29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦГК: Системот на јавни набавки има многу слабости и овозможува коруптивно постапување

ЦГК: Системот на јавни набавки има многу слабости и овозможува коруптивно постапување

Јавните набавки остануваат рак-рана на македонското општество. Тендерите преку кои се трошат по над половина милијарда евра народни пари биле и останале слаба карика и ризик за корупција. Најчестите проблеми – ист производ или услуга институциите да плаќаат по двојно повисока цена, тендерите да завршуваат кај иста фирма, сомнеж за можно договарање, се само дел од ризиците кои ги детектира  истражувањето на Цнтарот за граѓански комукицаии на јавните набавки на 37 јавни претпријатија, кои лани потрошиле вкупни 247 милиони евра. Истражувањето на 45 страници низ конкретни набавки укажува на многубројни пракси и примери кои носат ризик од корупција. Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации за „Денар“ вели дела конретните примери покажуваат дека системот на јавни набавки има многу слабости и дека овозможува коруптивно постапување.

„Низ анализи на спроведените тендери во 2019 година истражувањето открива постоење на голем број ризици од корупција и тоа во сите фази на јавните набавки од планирањето преку спроведувањето на самите постпки до реализација на договорите. Коруптивните сомнежи се аргументирани преку конретни примери кои се дадени во анализата и кои покажуваат дека системот на јавни набавки има многу слабости и дека овозможува коруптивно постапување. Притоа, треба да се нагласи дека предмет на мониторинг беа тендерите на 37 акционерски друштва и претпријатија основани од Владата, Градот Скопје и општините Кавадарци, Гостивар и Струга. За значајноста на начинот кои токму овие претпријатија ги спроведуваат тендерите говори податокот дека тие во 2019 година склучиле договори за јавни набавки во вредност од 247 милиони евра, што е 27 % од вкупните јавни набавки на земјата“, изјави за „Денар“ Сабина Факиќ, Центар за граѓански комуникации.

Според неа, ризикот од корупција постои во сите фази на јавните набавки, од планирање, до спроведување и реализација.

„Во однос на планирањето низ конкретни бројки за секое претпријатие се открива дека тие прават чести и значајни измени на плановите за јавни набавки и имаат многу ниската реализација на плановите што говори за несоодветна проценка на потребите и го зголемува ризикот од надворшени влијанија и неформални договори. Во фазата на спроведување на постапките за јавни набавки малата конкуренција го потврдува постоењето на дискриминација на фирмите во набавките, се потврдувва високо ниво на концентрација на набавките кај една фирма и низ примери е искажан отворен сомнеж за договарање на фирмите со цел една на друга да си го препуштат добивањето на тендерот. Во однос пак на реализација на договорите за јавни набавки истражувањето открива дека мал дел од јавните претпријатија и акционерските друштва практикуваат да назначуваат лице за следење на реализацијата на договорите и во овој дел посочени се примери на доцнење во реализацијата на договорите како и на раскинување на договори без да се наведат објективните причини за тоа“, изјави Факиќ.

За целосно расветлување на состојбите во анализата е применет и тнр.Индекс на рационалност, инструмент што Центарот за граѓански комуникации го разви и го користи уште од 2011 година во насока на расветлување на ефектите од спроведените јавни набавки.

„Пронајдени се 5 исти производи и услуги кои овие претпријатија и акционерски друштва ги имаат купувано во временскиот период 2018-2020 година. Споредбата на цените по кои овие претпријатија купувале ист вид производ или услуга говори за значајни разлики. Па така хартијата за печатење (А4 формат, бела од 80 грама) е купувана по цени од 158 до 349 денари со што највисоката цена е за 120 % повисока од најниската. Притоа произлегува дека највисоката цена ја плаќа акционерското друшто,  МЖ Транспорт – АД Скопје, каде што се купени и најголемите количини од 8.000 топови хартија“, вели Факиќ.

Драстични разлики во цените има и кај набавката на електрична енергија, услугите за физичко обезбедување и други.

„Во однос на набавката на електрична енергија највисоката цена која ја плаќаа Национални шуми од 5.888 денари за 1 MWh е  за 24 % повисока од најниската цена од  4.738 денари.

Откриени се големи разлики во висината на провизијата која се плаќа за ангажирање вработени преку специјализираните агенции. Притоа, апсурдно ниската цена што е постигната од страна на МЕПСО, од само 0,01 % од бруто примањата на отстапените работници до највисоката цена ја плаќа ЈП Улици и патишта Скопје, со провизија од 8,90 % од бруто примањата на работниците.

Разлики во цените се констатирани и во Индексот на рационалност за физичко обезбедување. Највисоката цена која за оваа услуга ја плаќа АД Електрани од 36.875 денари за работник месечно е за 52 % повисока од најниската цена за оваа услуга.

Индексот на рационалност за нафтени деривати открива дека и покрај спроведените постапки за јавни набавки во кои се набавувани огромни количини на нафтени деривати, договарани се највисоките малопродажни цени утврдени од Регулаторната комисија за енергетика.

Констатираните разлики во цените не можат да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки, критериумот за избор или купените количини“, изјави Факиќ.

Според неа, единствената значајна разлика меѓу институциите што плаќаат најниска и највисока цена за набавка на анализираните производи или услуги може да се бара во бројот на понудувачи. Во сите постапки каде што имало еден понудувач договорите се склучувани по последните цени дадени од единствениот понудувач.

„Ваквата состојба уште еднаш упатува на потребата од стимулирање на конкуренцијата во јавните набавки, бидејќи само на тој начин може да се очекува дека за потрошените пари ќе се добие најдобрата вредност“, вели таа.

Во истражувањето за ЦКГ е особено интересен и уште еден наод. Забележале дека често, кога јавното претпријатие не објавува колку пари планира да потроши на одреден тендер туку само што и колку сака да купи, понудите кои ги добиле биле идентични со предвидените пари за таа намена. Ризикот од добивање инсајдерски информации за проценетата вредност на набавката, во случаи кога таа не се објавува јавно, е забележан во неколку мониторирани тендери, стои во истражувањето. Тоа го констатираат преку следните примери:

Пример 1

Државно јавно претпријатие во огласот за јавна набавка на фумигација на жито не ја навело проценетата вредност на тендерот, која била позиционирана на 1 200 000 денари (19 512 евра) без ДДВ. Добиена е една понуда, и тоа со цена од 1 199.610 денари, што е само 390 денари помалку, односно 0,03%. Вредноста не можела да се насети од видот на постапката бидејќи во „поедноставена отворена постапка“ можат да се купат стоки во вредност од 10 000 до 70 000 евра без ДДВ ниту, пак, од вредноста на претходниот тендер, за што постојат информации во Електронскиот систем за јавни набавки. Договорот е склучен со единствениот понудувач.

Пример 2

Акционерско друштво во тендер за градежни работи за изградба на објект ја проценило вредноста на зафатот во износ од 65 262 000 денари без ДДВ. Проценетата вредност не била јавно објавена во огласот за јавна набавка. Добиени се 2 понуди, од кои една е на износ од 65 220 636 денари, односно само 0,04 % пониска од проценетата вредност, и втора понуда од 87 906 122 денари. Понудите се дадени врз основа на предмет којшто содржи 132 ставки и симптоматично е вооченото совпаѓање на пресметките направени во акционерското друштво и на еден од понудувачите. На електронската аукција не биле доставени нови намалени цени и договорот е склучен со понудата од 65 220 636 денари без ДДВ. Вредноста на договорот со ДДВ изнесува 76 960 351 денари, односно 1,2 милиони евра.

„Праксата на јавните претпријатија и акционерските друштва е поделена, но секако дека во случаи кога проценетата вредност не се објавува јавно, таа информација не треба да биде доверена на фаворизираните понудувачи“, се вели во истражувањето на ЦКГ.

Како втор ризик е посочена концентрацијата на една фирма во јавните набавки на одредена институција, како еден од најрелевантните индикатори за постоење на ризик од корупција. Тоа е проблем којшто е евидентиран кај голем дел од анализираните претпријатија и акционерски друштва. Кај речиси една третина од нив, концентрацијата на набавките кај една фирма е поголема од 40 %. Третина од таргетираните претпријатија исто така ја применувале нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Високи удели на овие набавки во вкупната вредност на набавките се евидентирани кај Службен весник, со 28 % и кај Градски паркинг Скопје, со 22 %.

Сепак, целта на извештајот на Центарот за граѓански комуникации, не е само да ги идентификува потенцијално коруптивните практики, туку и да ги поттикне набљудуваните јавни претпријатија да ги подобрат својата транспарентност и постапки. Претпријатијата ветиле дека ќе се подобрат.

„По оваа анализа ќе следува и индивидуален скрининг на 37-те претпријатија, во којшто ќе биде даден приказ на клучните параметри што ги отсликуваат јавните набавки на ниво на претпријатие, како и на кадровските капацитети и внатрешните политики на таргетираните претпријатија. Целта е скринингот на состојбите да биде искористен во насока на приспособување на планираните работилници и обуки за претставниците на јавните претпријатија и акционерски друштва кон надминување на реалните слабости во спроведувањето на јавните набавки и максимизирање на ефектите од градењето на кадровските капацитетите и развивањето индивидуални планови за интегритет во јавните набавки. Центарот за граѓански комуникации има склучено писма за намери со основачите на таргетираните акционерски друштва и јавни претпријатија односно со Владата на РСМ, Градот Скопје и општините Кавадарци, Гостивар и Струга, во кои е наведено дека по детектирањето на генераторите на корупцијата во јавните набавки кај овие претпријатија ќе се даде поддршка за воспоставување одржливи механизми за унапредување на начинот на спроведување на јавните набавки”,вели Факиќ.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП