Додека светот брзо преминува на електрични возила и зелена енергија, едно име тивко, но решително се издвојува како клучна фигура во енергетската транзиција – Робин Зенг, основач на кинескиот CATL, најголемиот светски производител на батерии за електрични возила.
Роден околу 1968 година во кинеската покраина Фуџијан, Зенг ја започнал својата кариера како инженер, а подоцна докторирал по физика. На почетокот на 2000-тите, тој ја основал „Amperex Technology Limited“, компанија која произведувала батерии за мобилни телефони. Кога тој сектор стана дел од јапонската корпорација TDK, Зенг го насочи своето внимание кон она што ќе му донесе светска слава – електрични батерии со висок капацитет.
Во 2011 година, тој ја основа CATL (Contemporary Amperex Technology Co. Limited), со идеја батериите за електрични возила да бидат сигурни, долготрајни и одржливи. Визијата се исплати – денес CATL држи над 35% од глобалниот пазар на батерии за електрични возила и снабдува гиганти како Tesla, BMW, Volkswagen и Ford.
Богатството на Зенг денес се проценува на повеќе од 35 милијарди долари, што го прави еден од 40-те најбогати луѓе во светот на обновливата енергија. Сепак, неговиот фокус не е на луксузот, туку на технологијата. На неодамнешниот бизнис форум во Кина, тој рече:
„Конкуренцијата во автомобилската индустрија мора да се базира на технологија, одржливост и безбедност. Бесконечните намалувања на цените водат кон пропаст.“
Зенг е познат по тоа што не прави компромис кога станува збор за иновации. Неговата компанија развива натриум-јонски батерии, инвестира во зелени електрични мрежи и подготвува платформи што би можеле да го револуционизираат електричниот транспорт.
И покрај соработката со Тесла, Зенг не се двоумеше јавно да ја критикува нивната нова технологија на батерии 4680:
„Таа батерија нема да работи. Ќорсокак е.“
Додека многу кинески производители бараат начин да влезат на американскиот пазар, Зенг избира повнимателен пристап – лиценцирајќи ја својата технологија на американски партнери, но не градејќи фабрики во САД, свесно избегнувајќи политички пречки.
Робин Зенг не само што ја води најголемата компанија за батерии во светот – тој го диктира правецот на развој на зелената енергија. Неговата цел е половина од камионите во Кина да бидат електрични до 2028 година, а светот да користи чиста енергија не како алтернатива, туку како стандард.
Робин Зенг не е ексцентричен милијардер, ниту медиумска ѕвезда. Тој е тивкиот мозок на револуцијата, човекот чии батерии ја напојуваат иднината и чија визија го менува светот – клетка по клетка.