23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИ годинава екологијата ќе трпи за сметка на економијата!

И годинава екологијата ќе трпи за сметка на економијата!

Темата за заштита на животната средина и борбата против загадениот воздух, води и почва само декларативно и тоа со години е тема која наводно е приоритет за Владата и надлежните институции. Еколошките здруженија се на став дека кога ќе се дојде до фаза на реализација на проекти проврзани со животната средина, во тој момент како наеднаш некој да подигнува рачна кочница. А граѓаните почнуваат да се вртат во круг, да одат од институција до институција обидувајќи се да ги поттурнат да реагираат.

Од Министерството за економија пак ни соопштија дека континуирано преку целата година работат на проблемот наречен загаден воздух, преку обезбедување на финансисики средства за рефундирање на граѓаните кои ќе набават енергетско ефиксни машини или слични предмети со кои не се загадува животната средина. Од Министерството за животна средина велат дека се изработи Програмата за намалување на аерозагадувањето и План за чист воздух, со што се предвидоа и преземаа конкретни мерки кои во зацртаниот период и се раеализирани.

Активистите за чист воздух и оваа година алармираат за истата мака. Надлежните се погласно зборуваат за наводна борба против аерозагадувањето, но се помалку пари предвидуваат за трошење за оваа намена. Од Коализијата О2 за Денар велат дека како граѓански активисти, истото го повторуваат со години, сметаат дека има минимален напредок, но многу важни закони кои треба да се усогласат со Европската регулатива кои не се ниту во почетни фази. Како потврда за ова го наведуваат и констатирањето на Европската Комисија во најновиот извештај за земјава во кој се потенцира дека административниот капацитет на сите нивоа останува слаб, а финансиските капацитети се уште не се доволни за спроведување на постојаното законодавство. Извештајот го потенцира токму она што сите ние го гледаме: немање координација и меѓусекторска соработка, а што всушност е само оправдување за несработеното и отсуство на каква било одговорност. Анализите на екологистите велат дека бавен е напредокот во програмата за намалување на аерозагадувањето. Недостасува одговорност за загадувачите додека усогласувањата за климатските промени се во „рана фаза“. Од Коализијата О2 апелираат до надлежните што поскоро да се донесат Законот за инспекција на животната средина како и Законот за управување со отпад.

„Дека загадениот воздух ќе ја влоши ситуацијата со Ковид 19 не е ништо ново, со оглед дека уште на почетокот на пандемијата имаше информации дека ризиците по здравјето на граѓаните се зголемуваат онаму каде воздухот е загаден. Средствата кои се одвојуваат за справување со загадувањето без дилема треба да бидат зголемени и тоа го прецизираме секоја година при носење на годишниот буџет. Се обидуваме да укажеме дека висината на издвоени средства во однос на сериозноста на проблемот со кој се соочуваме е срамно ниска. Последниот ребаланс на буџетот повторно ја потврдува оваа непопуларна пракса: намалени се огромни суми од сегментите за заштита на животната средина и префрлени во други сектори, што секако само потврдува дека иако пред јавноста добро звучи изјавата за борба против загадување, во стварноста секогаш е поклопена од недостиг на средства (и желба) за реализација. Така на пример, гледаме секојдневно дека општините, градовите, природата, се удавени во ѓубре, ама за чистење на дивите депонии со ребалансите на Буџетот за 2020, се предвидени 90% помалку средства. Во моментов 21 инструмент од мерните станици за мерење на квалитет на воздухот не работат, но 2/3 од средствата наменети за набавка на делови и нови инструменти се скратени“

Дополнително од О2 коалицијата напоменуваат дека годинава нема дотации во вид на надоместок за производство на енергија од фосилни горива за општините Аеродром, Центар, Гази Баба, Чаир, Кисела Вода, Битола, Могила, Новаци, Кичево. Дополнително, загрижувачки е тоа што наместо засилено да се чисти линданот од кругот на Охис, како и од канцерогените депонии, 70 отсто од средствата за отстранување на линданот се намалени.

Од Министерството за економија за Денар велат дека преку различни мерки придонесуваат за намалување на загадувањето на воздухот. За реализирање на активностите согласно Програмата за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата, во 2019 година, искористени и исплатени се вкупно 12.378.655 денари, кои се употребени за вградување на уреди за погон на ТНГ на 731 возила, односно субвенционирани беа 731 барател, велат од економија. Од министерстото ни образложија дека програмата за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, во 2020 година, не се реализираше од причина што средствата обезбедени за реализација на програмата се пренаменија за активности поврзани со справувањето со последиците од пандемијата.

„Со цел стимулирање на домаќинствата за користење на обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, на жителите кои ќе купат печки на пелети, Министерството за економија ќе им обезбеди поврат на средства во висина: до 50 %, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство за 2020 година, и до 70 %, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2020 година за категоријата на лица со ниски примања“, велат за Денар од Министерството за економија.

Инаку, печките на пелети треба да бидат купени во периодот од 1 јануари 2020 година до 06 март  2020 година. Огласот траеше од 6.02 до 6.03 . 2020 година.

Министерството за животна средина и просторно планирање врши мерење на квалиетот на воздухот со 17 фиксни и една мобилна автоматска мониторинг станица, кои се дел од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух. Секоја година ресорното министерство подготвува Годишен извештај на обработени податоци за воздух, вода, отпад, земјоделие и бучава. Во овој период се подготвуваат Статистики за животната средина за 2018 година. И тие податоци се на увид кај домашни и меѓународни институции.

„Би сакале да напоменеме дека проблемот со загадувањето на воздухот е комплексен проблем и јавноста најчесто го врзува за Министерството за животна средина и просторно планирање. Меѓутоа, секоја институција вклучувајќи го и Министерството може да делува само во рамките на своите ингеренции. Имено, Министерствотo за животна средина и просторно планирање е задолжено за донесување на законска регулатива, подготовка за национален план за заштита на амбиенталниот воздух во кој се дефинирани мерките за заштита и подобрување на квалитетот на водухот, за мониторинг на квалитетот на амбиентниот водух. Ние сме свесни дека овој проблем не се решава преку ноќ и не се решава само со затварање на индустриски капацитет или само со воведување на посебен режим во сообраќајот, туку бара интензивна, систематска и планска соработка на сите сектори и на сите нивоа во еден подолг временски период, за да конечно кога ќе ја отвориме веб страницата и ги видиме показателите на загадување на воздухот од нашите мерни станици кажеме дека се во ред“, велат од министерството.

Она што треба да го сфатиме сите како држава според невладините останува  минимизирањето, потценувањето и одлагањето на решавањето на проблемите поврзани со загадување, заштита на животна средина и климатските промени кои  не само што имаат директни последици по здравјето на граѓаните, туку повлекуваат и огромни финансиски штети и последици кон она што го оставаме во наследство на идните генерации. На стартот на оваа грејна сезона неколку пати загадувањето беше зголемено повеќе од двојно дозволеното, барем така покажуваа мерните станици. Македонските градови и општини години наназад се наоѓаат на врвот на светските листи по нивото на аерозагадување. Властите се менуваат, проблемот останува ист. А отровот во воздуход го дишеме сите заедно.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП