25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈавните комунални претпријатија од Скопскиот регион „најзатворени“ за објавување резултати од работењето

Јавните комунални претпријатија од Скопскиот регион „најзатворени“ за објавување резултати од работењето

Од 12 јавни комунални претпријатија, од Скопскиот регион, само две  имаат документ или кодекс на однесување или друг внатрешен акт што го опфаќа и односот кон корисниците на услугите, транспарентноста и отчетноста со кој се регулира односот кон потрошувачите. Овие државни претпријатија се  најзатворени во објавување на податоците, документите и информациите за резултатите од работењето. Дури и кај најтранспарентните ЈП недостасуваат податоци од програми и извештаи од работењето, финансиски извештаи и извештаи од јавните набавки. Само три претпријатија, ЈП Паркинзи на Општина Центар, ЈКП Илинден и ЈКП Водовод Илинден (со задоцнување од една година) објавуваат извештаи од работењето и финансиските извештаи, вклучително и кварталните финансиски извештаи, кои се објавени на нивните веб страни.

Највисоко ниво на објавување на обврските имаат поголемите ЈП кои имаат сопствени веб страни. Само едно ЈП има едвај ограничено ниво на транспарентност, а дури 6 ЈП имаат оскудно ниво на транспарентност. ЈКП во Скопскиот плански регион се најтранспарентни во делот на објавени податоци за  контакт лице за слободен пристап до информации од јавен карактер и за услугите кои ги нудат.ЈП се најотворени за објавување на податоци и информации во поглед на пристапот до информации.

Само три претпријатија, ЈП Градски паркинг, ЈКП Илинден и ЈКП Водовод Илинден ги имаат објавено плановите за јавни набавки на своите веб страни. Ниту едно претпријатие нема објавено огласи, тендери или известувања за склучени и реализираните договори за јавни набавки.Се препорачува на јавните комунални претпријатија кои немаат свои веб-страници да креираат и на нив да ги постават сите законски задолжителни информации како и информации кои е потребно да се објавуваат согласно стандарди за транспарентност и отчетност.

Јавните комунални претпријатија кои имаат свои веб страни да ги надополнат минимум со законски задолжителните информации и истите постојано да ги ажурираат.Општините основачи на јавните комунални претпријатија да објават минимум основни податоци за ЈКП и да постават линк до веб страните на ЈКП, или да ја преземат одговорноста за објавување на информации за ЈКП во посебен дел на нивните веб страни.Јавните комунални претпријатија да задолжат лице кое ќе  биде одговорно за објавување на потребните информации и ќе се грижи тие постојано да бидат ажурирани.

Највисоко ниво на транспарентност имаат ЈП Паркинзи на Oпштина Центар и ЈП Градски паркинг, а по нив следат ЈКП Водовод Илинден и ЈП Дрисла. Три од овие претпријатија се основани од Градот Скопје, а ЈКП Водовод Илинден е основано од Oпштина Илинден. Останатите претпријатија се помали и основани од приградските општини, освен ЈКП Гази Баба 2007, кое е основано од Oпштина Гази Баба. Поврзаноста на јавните претпријатија со општината, покрај големината, укажува и на капацитетите на претпријатијата и на нивните основачи за исполнување на стандардите.

Во просек, граѓаните се делумно информирани за работата на јавните комунални претпријатија во нивните општини и Градот Скопје. Тие најинформирани се за тоа кои се ЈКП, кои услуги ги нудат, а најнеинформирани се за  тоа кои се нивни директори, колку вработени имаат и на што ги трошат парите.

Ваквата состојба укажува дека вината за делумната информираност на граѓаните е резултат на релативно ниското ниво на транспарентност и отчетност на ЈКП, но и незаинтересираноста на граѓаните, особено за тоа на што се трошат парите на ЈКП.

Граѓаните најмногу информации за ЈКП добиваат од веб страната на ЈКП и од медиумите,но во иднина тие најмногу би сакале да бидат информирани преку медиумите и СМС пораки, односно електронска пошта (21,6%), преку социјалните медиуми и пишани информации (19,6%), а помалку преку веб страната на ЈКП.Од одговорите се добива заклучок дека граѓаните сѐ уште недоволно ги познаваат своите права како корисници на услугите и имаат разнишана доверба во институциите, па поради тоа и не поднесуваат приговори, жалби или предлози.

Инаку, просечното ниво на транспарентност и отчетност, односно исполнувањето на законските обврски и стандардите на анализираните јавни претпријатија во Скопскиот плански регион, изнесува само 22% од можни 100%.Највисоко ниво на објавување на обврските имаат поголемите ЈП кои имаат сопствени веб страни.

Овие наоди и препораки произлегоа од  мониторингот за транспарентност и отчетност на јавните комунални претпријатија во Скопскиот регион за 2019 година, спроведени во Проектот „Транспарентност и отчетност на јавните комунални претпријатија во Скопскиот регион“, на Здружението на економски новинари, а во рамките на проектот „„ Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис – сектор”, што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации, Конект и ЗДСРМ  со финансиска поддршка од Европската Унија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП