28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБуџет 2021 година: За власта е за здравје на граѓаните и економијата,...

Буџет 2021 година: За власта е за здравје на граѓаните и економијата, за опозицијата само бројки кои висат во воздух

Буџет скроен за здравје и заздравување на економијата, или бројки кои висат во воздух кои тешко ќе бидат реализирани?! Предлог-буџетот за 2021 година влезе на матичнта комисија за финансирање и буџет. Пратениците за предлог-буџетот ќе расправаат максимум 10 денови, а  веќе се доставени 528 амандмани од опозицијата. Владата очекува економијата наредната година да порасне 4,1 процент.

За власта проекцијата е реална, а за опозицијата тешко остварлива. За експертите се ќе зависи од тоа кога ќе заврши неизвесноста со здравсвената криза предизвикана од пандемијата со Ковид 19. Проектираниот раст во буџетот за догодина од 4,1 процент од БДП ќе може да се оствари само ако вирусот ослабне и стигне вакцината.

„Во моментов функционираме во услови на висока неизвесност во поглед на должината и длабочината на ефектите од пандемијата. Во такви околности, со информациите кои ги знаеме во моментот, предлог-буџетот за 2021 изгледа коректно поставен. Се разбира, доколку пандемијата продолжи во трет и понатамошен бран пролетта 2021, тогаш бројките ќе треба да се ревидираат надолно веќе во вториот квартал до година. И, обратно, предвидениот раст може да се оствари ако вирусот ослабне и особено ако вакцината е ефективна и брзо се спроведе“, изјави за Денар универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Експертите се децидни дека мора да се намалува буџетскиот дефицит, и во нормални услови тој да биде до максимум 3 проценти.

„Во поглед на фискалната консолидација: апропо она што го кажав погоре, и дефицитот предвиден за 2021 е коректен. Но, треба да престанеме фискалната консолидација да ја гледаме како потреба да се намалува буџетскиот дефици. Буџетски дефицит од околу 3% во нормални непандемиски услови треба да се смета за соодветен за фазата од развој на македонската економија. Фискалната консолидација треба да се гледа низ призмата на неопходните чекори за проширување на даночната база, што е сврзано со сузбивањето на сивата економија, и рационализацијата на расходите. Последново е тема на дебата подолг период, меѓутоа тешко оди и покрај напорите на сите министри за финансии досега“, вели Петрески.

„Здравје” е клучен збор за предлог-буџетот за 2021 година бидејќи она што е најважно е здравјето на граѓаните, здрава економија и здрави финансии и општество воопшто.  Вака  министерот за финансии Фатмир Бесими ja почна одбраната на државната каса која ја скрои за идната година пред пратениците на матичната комисија. Бесими кажа дека значаен дел во расходите е предвиден за достигнување на НАТО стандардите како земја членка на оваа воена алијанса.

„Наредната фискална година се карактеризира со се уште присутната непредвидливост околу времетраењето и интензитетот на здравствената пандемија во глобални рамки, импликациите врз буџетот и економијата во целина и потребата од поставување основа за солидно економско заздравување и забрзан раст. И покрај присутните ризици поврзани со здравствената криза, а земајќи ги предвид досега реализираните четири пакети на економски мерки, со проекциите во Буџетот за 2021 година се очекува да се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија”, рече Бесими.

Дефицитот од речиси 570 милиони евра ќе се финансира со задолжувања на домашниот и на странските пазари, а најавено е за догодина и издавање на еврообврзница.

Бесими рече дека државата мора да го продава својот имот, бидејќи повеќе нема простор за големи задолжувања.

„Оние претпријатија кои ќе се понудат на продажба или како јавно-приватно партнерство сега претставуваат дополнителен товар за буџетот, а тоа значи помалку пари за развој. Формите како јавно-приватно партнерство и инвестициски фондови се нови начини на финансирање. Таков е и планот на Вархеи од 9 милијарди евра за Западен Балкан и привлекување на дополнителен финансиски капитал“, одговори  Бесими.

Министерот тврди дека следната година растот и развојот нема да може да се финансира само преку задолжување.

„На среден рок треба да имаме добра стратегија за фискална консолидација. Одредени јавни претпријатија се само дополнителен товар за буџетот, а од друга страна имаме  јавен долг кој не треба да се зголеми“, рече министерот.

Опозицијата пак со обвинувања дека буџетските проекции висат во воздух. Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека власта планира приходи како што се тие од профдажбата на државен имот, кој не знае ниту дали и во која мера ќе се остварат. А тоа што е предвиден раст на приходите од даноци, според него е уште еден притисок врз компаниите и граѓаните. Праша, дали како сега ќе фрчат казни и ќе се осиромашува народот. Според него, планираниот Буџет за до година само дополнително ќе ја зголеми сиромаштијата во државата, бидејќи како што рече, истиот е неодржлив и креиран без концепт.

 „За животната средина намалени се средства во износ од 93 милиони денари помалку односно 9,5% од првично планираниот буџет за 2020 година. Земјоделците ќе се соочат со една од потешките години досега, намалени се доста средства од програмите на Министерстовто за земјоделие и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој“, рече тој.

Стојаноски обвини дека парите на граѓаните се трошат недомаќински и за вдомување на, како што рече, партиски активисти.

 „Тоа што недомаќински се трошат парите и што се стеснува фискалниот простор ни го намалува маневарот за здраствени мерки кои можат да спасат животи“, посочи тој.

Од Алијанса на Албанците сметаат дека буџетот може да е тешко остварлив бидејќи и голем дел од антикризните мерки не се адекватни. Според Аднан Незири, треба да се направи намалување на непродуктивните расходи, а во проектираниот буџет има и расходи за договорни услуги за кои нема никакво објаснување.

Според проекциите, идната година државата планира да потроши над четири милијарди евра, а да собере 3,4 милијарди евра. Буџетскиот дефицит, е проектиран на 4.9%  од БДП или речиси 570 милиони евра, а капиталните инвестиции на 374 милиони евра. Се планира раст на БДП од 4,1 процент.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП