26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавните претпријатија синоним за нетранспарентност, превработеност, непрофитабилност!

Државните претпријатија синоним за нетранспарентност, превработеност, непрофитабилност!

Центарот за граѓански комуникации под лупа ги стави 30. најголеми претпријатија основани од државата и од единиците на локалната самоуправа. Невладината организација подготви финансиска анализа која покажува дека има огромни слабости во менаџирањето на компаниите под државна капа. Податоците од истражувањето покажуваат дека од 2015 до 2019 година вкупните приходи ги зголемиле за само два отсто. Просечната стапка на профитабилност за анализираните 5 години изнесува скромни 6%.

Во истражувањето станува збор за претпријатија чии што вкупни приходи во 2019 година изнесувале 732 милиони евра. На крајот на 2019 година во нив работеле вкупно 22.140 работници. Средствата што ги поседуваат овие претпријатија со ваков профит од само два отсто за пет години би ги обновиле за 38 години, а вложениот и заработен капитал би го вратиле за 32 години. Во приватниот сектор времето на поврат на вложениот капитал се позиционира вообичаено на 10 години. Наплатата на побарувањата на анализираните компании претставува слаба алка на работењето и изнесува 253 дена за 5-те години. Обврските ги плаќаат во уште подолги рокови, за 484 дена просечно. Вообичаено во бизнисот, компаниите што плаќаат со олку долги рокови се избегнуваат или, поради роковите на плаќање, им се даваат значително повисоки цени од пазарните. Кредитната способност покажува дека вкупните долгови на анализираните претпријатија се малку повисоки од нивниот капитал и резерви.

Инаку, во Македонија има 145 претпријатија кои се во целосна сопственост на централната и на локалната власт. Годишните приходи на овие претпријатива во 2019 година изнесуваа околу 810 милиони евра, со што уделот во Бруто домашниот производ на овие претпријатија надминува седум отсто. Во нив се вработени 29 илјади лица. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации во изминативе три години покажа многу слабости со менаџирањето на јавните претпријатија. Слабостите се манифестираа преку отсуство на јасна и транспарентна постапка за селекција на членовите на управните и надзорните одбори на претпријатијата, што отвора голем простор за клиентелизам, политичко влијание и поставување на несоодветни лица на раководните функции на претпријатијата. Отсуство е забележано на системот за следење на перформансите во работењето на државните фирми од страна на нивните основачи, односно владата, собранието или општините. Ваквата состојба според наодите овозможува инертност, кон неповолната финансиска слика на претпијатијата која кај одредени субјекти е загрижувачка, како во однос на загубите, така и во однос на долговите. Истражувањето покажува дека 30те најголеми претпријатија во Македонија објавуваат само 41 отсто од информациите и извештаите и документите кои се должни да ги постираат на своите веб страници. Од ЦГК апелираат до властите дека мора да се подобри правната рамка, односно итно да се усвои  државната стратегија за спречување на корупцијата.

„Потребно е да се донесе посебен закон за трговски друштва кои се во доминантна сопственост на државата и локалната самоуправа со кој особено ќе се регулира начинот на избор на раководните органи, постапките за вработување во овие претпријатија, транспарентноста на нивното работење, и системот за внатрешна контрола и надворешен надзор врз нивното работење. За се што нема да биде регулирано со овој закон би се применувал законот за трговски друштва. Сметаме дека на овој начин би се овозможило, Република Северна Македонија да има унифициран однос кон претпријатијата основани од владата и општините наспроти сегашниот пристап. Државните претпријатија поради големата изложеност на корупција треба да развиваат систем за интегритет, за да се постигне тоа тие треба редовно да ја проценуваат изложеноста на корупција и да воспоставуваат антикорупциски политики и системи кои ефикасно ќе се справат со овој ризик. Да се изработи јавна база за претпријатијата каде што владата и локалната самоуправа имаат доминантен удел. Во базата треба да се даде приказ на сите релевантни информации за тие претпријатија, како нивните приходи, расходи, оставрени финасиски резултати, нивните обврски, број на вработени”, вели Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.

Од владата се на став дека поголем дел од државните претпријатија имаат стабилни финансиски проекции, постигнуваат позитивен финансиски резултат и се самоодржливи. Пораката која владата ја упатува до раководните лица на државните претпријатија е да се насочат кон поефективно користење на ресурсите што би овозможило подобрување на условите за живот на граѓаните. Но од Илинденска број два велат дека, за оние претпријатија кои со години работат со проблеми и загуби треба да се разгледаат опциите да се прават таму суштински измени во функционирањето. Од власта сметаат дека на компаниите со проблематични финсниски резултати треба да им се даде можност за Јавно-приватно партнерство или целосно да бидат продадени на приватен инвеститор. Оние пак кои работат позитивно да останат да функционираат како и досега.

Од владата ја поздравија иницијативата на невладините организации кои преку вакви истражувања бараат подобрување во транспарентноста и отчетноста на компаниите со државен капитал. Целта на валадата е јавните претпријатија да работат поефикасно и поефективно за граѓаните да добиваат подобри услуги и да креираат повисок стандард на секојдневното живеење во земјава.

„Проблемот кај повеќето од претпријатијата е дека проблемите им се акумулирани. Негативните финансиски податоци не им се во последниве неколку години туку тие им се собрани најмалку во последниве десетина години. Одговорност освен раководните лица и основачите треба да имаат и членовите на управните и надзорните органи. Околу транспарентноста и очетноста, за објавувањето на финансиските извештаи без разлика на потпишани донесени стратегии, по се изгледа дека никогаш не се доволни, и јас можам да се заложам за да се додаде нов елемент и наскоро како влада ќе излеземо со тој став, финансиските извештаи на јавните претпријатија кои имаат обврска на секои три месеци да поднесуваат извештаи до владата нема да бидат одобрени ако претходно не се објавени на нивните веб страници“, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Засега од владата најавија дека имаат планови за јавно приватно партнерство или пак можеби приватизација на ТЕЦ Осломеј, А.Д. Пошта, ТЕЦ Неготино, М.Ж. Транспорт. Инаку, податоците покажуваат дека МРТВ – во 2019-та завршила со загуба од над 8 милиони евра, потоа следуваат двете железничарски јавни претпријатија, а традиционални загубари на листата се и ЈСП, Водовод Скопје и ГТЦ.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП