Поради екстремно високите и тропски температури што пристигнуваат во Македонија, клима уредите во домаќинствата низ целата држава ќе бидат вклучени речиси цел ден. Логично, поради оваа причина, можеме да очекуваме значително повисоки сметки за струја во овој период.
Просечното домаќинство во Македонија троши околу 400 до 600 киловат-часови електрична енергија месечно, што ги сместува во таканаречената ВТ2 зона на потрошувачка, каде што цената за 1 kWh во скапа тарифа изнесува 5,5664 денари, а во евтина тарифа 1,9765 денари.
Меѓутоа, кога доаѓаат тропските денови, во кои температурата достигнува до 40 степени, голем број граѓани го користат клима уредот по 12 часа на ден, а во тој случај, неизбежно е да се премине во поскапите блокови, каде што киловатите се поскапи.
Колку електрична енергија троши клима уредот?
Клима уредите не трошат постојано иста количина електрична енергија, а тоа е затоа што имаат вграден уред што ја регулира моќноста на клима уредот. Ова значи дека клима уредите имаат два режима на работа, а потрошувачката зависи од ова.
Клима уредите работат во два режими:
Ладење (достигнување температура): троши околу 1.2 kWh во првиот час
Одржување температура: троши околу 0.3 kWh на час
Цената по час зависи од тоа дали уредот работи во скапа (дневна) или евтина (ноќна/попладневна) тарифа, и од тоа во која зона на потрошувачка припаѓа домаќинството.
Колку повисока ќе биде сметката?
За да провериме колку повисоки ќе бидат сметките, пресметавме дека на клима уредот му е потребен околу еден час за да ја достигне посакуваната температура, што значи дека ако работи 12 часа, само првиот час ќе работи со најголем интензитет, додека преостанатите 11 ќе ја одржува температурата.
Доколку клима уредот работи од 10:00 до 22:00, со следнава распределба:
- 3 часа во скапа тарифа (10:00–13:00)
- 2 часа во евтина тарифа (13:00–15:00)
- 7 часа во скапа тарифа (15:00–22:00)
Во тој случај, трошокот за еден ден во ВТ2 зона би изнесувал околу 22,90 денари, односно 687 денари месечно (30 дена).
Во ВТ3 зона (повисок блок на потрошувачка), истиот режим на работа би чинел 905 денари месечно.
Колку ќе не чини ако климата работи само 8 часа?
Ако некој користи клима уред пократок временски период во денот, на пример осум часа во текот на денот, во периодот од 12:00 до 20:00, ќе потроши:
- 1 час во скапа тарифа
- 2 часа во евтина тарифа
- 5 часа во скапа тарифа
Трошокот во ВТ2 зона ќе изнесува околу 487 денари месечно, додека во ВТ3 зоната ќе биде 642 денари.
Колку ќе биде сметката ако клима уредот работи само ноќе?
Секако, бидејќи работењето на клима уредот е поевтино ноќе отколку преку ден, зголемувањето на сметките поради клима уредот нема да биде толку драстично. Значи, ако клима уредот го лади просторот од 22:00 до 7:00 часот наутро, кога електричната енергија е поевтина, во тој случај, месечниот трошок за ладење ќе изнесува само 213 денари, без разлика дали сте во ВТ2 или ВТ3 зона.
Сепак, во време на толку високи температури, малкумина го вклучуваат клима уредот само навечер.
Кога важи евтината тарифа?
Според одлуката на Регулаторната комисија, евтината тарифа важи секој ден од 13:00 до 15:00 и од 22:00 до 07:00, како и во текот на викендот, од сабота во 22:00 до понеделник во 07:00.
Со внимателно користење на клима уредот и оптимално распределување во рамки на евтината тарифа, може да се оладите секој ден за помалку од 700 денари месечно, без да направите огромен скок на сметките за струја.



