25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИма ли корупција во јавните набавки?! Во извештајот на ЦГК, 48 проценти...

Има ли корупција во јавните набавки?! Во извештајот на ЦГК, 48 проценти од фирмите одговориле „да“

Во јавните набавки во земјава често или секогаш има корупција. Овој поразителен одговор го дале речиси половината или 48 проценти од компаниите во извештајот на Центарот за граѓански комуникации за мониторинг на јавните набавки. Она што повторно се потенцира и во овој извештај е дека сумата за која се склучени договори без тендер, туку во четиори очи расте. Па така без објавување на оглас државните институции лани склучиле вкупно 368 договори вредни 40 милиони евра. Иако бројот на склучени договори е помал за разлика од 2018 година, нивната вредност е поголема, покажува извештајот на ЦГК. И бизнисот се согласува со резултатите од извештајот. Велат јавна тајна е дека постои корупција во јавните набавки.

„Секако дека мислењето кај сите од приватниот сектор е дека постои корупција во јавните набавки. За тоа најмногу зборува бројот на поништени огласи, па приговори – скоро и да нема јавна набавка која од прва ќе пројде. Па така, потоа има распишување на нов тендер. Самото тоа зборува дека нешто не е во ред. Јас лично не соработувам со компании кои конкурираат на тендери. Тоа градежниците почесто имаат такви проблеми. Покрај корупцијата тие многу реагираат на фамозниот член од Закон за извршување каде со добиени судски спорови не можат да ги наплатат износите на завршени набавки. А тоа им го дозволува тој фамозен член каде до одреден износ за нормално функционирање на општината, таа иако должи не може да биде блокирана. И тоа остава простор за манипулации. Сепак мислењето и на граѓаните и на бизнисот е дека постои корупција во јавните набавки“, изјави за „Денар“ Ангел Димитров, од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Според извештајот на ЦГК за фирмите проблем е и обемната документација која институциите ја бараат, а од друга страна просечно чекаат седум месеци за да ги наплатат средствата за веќе завршената набавка. Според извештајот, зголемен е бројот на тендери кои биле објавени па се поништиле. Односно секој четврти објавен тендер бил поништен, што според Центарот за граѓански комуникации отвара сомнеж за користење на злоупотреби и манипулации.

„Кога станува збор за другите наоди од мониторингот, може да се издвојат – високиот процент на поништување на тендерите од 27 %, што може да значи и алиби за прикривање на слабостите или манипулациите на тендерите; порастот на вредноста на директните договори на 40 милиони евра за 2019 година, односно набавки според нетранспарентната постапка на преговарање без објавување оглас; како и непочитување на законските обврски за навремено известување на јавноста за спроведените тендери”, изјави за „Денар“ Герман Филков, од Центарот за граѓански комуникации.

Во извештај се објавени и резултатите од редовната годишна анкета со фирмите за нивните искуства од учеството во јавните набавки.

„Трите проблеми со кои фирмите најчесто се среќаваат во набавките се најниската цена како единствен критериум (проблем за 74% од фирмите), како и обемната документација потребна за учество на тендерите и нередовното плаќање од институциите за спроведените тендери (што е проблем за 46% од фирмите). Од другите резултати од анкетата се издвојува високиот процент на фирми (48%) кои изјавиле дека во јавните набавки често или секогаш има корупција, како и оценката што ја даваат фирмите за процесот на јавните набавки во земјава која за 2019 година изнесува 2,82 што е малку послабо од оценката во 2018 година од 2,87“, вели Филков.

Според него, мониторингот на спроведувањето на јавните набавки во втората половина од 2019 година покажала дека речиси во сите тендери се применуваат најниската цена како единствен критериум за избор на најповолната понуда и електронската аукција за дополнително намалување на цените.

„Со новиот закон кој важи повеќе од една година, и најниската цена и е-аукцијата не се задолжителни бидејќи со нив се врзуваа главните проблеми во јавните набавки. Најниската цена, во комбинација со е-аукцијата овозможуваат толку ниски цени во јавните набавки што се доведува во прашање квалитетот на она што на крајот ќе се испорача по тие цени. Од друга страна, доколку има само еден понудувач тогаш нема аукција и неговата почетна цена, која вообичаено е повисока во очекување да се намали во текот на аукцијата, останува како крајна. Тие цени се често доста повисоки и од редовните на пазарот“, вели Филков.

Институциите пак најчесто се правдале со незнање да ги применат другите критериуми.

„Институциите велат дека прибегнуваат кон најниската цена и е-аукцијата поради незнаење да ги применат другите критериуми (каде ќе го вреднуваат квалитетот, односот на цената со трошоците и сл.), како и поради стравот од грешки. Сепак, ова не е доволно оправдување затоа што во јавните набавки, кога се трошат парите на народот, треба да се настојува да се купи тоа што е најисплатливо, односно да се добие најдобрата вредност за потрошените пари. Слично како кога купуваме за дома и кога трошиме наши пари. Тогаш настојуваме да го купиме она што е најдобро за износот на пари што планираме да го потрошиме. Во јавните набавки има и производи каде што квалитетот или другите елементи се позначајни од цената, која секако дека треба да се земе предвид, но не и да има доминантно значење. Пример, кога се купува храна за во градинките и болниците или медицински материјали и сл. Набавка на производи единствено по најниска цена значи, на пример, обележаните пешачки премини на улиците да бледнеат и да се бришат уште по првиот дожд“, вели Филков.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП