4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрант за општина Вевчани за изградба на пристапен пат до училиште

Грант за општина Вевчани за изградба на пристапен пат до училиште

Vevcani-tabla

Министерството за финансии додели грант од 1.220.000 денари на општина Вевчани за изградба на пристапен пат до новоизграденото училиште „Страшо Пинџур“. Станува збор за средства од Проектот за подобрување на општинските услуги, финансиран од Светска банка.

Со изградбата на пристапниот пат до објектот, тој ќе се поврзе со асфалтниот пат во општината што ќе овозможи од септември годинава да се пушти во употреба новото училиште во кое ќе учат 250 ученици од прво до девето одделение.

Досега наставата се одвиваше во општинската зграда во Вевчани, каде просторот не ги задоволуваше критериумите за водење настава. Пред 2006 година, наставата во Вевчани се изведуваше во училиште изградено во 1945 година, кое поради дотрајаност и статички проблеми мораше да се напушти, бидејќи претставуваше опасност за безбедноста на учениците и наставниците.

Вкупниот фонд на Проектот за подобрување на општински услуги изнесува 56,1 милиони евра. Тој започна со имплементација во август 2009 година, а ќе трае до ноември 2017 година.
Досега 41 општина има изразено интерес за учество во проектот, од кои 28 веќе имаат склучено по еден или повеќе договори за под-заем со Министерството за финансии и имаат започнато со имплементација на проектите, додека останатите 13 општини се во постапка на подготовка на проектната  документација.

Проектот за подобрување на општинските услуги предвидува и доделување на инвестициски грантови за општините кои имаат завршен проект финансиран со под-заем. Грантовите се доделуваат како поттик и награда на општините за успешното спроведување на реформски активности предвидени со проектот, како што е сега случај со општина Вевчани.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП