По информациите кои вчера ги објави Државниот завод за статистика дека трошоците за живот на граѓаните се зголемени за 4,5 отсто на годишно ниво, граѓаните добија потврда дека нивните пари многу побрзо се трошат за набавка на основните потреби.
Властите се уште прават анализи, потребни ли се или не нови мерки кои ќе им застанат на патот на инфлацијата. На терен од Владата велат дека откриле нефер трговци кои неетички ги формираат цените. И додека се анализира и се мисли како да се намалат негативните состојби во трговијата на големо и мало, граѓаните ги преплаќаат производите кои секојдневно ги купуваат.
Од Министерството за економија велат дека будно ја следат состојбата. Анализите биле во тек, мерки ќе има ако се утврди потреба од нивно носење. Најновиот раст на цените според ресорното министерството е поради растот на цените на дериватите поради војната помеѓу Израел и Иран.
„Министерството за економија и труд активно ја следи состојбата со базичната инфлација, и во координација со Владата спроведува анализи за движењето на цените, со цел навремено носење на таргетирани и ефикасни мерки за заштина на животниост стандард на граѓаните. Според последните информации на Државниот завод за статистија, инфлацијата мерена според индексот на трошоци на живот во јуни 2025 година во однос на јуни 2024 година изнесува 4,5 отсто, а месечниот раст на месечно ниво е само 0,8 отсто. Најголемо влијание врз месечната инфлација има зглолемување на цените на транспорт за 2,9 отсто. Особено значаен е растот на цените кај услугите каде е забележано отскокнување со двоцифрени стапки во некои категории, што укажува на структурен притисок кај базичната инфлација“, велат за Денар од министерството за економија.
Од владата уверуваат дека нови мерки ќе има, но без прецизен датум и без детали, дали тоа ќе биде повротно ограничување на маржата или нешто друго. За една година и цените на мало се зголемени за 3,7 отсто што полека почнува да влијае врз куповната моќ на граѓаните.
Од друга страна економистите се на став дека државата не треба да се меша во пазарната економија, туку да се остават трговците самите да ги регулираат цените. Но, да биде поригорозен и Законот против нефер трговски практики. Јавноста се уште чека разврска за случајот во кој неколку маркети картелски се договарале како да ги зголемуваат цените во малопредажбата. Овој случај го откри и објави Комисијата за заштита на конкуренцијата, но засега нема крајна разврска.
И.П