18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНе è сеедно каде сте: Источна Германија продолжува да заостанува 30 години...

Не è сеедно каде сте: Источна Германија продолжува да заостанува 30 години зад Западот

Дури 30 години по обединувањето на двете Германии, не може да се зборува за исти услови за живот. Разликите помеѓу Истокот и Западот сè уште постојат и денес – и не само во економијата.

На возраст од 30 години, вие сте релативно млади во Германија, бидејќи просечната возраст на населението е околу 45 години. Статистички, мајките го имаат своето прво дете на возраст од 30 години, во кој било дел од Германија. Во тој поглед, повеќе нема разлики помеѓу Западот и Истокот.

Пред повторното обединување на Германија на 3-ти октомври 1990-та година, беше поинаку: прворотките на Запад беа во просек 27 години, а на истокот 24. Значи, кога станува збор за основање семејство, условите за живот се еднакви. Покрај тоа, дојде до изедначување во користењето на слободното време и членството во здруженијата.

Како што вели Марко Вандервиц, комесар на германската влада за новите сојузни држави, „без оглед на статистиката што ќе ја погледнете – има повеќе заедничко отколку различно“. Навистина? Годишниот извештај за состојбата на германското единство, што Вандервиц го презентираше во средината на септември, дава податоци од кои може да се извлечат различни заклучоци.

Економски разлики

Сликата не е розова, пред сè, кога станува збор за важни фактори: економската моќ на петте сојузни покраини на Истокот е само 73 проценти од целосниот германски просек. А, кога станува збор за платите – со скоро 89 проценти, тие се уште се далеку од нивоата на Западот на земјата.

Вандервиц отворено зборува за овој дефицит и се надева на промени: со доаѓањето на технологиите за иднината во Источна Германија, како што е отворањето на гигафабриката за електричните автомобили на „Тesla“, близу Берлин. Тој конкретно размислува за инвестиции во областа на мобилноста, водородот и вештачката интелигенција.

Дагмар Енкелман, претседател на Фондацијата Роза Луксембург, близок до Левицата, има ист став: „Економските диспаритети, се разбира, значат различни случувања на Истокот и во иднина“, рече таа, додавајќи дека треба да размислиме како да се дејствува поинаку во регионалниот развој и економската политика.

Вандервиц дури се надева дека чувството на среќа како резултат на обединувањето ќе може да се оживее. Сепак, овој политичар роден во Истокот сè уште е загрижен дека демократијата е помалку ценета во поранешна ДДР: само 78% од анкетираните ја сметаат демократијата како најдобра социјална форма за Германија, во споредба со 91 на Западот.

Вандервиц вели дека имиграцијата на младите е неопходна доколку Истокот сака да ја одржи економската моќ. Голем број млади сè уште одат на Запад – ги има скоро сите големи компании во автомобилската и хемиската индустрија, како и подобро платените работни места.

Странска работна сила

Но, имајќи предвид дека тоа може да остане само желба, Марко Вандервиц размислува за нова работна сила од други земји, поради нејзината културна близина, пред се од Европа. Така, тој би можел да замисли дека Полјаците, кои не можат да останат во Велика Британија поради Брегзит, ќе започнат повеќе да доаѓаат во Германија. „Но, мора да се бара низ целиот свет! Затоа што тогаш тоа е отвореност кон светот и претставува култура на добредојде“.

Сепак, Германците од Итокот од земјата очигледно имаат поголеми проблеми со тоа од Германците на Западот. Ова може да се види од изборните резултати на десничарско-популистичката Алтернатива за Германија, која, според проценката на Службата за заштита на уставниот поредок, е делумно десничарски-екстремна. Во сите пет источногермански сојузни држави влезе во парламентите со изборни резултати кои во некои случаи надминуваат 20 проценти.

Погледот на политичката мапа на Германија покажува: „АфД“ во меѓувреме е насекаде; таа е најсилната опозициска партија во Бундестагот од 2017-та година. Двоцифрените изборни резултати на „просперитетниот југ на Германија“, како што вели историчарот Франк Беш, покажуваат дека нивниот успех не е предизвикан само од слабата економска моќ и недостатокот на космополитизам. Во Баварија, „АфД“ освои повеќе од 10% на последните избори, а во Баден-Виртемберг дури 15%.

Западна Германија е „модерна“

Во двете економски најразвиени германски покраини учеството на странците е над германскиот просек и изнесува 12 проценти. Но, би било премногу лесно на тој начин да се објасни успехот на десните популисти. Бидејќи, тогаш „АфД“ на Исток, каде просекот на странците е пет проценти – ќе мора да биде слаб.

Фактот дека структурата на населението на Запад е пошарена и меѓународна дури 30 години по обединувањето, е затоа што имиграцијата таму започна во 60-тите години на минатиот век.

Кога Марко Вандервиц (44) го презентираше извештајот за состојбата на германското обединување, тој раскажа анегдота за состанокот на неговата генерација 25 години по дипломирањето, пред две години. Бројот на оние кои останаа во Саксонија може да се смета на прстите на едната рака.

„Остатокот е некаде на Западот на Германија, во Швајцарија, Австрија“, вели тој. Тој исто така посочува дека во меѓувреме слабее трендот на иселување и дека, во секој случај, цели генерации матуранти повеќе не заминуваат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП