пакет мерки!

Најголемиот дел од бизнис заедницата во земјава е задоволен од објавените мерки кои влегоа во петтиот сет мерки како поддршка од Владата. Бизнисмените се на став дека поголемиот дел од нивните барања се прифатени од страна на Владата. Сега се чека нивната реализација, односно апелираат до политичарите да најдат заеднички јазик и што поскоро мерките да бидат имплементирани на терен. Денар побара ставови од поголемиот дел од Стопанските комори и бизнис здруженија, какви се нивните гледишта за тоа, колку мерките ќе помогнат на стопанството и ќе придонесат за најавениот раст на економијата годинава.

Бизнис Конфедерацијата на Македонија смета дека петтиот пакет мерки поврзан со кризата со КОВИД-19 е сет на мерки кои ги амортизираат загубите и обезбедуваат одржливост, поточно ги нотираат како мерки со социо-економски карактер. Од власта велат дека е прифатена сугестијата, или апелот за субвенционирање плати во висина од 14.500 денари по работник. За бескаматните кредити наменети за компаниите, од Бизнис Конфедерацијата  сметаат дека засега им е рано да ги подигнуваат.

„Сметаме дека бескаматните кредити се однесуваат повеќе на фазата на закрепнување, фаза во која сеуште не се наоѓаат голем дел од компаниите во туризмот и угостителството, исто така бескаматни кредити како замена за поддршка на платите може да се понудат само со контрола на трошењето на тие средства за задржување на работниците врз товар и капацитетот на УЈП и Државниот инспекторат за труд. Што се однесува до мерката за укинување и намалување на царински стапки и ревидирање на Царинскиот тарифник можно е да предизвика зголемување на инвестициите, производството и конкурентноста на извозниците од земјата. Мерките за дигитализација треба да го искористат притисокот од пандемијата врз компаниите да инвестираат во трајни дигитални решенија со кој се модернизираат процесите, а се заштитуваат работниците.“

Од Стопанската комора се на став дека покрај тоа што мерките се позитивно оценети од особено значење за нивните членки е процесот на нивна практична имплементација. Според нив останува отворено прашањето на динамиката на носење на соодветната регулатива односно носење на законски решенија, кои треба да поминат низ собраниска процедура за да може компаниите да започнат со аплицирање за мерките. Исто така од комората велат дека, за некои од мерките сеуште не се познати условите и критериумите согласно кои компаниите ќе се квалификуваат за нивно користење. Од комората сметаат дека во однос на мерката за плати, добро е што работодавачот сам одлучува дали ќе ја користи таа мерка или ќе аплицира за мерката за бескаматни кредити. Што се однесува до делот на угостителството и туризмот според нив клучни се условите под кои ќе се нуди оваа мерка. Бидејќи како што велат, искуството од истата мерка во 2020 година во четвртиот пакет кога беа обезбедени плати за 6 месеци критериумот беше задржување на бројот на работници за последните три месеци од годината, па дел од компаниите од секторот, хотели, туристички агенции, тур оператори, не беа во можност да ја користат оваа мерка.

 „Во поглед на мерката за поддршка на хотелите кои функционираат надвор од туристичките центри и не користеа ваучери, а во отсуство на се уште непознати критериуми, ставот на Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија е дека ваквата мерка требаше да се фокусира на поддршка на хотелите кои поради строгите критериуми во 2020 година не можеа да аплицираат за плата во последните три месеци од минатата година. Предложената мерка е различна од предлогот на бизнисот и нема да го има истиот ефект. Барања во интерес на бизнис секторот што ги пласира Стопанската комора на Македонија во континуитет се однесуваат на системско намалување на бирократските процедури, поедноставување и рационализација на неданочните и парафискалните давачки, ревидирање на царинската политика, низ призма на заштитната и развојната функција, наместо фискалната, со цел зголемување на конкурентноста на домашнате компании, интензивирање на изведување на јавни работи, отстранување на застојот во реализацијата на започнатите проекти и ефикасна и непречена реализација на проектите во иднина, навремено сервисирање на обврските кон компаниите од страна на државата, општините и јавните претпријатија и  поддршка на инвестициите и извозно ориентираните компании“, велат од Стопанската комора на Македонија.

Првичниот впечаток пак на Организацијата на работодавачи е дека апелите од страна на стопанствениците се слушнати од страна на власта кога се подготвувал овој пакет на мерки. Работодавачите не се оптимисти како и власта и сметаат дека кризата сеуште е присутна и рано е да се зборува за заживување на економијата. Власта најавува раст на БДП годинава помеѓу четири и пет отсто.“

„Тоа е оптимистичка прогноза и ние се надеваме дека ќе бидат доволни па од април веќе ќе функционираме како што треба, но мисламе дека премиерот најави дека ако се случи кризата да се продлабочи и да има уште проблеми Владата ќе треба да размислува и за 6ти пакет“, велат од Организација на работодавачи.

Од Институтот за економски анализи Finance Think пак велат дека петтиот пакет мерки поврзани со кризата со КОВИД-19 е комбинација од мерки кои ги амортизираат загубите, мерки со социјален карактер и стимулираат економско закрепнување како мерки со развоен карактер. Додека самото објавување на петтиот пакет мерки може да создаде позитивен сентимент во економијата

„Субвенционирање плати „14.500 МКД по работник“ и бескаматни кредити насочени кон најпогодените. Поради пролонгирање на КОВИД-19 кризата, ликвидноста на компаниите е се’уште загрозена, ставајќи во опасност голем број работни места. Finance Think укажа дека е рано да се укине мерката за субвенционирање на плати поради нејзината значајност во спасувањето на работните места. Finance Think смета дека исклучивоста помеѓу мерките „субвенции за плати од 14.500 МКД по работник“ и „бескаматни кредити за најпогодените сектори“ е соодветна. Но, укажува дека двете мерки не се неопходно целосно заменливи“, објавија од Finance Think.

Инаку, петтиот сет мерки има 29 точки, а вкупната вредност на сите мерки е 160 милиони евра, толку пари според власта треба да легнат на сметките на граѓаните и компаниите. Власта овој пакет на мерки го најави како можност за закрепнување на економијата, но засега бизнисмените не се толкави оптимисти. Стопанствениците остануваат на став дека приватниот сектор во земјава е најмалку финансиски поддржан во споредба со останатите земји во регионот.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП