18 април, 2024
ПочетнаБЕРЗАБерза-неделен преглед

Берза-неделен преглед

НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД

(22.07 – 26.07.2013)

Последната недела на Македонската берза помина со извесен пораст на прометот во редовното тргување, што може да се смета за мало изненадување имајќи го в предвид периодот од годината во кој сме влезени, но и со понатамошен пад на вредноста на водечкиот индекс МБИ-10 кој забележа нов овогодишен минимум од 1.675,02 индексни поени. Прометот достигна 42,8 милиони денари во редовното тргување, а регистрираме и три блок трансакции од кои две со акциите на Пелагонија Струмица во вредност од 12 милиони денари и една со акциите на Институт за заварување Југ Скопје во вредност од 10 милиони денари. Индексот МБИ-10 имаше неделен пад од -1,40%, додека МБИД забележа неделен пораст од +2,27%.

Во структурата на прометот, акциите учествуваа со 52,1% од реализираниот промет во редовното тргување, додека обврзниците за денационализација со 20,5 милиони денари неделен промет (47,9% од вкупниот промет). Кај акциите најтргувана беше акцијата на Комерцијална банка Скопје со реализиран промет од 8.9 милиони денари, но и со неделен пад од речиси -5%. Долго време акцијата се одржуваше на цена од 2.000 денари за акција со мали осцилации во плус и минус, но константниот притисок на продажната страна предизвикан од изглегувањето на странските институционални инвеститори од банката (во јуни учеството на странските инвеститори се намали за 0,76%) го предизвика овонеделниот пад на цената на акцијата. Шестмесечните финансиски извештаи на банката секако дека ќе имаат дополнително влијание врз движењето на цената на акцијата. Со промет од над еден милион денари беа уште и акциите на Алкалоид Скопје со 5 милиони денари неделен промет, Макпетрол Скопје со 1,7 милиони денари, Кјуби Македонија Скопје со 1,2 милиони денари и УНИ банка Скопје со 1,1 милион денари.

На регионалните берзи индексите главно завршија во позитива, а според реализираниот пораст за минатата недела предначеше словенечкиот SBI10 кој неделата ја заврши со пораст од +3,20%. Crobex забележа неделен пад од -0,16%, Belex имаше благ пораст од +0,49%, додека софискиот Sofix регистрираше пораст од +1,46%.

Во отсуство на некои сензационални објави на пазарите на капитал во САД, берзите неделата ја завршија со благо покачување на вредностите на индексите, главно како резултат на објавите на шестмесечните финансиски резултати на водечките банки и компании. DOW JONES неделата да ја заврши со пораст од +0,09%, NASDAQ неделата ја заврши со раст од +0,35%, а S&P 500 имаше благ пад од -0,23%. Европските пазари останаа многу претпазливи во поглед на инвестирањето и повеќето од нив, во релативно тивката седмица забележаа намалување на вредностите на своите водечки индекси пред се заради резултатите на компаниите кои ги градат индексите. DAX забележа пад од -1,03%, FTSE 100 ја затвори неделата со идентичен пад од -1,03%, додека францускиот CAC 40 имаше пораст од +0,73%.

На азиските берзи, NIKKEI 225 ја заврши неделата со намалување од -3,48% што се должеше на растот на вредноста на јенот во однос на американскиот долар, додека хонгконгшкиот HANG-SENG имаше раст од +2,57%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП