27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛани увезени 23.880 половни возила, за 12 години влегле над 338.000

Лани увезени 23.880 половни возила, за 12 години влегле над 338.000

Ниту данокот за моторни возила, ниту корона-кризата не го сруши целосно увозот на половни возила како што се очекуваше.

Лани во земјава влегле вкупно 23.880 половни возила- покажуваат податоците на Царинската управа. Претходната 2019 година во земјава биле увезени најмногу во последните години 38.580 половњаци, токму пред да стапи на сила новата ргулатива. Но, претходната 2018 година бројката се движела 30.237, а во 2017 влегле 22.964 половни возила, бројка што е помала и од лани.

Статистиката покажува дека од 2009 година од кога се дозволи слободен увоз до крајот на 2020 година во земјава се увезени над 338.000 половни возила. Добар дел од овие автомобили се дизел и со ЕУРО 3 или 4 стандард, односно испуштаат повеќе издувни штетни гасови за животната средина.

Целта на Владата со еколошкиот данок беше да ја подигне свеста кај граѓаните за користење на нови возила, кои се и помали загадувачи. Но бројките на Царинската Управа покажуваат дека тоа не се случило. Лани паднал увозот на нови возила. Биле увезени вкупно 4.079 нови возила или за над 2.000 помалку од 2019 година кога биле увезени 6.476 нови возила.

Данокот на моторните возила со кој возилата се даночат и по емисијата на CO2 кој го испуштаат во воздухот, стапи на сила од јануари лани. Тогаш сопствениците на авто-плацеви за продажба на половни  возила, излегоа на протест со автомобилите пред Владата укажувајќи дека данокот за двојно ги зголемува давачките на царина и ќе предизвика затворање на многу авто-плацеви. Владата и Царинската Управа излегоа со став дека ќе прават дополнителни анализи, но потоа земјава ја зафати корона кризата со што дополнително и ослабна куповната моќ и на државните институции и на граѓаните. А владата донесе и уредба со која им ги забрани на институциите непотребните расходи, како и тој за набавка на автомобили.

Но, поради корона-кризата како да се променија и приоритетите на Владата околу справувањето со прекумерното загадување. Па сега владата дозволи и за 50 проценти пониски давачки за авотмобилите кои се возат во земјава со странски таблички. Тие ќе може да се регистрираат со 50 проценти намалени давачки, од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз од страна на надлежните државни органи.

Оние кои имаат поднесено барање за регистрација, задолжително треба да ги исполнуваат следните услови: да ги имаат регулирано царинските и даночните обврски за возилото во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и да поседуваат важечка сообраќајна дозвола, осигурување и зелен картон, да влегле на територијата на земјава до 1 октомври 2020 година.

Битката со загадувањето, годинава пак ќе се бие со субвенции за вградување на уред на плин или метан. Па така сите граѓани кои што ќе купат и ќе вградат уред на погон на течен гас (ТНГ), или метан во возилата ќе имаат можност да остварат поврат од 50 проценти од трошокот, но не повеќе од 18.000 денари.

Ова мерка, како што најави министерот за економија Крешник Бектеши, ќе ја има и годинава, а се реалзирала и во 2019 година. Ланската година била прескокната поради ковид кризата. Јавниот повик треба да се очекува во третиот квартал од годинава.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП