25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо 100 евра на одмор не се оди!

Со 100 евра на одмор не се оди!

Од 110 илјади ваучери за домашен туризам граѓаните искористиле само 43 илјади. Ваучерите со 6000 денари кои државата ги подели на граѓаните се премалку за голем дел да се решат да заминат на мини одмор или викенд во некои од туристичките места низ земјава, сметаат хотелиерите. Помошта од државата колку толку им помогнала да не ги затворат хотелите, но во глобала мерките кои се за спас на туризмот речиси и да не даваат резултати. Властите пак сметаат дека резултатите се задоволителни и добар дел од граѓаните ги искористиле поволностите од Владата.

Доколку властите решат мерката ваучер за годишен одмор да се дели и догодина тој да биде барем за 50 отсто повисок од сегашниот, односно тој да изнесува 150 евра, велат од здружението на хотелиери. Хотелиерите очекувале поголем одзив од граѓаните и  дека навремено ќе ги искористат бенефициите од државата. Една од причините за вака малку искористени ваучери од страна на граѓаните е и стравот од пандемијата. Луѓето од почеток не ги знаеа протоколите, но и на кој начин ќе функционираат хотелите и колку сите ќе ги почитуваат мерките кои ги препорачуваат здравствените власти. Во секој случај од ХОТАМ велат дека се почувствувала помош од ваучерите.

„Сметам дека треба подобрување на ваквата мерка доколку во иднина се одлучи да се повтори ваквата помош за граѓаните. Значи треба да се размисли доколку се даваат во иднина нови ваучери каде беше грешката. Според мене сто евра беа многу мала сума за да може некој да се одлучи да оди на патување, да стаса до некоја дестинација. Да патува три часа, а толку ќе му требаат и за враќање, а да престојува во туристичкиот комплекс не повеќе од два дена. Бидејќи средствата дозволуваа не повеќе од два дена. Нашите информации се дека во одреден период имаше и некои малверзации со ваучерите но, сето тоа брзо се спречи и немаше некои поголеми злоупотреби. Доколку злоупотребите продолжеа сигурно ќе се потрошеа сите ваучери“, вели за Денар Крсте Блажевски од здружението на хотелиери ХОТАМ.

Инаку, хотелиерите испратиле барање до Министерството за економија, ваучерот да може да се префрли од едно лице на друго. Односно доколку не може да го искористи ваучерот некој член на семејството да не биде проблем тој да биде искористен од друг член на фамилијата. Од министерството за економија добиле негативен одговор, не било прифатено нивното барање. 

Тоа што само една третина од ваучерите за домашен туризам се реализирани или искористени досега го прави ресорниот министер задоволен од мерката. Тој смета дека мерката е успешна бидејќи македонските туристи се вратиле во домашните туристички капацитети.

„Ваучерите го дадоа ефектот за да им помогнеме на хотелските капацитети, вклучувајќи ги тука и приватните сместувачки капацитети. Тоа го покажува и извештајот на Државниот завод за статистика кој покажа дека во август имаме зголемување на бројот на домашни туристи за 8,9 проценти споредено со 2019 година, а зголемување на бројот на домашни туристи имаме и во септември за 33,7 проценти. Значи, во време на криза, имаме зголемување на бројот на домашни туристи. Мислиме дека овој тренд ќе продолжи и во октомври, ноември и во декември“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Ваучерите граѓаните имаат можност да ги искористат до 15-ти декември годинава. Инаку, на социјалните мрежи се појавија огласи каде граѓани ги нудеа ваучерите за половина сума, односно за три илјади денари на хотелиери или на регистрирани приватни апартмани кои ќе може да ги наплатат парите од државата.

Во однос пак на четвртиот сет мерки, хотелиерите велат дека државата воведе многу непотребни правилници кои ги искомплицираа правилата за аплицирање за државна помош. Напоменуваат дека октомври, ноември и декември се најтешки месеци за туристичкиот сектор, а сега во тие месеци во прашање е доведена егзистенцијата на голем дел од вработените од оваа дејност. Проценките на хотелиерите се дека над 60 отсто од вработените во сместувачклите капацитети на охридскиот брег нема да земат плата во последните три месеци од годинава.

„Се зема бројката за вработени за плати во месец октомври, споредено со бројот на вработени во месец август. Во август не само во Македонија туку насекаде во светот, се ангажираат повеќе работници, кои се сезонски ангажирани. Претежно тоа се студенти кои работат во текот на летниот период. И тие работници може да бидат 30 до 40 отсто од работната сила на хотелот. Тоа се работници кој помагаат по плажите, по шанковите и слични дејности. Што би правеле со тие вработени сега, затоа и ги вработуваме сезонски. А сега од Владата ни бараат да ја имаме истата бројка на вработени од месец август. Конкретно во охридско – струшкиот регион нема ни 40 отсто кои може да земат плата за месец октомври, онаа субвенционирана од државата. На неколку пати ние сугериравме дека не треба да се земат во предвид договорите на дело заради ваквите причини“, додава Блажевски.

На охридското крајбрежје има 44 категоризирани хотели со околу четири илјади легла. Преку оваа мерка на располагање на граѓаните им беа и 2800 објекти кои нудат приватно сместување во вили и апартмани кои исто така се регистрирани и категоризарани, а во нив има 22.500 легла. На ниво на цела Македонија бројот на категоризарани објекти е речиси 4.500. 

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП