29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Македонија има повеќе од 1000 диви депонии, надлежните незаинтересирани за решавање...

Во Македонија има повеќе од 1000 диви депонии, надлежните незаинтересирани за решавање на проблемот!

Проблемот со дивите депонии не само во главниот град, туку и насекаде низ Македонија останува нерешлива загадтка за локалните но и за централните власти. Според податоците, само во Скопје еколошките здруженија имаат идентификувано околу 150 диви дипонии, а на ниво на цела држава дивите депонии достигнуваат број од речиси 1000. За нивно отстранување надлежни се комуналните испектори во општините. Невладините сметаат дека овој проблем се решава многу споро.

Иако е направен акциски план за имплементација на управувањето со отпадот, еко-здруженијата тврдат дека на терен слабо се работи. Планот предвидува дека од периодот од 2018-та до крајот на ланската година државата имала обврска да обезбеди средства. Потоа, планот предвидува во периодот 2019 – 2020 година набавка на опрема за собирање или возила-канти, изградба на соодветна инфраструктура како што се собирни места претоварни станици и слично. Во планот дополнително стои дека до 2022 година е предвидено да бидат завршени изградбите на инфраструктурните проекти како што се депонија за остатоци, инсталација за преработка на материјали, собирни места, претоварна станица, постојка на механичко-биолошки третман, како и започнување на оперативна фаза.

Се додека јавноста, граѓаните па и државните институции на проблемот со дивите депонии гледаат како нешто што не е битно во секојдневието, општеството во кое живееме ќе ни биде осудено на сиромаштија, предупредуваат невладините. Според Душко Христов национален координатор на еколошкото здружение ЕНВнет, организација која повеќе од 15 години работи во секторот на екологијата и заштитата на животната средина, отпадот е еден од проблемите кои мора посебно да бидат истакнати за полесно решавање на состојбите со загадувањето на околината.

„Не е далеку денот Д кога сликата од кај нас ќе биде како оние кои ги гледаме во пренаселените места на далечниот исток, каде над 1 милијарда луѓе се борат за капка питка чиста вода, каде купот од ѓубре е три пати поголем од нивните живеалишта, каде просечната старосна граница не е повеќе од 50тина години, каде никој не води евиденција за болестите и болните од тие ѓубришта, е тоа многу бргу ни надоаѓа во нашето секојдневие! Ние како организација многу одамна укажуваме на можни решенија на овие ѓубришта, но се додека нашето “ценето“ Министерство за екологија е врамено во институции на кои се гледа дека се “колатерална“ штета, дека е институција која мора да постои и ништо повеќе, институција од чиј буџет се крати најповеќе, се до тогаш состојбата нема да мрдне од оваа мртва точка“, вели Христов.

Исто така со проблематиката наречена „диви депонии“ подолг период работи и еко-здружението „О2 Иницијатива“. Нивните истражувања на терен идентификувале само во Скопје 57 диви депонии. Екологистите велат дека предвидени се три модели на ставање крај на депониите. Наодите на здружението се дека за затворање и санација на 48 диви депонии потреби се најмалку 420 илјади евра. Но за заптивање на четири диви и една затворена депонија потребни биле дури три милиони евра. Како и за заптивање со систем за зафаќање на три диви депонии од кои едната се наоѓа во Арачиново, а другите две во Шуто Оризари каде треба да се инвестираат околу 4,5 милиони евра. Но, вкупните инвестициски трошоци според најавеното сценарио на надлежните изнесува околу 11 милиони евра, велат од О2.

„Градоначалникот Шилегов и другите градоначалници од Скопскиот плански регион не го спроведуваат акцискиот план и ние и понатаму сме во иста состојба во однос на управување со отпадот, немањето на соодветни претоварни станици според прописи, без соодветно рециклирање и компостирање, со останати диви депонии кои ја загадуваат околината.“ велат од О2 Иницијативата.

Дополнително од ЕНВнет укажуваат на еден реален проблем со кој јавноста може да увиди дека е можно решение како што велат, но во исто време дека и постои проблем истиот да се реши.

„Имено, пред 3 години со една Меѓународна организација во РСМ се “нафативме“ да ги исчистиме скоро па сите (оние кои ги имавме во евиденција) диви депонии на територија на Град Скопје, шетајќи и документирајќи над 120 диви депонии низ нашето Скопје, имавме буџет да купиме камион, мал багер и заштитна работна опрема за сите нас. Не ја почнавме акцијата од проста причина што над 90% од тие диви депонии беа на места – парцели кои се во приватна сопственост, и доколку почневме да ги чистиме ќе ни дојдеше сопственикот на тоа земјиште и можеше да ни поднесе тужба за узурпирање и работа на приватен имот, а ние немавме документ со кој ќе ја потврдевме нашата чесна намера!“, додава Христов.

Побаравме став од Министерството за животна средина, од каде ни посочија дека ресорното министерство се решило во свои раце да ги преземе работите бидејќи воочиле дека општините во сите региони низ земјва покажале многу ниски капацитети како технички така и финансиски за да можат самостојно да го решат проблемот со дивите депонии. Иако таа надлежност е во рамките на локалните самоуправи. Од Министерството за животна средина велат дека покренале иницијатива се со цел надминување на постоечката состојба со управување со отпадот и воспоставување на регионален систем во сите плански региони во Македонија, да се изнајдат финансиски средства за справување со дивите депонии. Опциите се или преку кредитни линии, или пак преку обезбедување на грантови или други фондови.

„Градоначалниците на општините и Градоначалникот на град Скопје во рок од една година од денот на влегувањето во сила на законот беа должни да ги затворат и рекултивираат дивите депонии. Исто така, согласно член 129 од законот, овластените инспектори за животна средина на општините и овластени инспектори за животна средина на градот Скопје се задолжени да вршат увид и контрола дали отпадот е исфрлен, оставен, спален, напуштен или отстранет на начин спротивен на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон (член 24­а). Во случај кога ќе се утврди постоење на непосредна опасност по животот и здравјето на луѓето, ќе треба овластните инспектори да издадат усна наредба за итно и неодложно отстранување на утврдените недостатоци кои записнички ги констатира во соработка со Државниот санитарно-здравствен инспекторат, како и да го извести Државниот инспекторат за животна средина, како и другите надлежни инспектори или други државни органи за утврдените неправилности ќе побара нивна интервенција“, соопштија од Министерството за животна средина.

Доколку сопственикот или корисникот на имот на кој се наоѓа отпадот не го отстрани или одбие да го отстрани на начин предвиден со закон, отпадот ќе го отстрани давателот на услугата, односно правното или физичкото лице овластено за собирање и транспортирање на отпад, и тоа врз основа на правен акт издаден од градоначалникот на општината на трошок на сопственикот на имотот. Во случај кога отпадот е оставен на приватен имот без одобрение од сопственикот или корисникот на имот, сопственикот или корисникот на имот треба да го информира градоначалникот на општината во која се наоѓа имотот, и тој треба да преземе соодветни мерки за отстранување на отпадот, како мерки против сторителот.  

„МЖСПП, и покрај тоа што надлежноста за отстранување на дивите депонии е под локалната самоуправа, секоја година одвојува средства од буџетот за чистење на ваквите локации, а по доставени барања од страна на општините. Во изминатите пет години се исчистени вкупно 63 локации низ различни општини во државата”, велат од Министерството за животна средина.

Ова истражување е дел од проектот на ENV.net кое има за цел да ја подигне општествената одговорност на компаниите и граѓаните и заеднички да започнат посвесно да размислуваат и делуваат кон животната средина.

Побаравме и став од Заедницата на единиците на локалните самоуправи, која е причината што недостасува иницијатива и решителност кај општините за справување со проблемот со дивите депонии. Од таму ни соопштија дека ЗЕЛС како институција не може многу да зборува на таа тема бидејќи тие се формирани само од општините, а немаат надлежност да ги мониториираат или контролираат „своите газди“ дали си ја вршат работата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП