20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСоветот на ЕУ не ги усвои заклучоците за „погрешно толкување на историјата“,...

Советот на ЕУ не ги усвои заклучоците за „погрешно толкување на историјата“, бугарските барања излегуваат од параметрите

Заклучоците за проширувањето на ЕУ со формулацијата за „погрешно толкување на историјата“ вчера не беа усвоени од страна на Советот на ЕУ, по блокадата на Чешка и Словачка. Овие две земји обвинија дека оваа реченица е еднаква на „фалсификување на историјата“ и потсетија дека не е на ЕУ да суди како се идентификува една земја, ниту кој јазик го говори и предупреди дека ваква реченица претставува опасен преседан за процесот на проширување понатаму, поради што тие не се во можност да дадат согласност за овие заклучоци.

Дипломатите во Брисел, како што јави дописничката на МИА од Брисел, не паметат кога последен пат годината завршила без заклучоци за проширувањето на ЕУ, но по вчерашниот амбасадорски состанок е извесно дека овој пат тие нема да се усвојат, откако Чешка и Словачка оценија дека текстот оди предалеку во мешањето на билатералните спорови.

По месеци напорни дискусии со Бугарија околу вметнувањето на параграф кој гласи дека Договорите со Грција и Бугарија треба да им стават на крај на барањата поврзани за „погрешното толкување на историјата“, германското претседателство попушти на почетокот на оваа недела и прифати да се внесе реченицата. Иако до последен момент амбасадорите мислеа дека работата е завршена се огласија шефовите на чешката и словачката дипломатија вчера и побараа да се блокираат овие заклучоци сѐ додека прашањето не биде дебатирано на министерско ниво.

Според дипломатите во Брисел барањето на Чешка и Словачка не е примено со незадоволство и се изразува разбирање за нивниот став, освен во Софија.

Следниот состанок на кој ќе се разговара за проширувањето ќе биде идната година, под португалско претседателство, но за сега нема индикација кој ден точно тоа ќе се случи.

Атмосферата во дипломатските кругови во Брисел и е наклонета на Северна Македонија, а посебно се нагласува фактот што никој во македонскиот државен врв не даде провокативни изјави, а земјата постојано покажува подготвеност за разговор и компромис, за разлика од Бугарија, чии провокативни изјави за историјата, јазикот и самоопределувањето не останаа незабележани.

Дипломатите исто така предупредуваат дека Бугарија треба „повнимателно“ да се однесува бидејќи и самата бара приклучување кон Шенген зоната, за што би можела да биде условена со „конструктивно“ однесување. Однесувањето на Бугарија ги шокирала и европските и американските партнери, надежта во Брисел е дека страстите ќе се смират во Софија од идната година.

Претседателот Стево Пендаровски синоќа изјави оти сите мислеле дека со тие забелешки ќе можеме да ги почнеме преговорите. -Веројатно Бугарија ги научи лекциите од Грција дека, ако не блокира сега, нема кога, рече Пендаровски.

Минатата година, посочи Пендаровски, реков дека бугарската страна полека почна да ја политизира работата во Комисијата и почнаа да наметнуваат рокови до кога треба да се заврши нешто, што почна да станува симптоматично.

Според Пендаросвки, во 2017, 2018 и 2019 година немало никаква најава од Бугарија дека ќе излезе надвор од Договорот. – Бугарските барања последните месеци излегуваат надвор од параметрите. Неоспорно е тоа, рече Пендаровски.

Обелодени дека било предложено во Комисијата како експерти да бидат вклучени германски експерти кои би помогнале како трета страна, но оти тоа било одбиено од страна на Бугарија.

– Јас тврдам дека овој формат во кој само бугарски и само македонски историчари седат нема да продуцираат добри резултати. Се додека не се приклучи барем трета страна која ќе има статус на консултант, нема да има напредок. Ние имаме и дадено предлог за да се вклучат двајца експерти од Германија, но тоа беше офрлено од Бугарија, изјави Пендаровски.

-Ние имаме договор и додека не договориме во него што ќе правиме, рече Пендаровски, не треба да има менување ниту на учебници, ниту на споменици. Истакна дека од наша страна ќе продолжи имплементацијата на Договорот.

Во однос на Чешка и Словачка кои не се согласија со заклучоците за проширувањето, Пендаровски рече дека се слушнал со двајцата амбасадори и изразил огромна благодарност. – Чешка и Словачка рекоа што рекоа и го блокираа предлогот на Германија. Ние не сме дел од таа дебата, не сме членка. Вчера разговарав со двајцата амабсадори и изразив огромна благодарност, но сепак тоа е за нивна одбрана, не наша, рече Пендаровски.

Премиерот Зоран Заев вчера од Ресен порача дека разговорите со Бугарија продолжуваат, но потенцираше дека за македонскиот идентитет и македонскиот јазик ниту се преговора, ниту се разговара.

Коментирајќи ги вчерашните реакциите од Словачка и од Чешка, Заев нагласи дека му е драго што се уште има „европско во ЕУ“.

– Ова го кажувам малку со горчина, оти ако некој заслужил да добие поддршка за следниот чекор на патот кон ЕУ, тоа е Република Северна Македонија, македонскиот народ и сите наши граѓани кои живеат во нашата земја. ЕУ не смее да ги изгуби европските вредности и принципи, рече Заев.

Тој изјави дека секојдневно се работи на отстранување на омразата, нагласувајќи дека сака да испрати порака до сите дека Бугарите се наши сосед, наши пријатели.

Заев порача дека тој и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов треба да имаат предвид што прават со историјата што ја пишуваат сега. – Што им оставаме на децата и на идните генерации, кои сега чекаат од нас. Дали ќе им оставиме аманет на пријателство, на братство, на заедништво, на европски вредности, на меѓусебно помагање или ќе ги поделиме и разделиме повторно, како во времето на железната завеса, истакна Заев.

Бугарија од своја страна, изрази жалење што заклучоците на Советот на ЕУ за процесот на асоцијација и стабилизација беа неочекувано блокирани од две земји-членки без образложение. Подготвени сме да ја слушнеме загриженоста што доведе до оваа одлука и да ги продолжиме нашите напори за постигнување консензус за проширувањето, соопшти во четвртокот бугарското МНР.

– Бугарија ги одобри заклучоците на Советот за време на состанокот на КОРЕПЕР II на 16 декември, при што германското претседателство постигна консензус. На инсистирање на Бугарија, во заклучоците беше додадена реченица за важноста на договорите на Република Северна Македонија со Бугарија и Грција и дека нивното спроведување ќе стави крај на сите тврдења засновани на погрешно толкување на историјата. За време на состанокот, заклучоците беа одобрени од сите, се вели во соопштението од бугарското МНР.

Ветото на заклучоците на Советот, според официјална Софија, носи ризик да ја поткопа довербата на ЕУ и да ја спречи Унијата да ги испраќа потребните сигнали до Западен Балкан за стимулирање на неопходните реформи што земјите кои сакаат да се приклучат на Унијата мора да ги преземат.

Бугарското МНР појаснува дека заклучоците на Советот на ЕУ за проширувањето немаат никаква врска со процесот на одобрување на рамките за преговори со Република Северна Македонија и Република Албанија.

Чешкото Министерство за надворешни работи за „Дојче веле“ синоќа соопшти дека Чешка е длабоко разочарана што не беше одобрена Преговарачката рамка за Северна Македонија, со која требаше формално да започнат пристапните преговори со ЕУ.

Оттаму, сепак, појаснуваат дека немаат намера да дозволат да бидат усвоени заклучоците со делот за „погрешното толкување на историјата“ на кој инсистираше Бугарија, а претседавачот Германија ги предложи. Притоа, оттаму велат дека и други држави-членки на ЕУ изразиле загриженост поради заклучоците.

-Чешката Република отсекогаш била постојан поддржувач на политиката на проширување во последните 16 години. Тоа не се промени со оваа одлука. Сепак, по внимателно разгледување, не можевме да дадеме согласност за нацртот презентиран за одобрување, велат во Прага.

Според Министерството, главната цел е да се усвои Преговарачката рамка што е можно поскоро.

-Сепак, сегашниот текст може да има спротивен ефект. Според наше гледиште, тој содржи термини за фалсификување на историјата што би можеле да бидат штетни за процесот на проширување, велат од чешкото МНР.

Во Прага сметаат дека билатералниот спор меѓу Северна Македонија и Бугарија треба да си го решаваат двете земји, а не да биде дел од преговорите за членство во ЕУ.

Додаваат дека и други земји, исто така, ја изразиле својата загриженост. -Имајќи го сето тоа предвид, ние сме на мислење дека конечното усвојување на текстот треба да се случи на следниот Совет за општи работи. Дополнително, длабоко сме разочарани што Преговарачката рамка, како за Северна Македонија, така и за Албанија не беше одобрена. Целосно ги поддржуваме двата нацрти кои произлегоа од напорната работа на германското претседателство, наведуваат од чешкото МНР.

Спорниот став поради кој дојде до целосна блокада на заклучоците на германското претседателство со ЕУ во однос на проширувањето кон Западниот Балкан, се наоѓа во членот 8 од Нацрт-верзијата на која јавно се спротивставија Чешка и Словачка, а во кој се вели „Советот потсетува на Преспанскиот договор помеѓу Република Северна Македонија и Грција и Договорот за Пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната постојана имплементација. Овие два крупни чекори би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешното толкување на историјата“.

Претседателот на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев, за формулацијата „погрешно толкување на историјата“, вели дека тоа е формулација што ги деградира вредностите на Унијата и е нејасно кој ќе цени што е погрешно и што е правилно толкување на историјата.

Ѓоргиев рече дека не е преголем оптимист набрзо да се направи пробив во разговорите меѓу двете земји. -Не сум премногу убеден врз база на она што го слушаме во изјавите на бугарските политичари. Од тој аспект, сметам дека многу тешко ќе се направи пробив во овој момент за започнување преговори, можеби во догледна иднина да, но во овој момент не сум преголем оптимист, оценува тој.

Во врска со синтагмата „заедничка историја“, појаснува дека проблемот не е терминот „заедничка историја“, туку неговото толкување во работата на Комисијата. -Проблем е всушност толкувањето на синтагмата „заедничка историја“ во работата на Комисијата. Според бугарската страна под таа синтагма се подразбира историја на еден народ, односно на бугарскиот народ, започнувајќи од 9-ти век кога за првпат територијата на Македонија влегува во рамките на бугарското царство, па се до 1944 година и дека тоа е континуиран историски развој само на еден народ, односно на бугарскиот народ, истакнува Ѓоргиев.

Во врска со придавката „македонски“, посочува дека тоа е уште еден момент што непотребно ја обременил работата на Комисијата. -Според мене, внесувањето на проблемот со придавката македонски на извесен начин е и политизирање на работата на Комисијата, оценува Ѓоргиев.

– Треба да се има и поголема флексибилност во однос на таа, би рекол митологизирана историја која постои кај нас и во бугарското општество за минатото на нашите народи и држави. Кога би се надминала таа романтизирана перцепција за нашето минато, и повеќе би се спуштиле на земја, и повеќе би го слушале мислењето на другиот, тогаш мислам дека може да се дојде до некои препораки за подобрување на учебниците, и за приближување на ставовите за одредени личности од минатото кои според мене можат да се слават заедно, затоа што, гледајќи дека тие се херои и во Македонија и во Бугарија не гледам причина да не се слават заедно, но повторно да се запази перцепцијата и да се почитува перцепцијата на секоја страна, заклучува Ѓоргиев.

Следната средба на Заедничката македонско-бугарска комисија е закажана за февруари идната година. 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП