26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРанливите категории да се заштитат од енергетска сиромаштија!

Ранливите категории да се заштитат од енергетска сиромаштија!

Регулаторната  комисија за енергетика бара можности во следниот период ранливите категории на граѓани да користат дополнителни средстава за заштита од енергетска сиромаштија. Синдикатот и граѓанските здруженија кои протестираат против зголемувањето на цената на електричната енергија бараат пониски трошоци за струја. Од меѓунаордната заедница и сугерираат на Владата дека државата во ова кризно време мора да гарантира струја, вода и гас на секој граѓанин.

Регулаторот веќе имал неколку средби со синдикатот и со граѓански организации се со цел да изнајдат решенија на долг рок. Како една од опциите кои се во игра, според Марко Бислимовски претседател на Регулаторната комисија за енергетика, е и намалување на ДДВ-то, но тој смета дека доколку би дошло до намалување на ДДВ-то на струјата на тој начин би добиле сите потрошувачи, не само ранливите категории на потрошувачи, и така би добиле и богатите кои што реално немаат никакви проблеми при плаќањето на своите сметки за електрична енергија.

„Регулаторната комисија за енергетика е на став дека треба да се зголеми бројот на ранливи категории на  потрошувачи кои треба да добиваат соодветна помош за социјална заштита од енергетска сиромаштија и сите тие потрошувачи да бидат најдени. Вообичаено, тоа се примателите на социјална помош, но и сите граѓани кои имаат економски  проблеми од моменталната ковид криза. Но оние потрошувачи кои реално немаат проблеми сметаме дека нема потреба да им се обезбедува дополнителна помош за социјална заштита од енергетска сиромаштија“, вели Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Независните синдикати и здруженијата на граѓани кои протестираат поради одлуката за зголемување на цената на струјата бараат средба со Премиерот и со владините министри, да се издејствува повлекување на одлуката за покачување на цената на електричната енергија. Синдикалците ќе бараат преиспитување на давачката за 33 отсто ефикасност во сметките за електрилна енергија, ќе побараат и намалување на ДДВ-то на електрична енергија по примерот на сметките за парно греење. Но, и да се преиспита постоењето на институцијата Регулаторна комисија за енергетика, и да се води сметка на трошоците на државните енергетски компании ЕСМ и МЕПСО.

„Прво и основно наше барање беше да се повлече поскапувањето на струјата, а дури потоа да преговараме за другите работи. Нивниот одговор беше дека тоа не е во нивна надлежност и Регулаторната комисија за енергетика не може да го повлече поскапувањето на струјата. Ни соопштија дека може да дискутираат за одредени бенефиции за посиромашни граѓани или некаква субвенција за електрична енергија“, вели за Денар Марјан Ристески долгогодишен синдикалец и антивист.

Сојузот на синдикати на Македонија  ќе бара пред секое покачување на стујата да се отвори јавна распарава, да бидат запознаени синдикатите, и невладени и граѓански организации од областа за заштита на работниците. Од ССМ се оптимисти дека веднаш по завршувањето на преговорите ќе има и резултати и бенефит на граѓаните.

„Следната средба се договоривме да биде во зградата на ССМ, во амфитеатарот каде што ќе бидат поканети и невладините организации кои протестираат за покачувањето на струјата, се со цел поголема транспарентност во преговорите и да се отвори една јавна расправа за покачувањето на стујата“, вели за Денар, Дарко Димовски претседател на ССМ.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека со цел зголемување на опсегот на корисници кои спаѓаат во категорија на ранлива  група на потрошувачи на енергија, е донесен Закон за социјална сигурност за старите лица во кој е предвиден паричен додаток за потрошувачка на енергенси во домаќинството и за старите лица корисници на ова право. Од ресорното министерство појаснуваат дека висината на паричниот додаток е иста како и за корисниците на гарантираната минимална помош во висина од 1000 денари помош во текот на шесте зимски месеци за покривање на трошоците за греење, поточно за месеците од октомври до март.

„Со започнување на кризата предизвикана од вирусот Ковид – 19 од страна на Владата на Република Северна Македонија се донесени Уредби со законска сила, со кои паричниот додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, корисниците на гарантирана минимална помош го остваруваат до месец декември 2020 година со цел намалување на ризикот од сиромаштија. Средствата потребни за овој вид на паричен додаток се обезбедени преку Буџетот на Република Северна Македонија, за сите корисници на правото на Гарантирана минимална помош и Социјална сигурност“, велат за Денар од Министерството за труд и социјална политика.

Претседателот на Европската енергетска заедница Јанез Копач веќе соопшти дека треба дополнително да се разгледа можност да се воведе привремена мерка која ќе значи проширување на опфатот на лица кои ќе влезат во групата за субвенционирање на сметки со вклучување на граѓани кои се директно економски погодени од здравствената криза. Тој како пример ги потенцираше категориите граѓани кои поради кризата останале без месечни примања. Но тоа не значи дека секој треба да добие помош. Државата не треба да ги субвенционира сметките за електрична енергија на највисоко платените менаџери и други граѓани со високи примања, кои се субвенционирани со нереално ниски цени во моментов. Копач смета дека Владите мора да ја гарантираат достапноста до струја, вода и гас за секого и да ги разгледаат можностите да им помогнат на граѓаните кои се со ниски примања. Северна Македонија ја имплементираше целокупната потребна легислатива и го реформираше електро-енергетскиот сектор во согласност со третиот енергетски пакет, вели Копач. Националната легислатива опфаќа и правила кои се однесуваат на енергетска сиромаштија во која се дава можност на државата да субвенционира дел од сметките за струја за најранливите категории.

Владата пред десет години донесе Програма за субвенционирање на потрошувачка на енергија, корисници на оваа програма беа домаќинствата на социјална парична помош и постојана парична помош, а висината на субвенцијата која корисниците ја добиваа со секоја платена сметка имаше тенденција на зголемување започнувајќи од 600 денари во 2010 година и истата достигна висина до 1000 ден во 2018 година. Надоместокот за субвенција за потрошена енергија беше исплаќан на месечна основа и тоа со доставување на доказ за платена сметка за електрична енергија или сметка потврда за некој вид на енергенс до Меснонадлежниот центар за социјална работа со барање за рефундирање на средствата во висина на предвидената субвенција.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП