25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕК намалува царини за 20 држави меѓу кои и за Македонија

ЕК намалува царини за 20 држави меѓу кои и за Македонија

Европската комисија усвои пакет за полесна трговија на стоки помеѓу државите од Европската унија и останати 20 земји од пан-медитеранскиот регион. Со новите правила се менуваат билатералните договори кои Европската унија ги има со  Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово од регионот. Останати држави кои влегуваат во оваа група се Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Швајцарија, Фарските Острови, Турција, Египет, Јордан, Либан, Палестина, Грузија, Молдавија, Украина.

Новиот пакет мерки според Европската комисија е пофлексибилна примена на правилата за дијагонална кумулација на потеклото на стоките помеѓу Европската унија и горенаведените држави. Целта е да се зголеми трговијата и да се ублажат негативните ефекти од економската криза предизвикани од коронавирусот.

Конкретно, мерките предвидуваат елиминација на кумулативните барања, потоа праговите на локална додадена вредност, но исто така ќе се земе во предвид и зголемувањето на праговите за толеранција на материјали што се без потекло, од 10 на 15 отсто. Исто така ќе се воведе целосна кумулација на која ќе зависи од потребни производни операции за потекло на повеќе производи кои се поделени во неколку земји, но и можност за поврат на царина за поголем број на производи.

Системот на оваа пан-медитеранска кумулација на потекло на стоките се заснова врз мрежа на договори за слободна трговија кои овозможуваат примена на дојагонална кумулација меѓу Европската унија, земјите на ЕФТА, Турција, државите потписнички на Декларацијата за Барселона, Западен Балкан и Фарските Острови, стои во соопштението на Европската Комисија.

Денар побара мислење од Сојузот на стопански комори, колку овие најавени поволности за транспортерите од Македонија ќе придонесат за побрз и поекономичен транспорт.

“Новите правила за потекло треба да обезбедат поедноставен начин за движење на одредени специфични производи, како што се отстранување на прагови за локална додадена вредност, зголемени правила за толеранција, воведување „целосна“ кумулација на потекло, вели Габриела Кулебанова, потпретседател на Сојуз на стопански комори на Македонија. Според неа правилата за потекло се неопходни во трговските договори, бидејќи со нив се одредува која стока може да има повластен третман.

„Сојузот на стопански комори на Македонија во континуитет го поддржува и промовира процесот на олеснување на трговијата преку имплементација на современи светски движења со дигитализација на процесите, што е од особена важност за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на деловната заедница. Имајќи предвид дека мерките за олеснување на трговијата имплицираат бројни придобивки, позитивен е сигналот на Европската комисија која неодамна усвои пакет предлози за поголема трговска размена помеѓу Европската унија и 20 соседни земји со цел зголемување на трговијата и ублажување на ефектите од економската криза предизвикана од корона вирусот. Станува збор за договори меѓу Европската Унија и 20 други трговски партнери, членки на паневромедитеранскиот регион меѓу кои е и Македонија“, вели за Денар Габриела Кулебанова, потпретседател на Сојуз на стопански комори на Македонија.

Според ова бизнис здружение, суштината е дека сите стоки што уживаат преференцијален статус и се што увезуваат од овие земји во Европската унија, ќе имаат или минимална царина или воопшто нема да ја имаат, што ќе не приближи до аспирациите за еднаков пристап до единствениот европски пазар на унијата.

Од Царинската управа велат дека се целосно запознаени со новите мерки и активно учествуват во процесот на менување на Конвенцијата за пан-евро-медитерански правила за потекло.

„Новите правила за потекло треба да обезбедат поедноставени правила за одредени специфични производи, како што се отстранување на кимулативните барања, прагови за локална додадена вредност, зголемени правила за толеранција, воведување на „целосна“ кумулација на потекло. Царинската управа на Република Северна Македонија навремено ќе Ве информира за промените во трговијата со ЕУ.“

Оваа одлука во октомври годинава треба да ја одобри Советот на ЕУ, со што очекувањата се работите да бидат дополнително прецизирани. Понатаму овие правила треба да бидат усвоени од сите земји-членки на ЕУ. Согласно Европската комисија, предлозите ќе ги модернизираат договорите на ЕУ со 20 трговски партнери така што релевантните правила за потеклото во тие договори ќе станат пофлексибилни и попогодни за бизнисот.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП