20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФинансиски совети од Институтот за ревизија на РМ

Финансиски совети од Институтот за ревизија на РМ

Покрај грижата за вашето здравје и здравјето на вашите најблиски, периодов е навистина тешко да се фокусирате на финансиското планирање, организирањето на средствата и стабилноста на инвестициите. Сепак, глобалната пандемија налага детално и одговорно планирање на финансиите, со цел оваа (досега) краткорочна криза да не се претвори во долготраен финансиски проблем. Од таа причина, Институтот за ревизија на РМ издвои неколку совети кои би можеле да ви помогнат во невообичаениот период низ кој сите ние поминуваме.

Моменталната ситуација е далеку од идеална, но сепак постои доза на оптимизам дека пазарот полека учи да се приспособува на оваа состојба. Отворањето на границите и ослободувањето на дел од мерките за претпазливост, покрај другите фактори, придонесоа за повторно и забрзано ширење на вирусот. Пролетните мерките доведоа до многу негативни економски последици, што веројатно значи дека мерките во иднина, доколку се потребни, ќе бидат далеку подобро адаптирани на ситуацијата. Затоа, советите кои ИОРРМ реши да ги сподели се апликативни на општата ситуација и се наменети за решавање на суштинските, круцијални проблеми и дилеми кои потенцијално ве мачат вас и вашата компанија.

За да бидете успешни во работата, дури и во нормални услови, потребна е финансиска дисциплина, која во перидот на пандемија треба да биде зајакната и „стегната“ со цел да ви овозможи да ја задржите сигурноста на компанијата. Од ваш интерес е детално да го испланирате вашиот буџет и да се придржувате до него. Тоа ќе ви помогне да ги идентификувате потенцијалните трошоци, да размислите за нив и финално, да се обидете да ги намалите преку елиминрање на непотребните ставки и активности. Потоа, важно е добро и паметно да ги распределите средствата и инвестициите, така што нема да вложите премногу средства на едно место притоа ризикувајќи тие да бидат изгубени во периодот на неизвесност кој следува.

Добрата организација на бизнисите потекнува од проучувањето и поставувањето на сопствени приоритети во секој сегмент од работењето. Имањето на конкретни приоритети ќе ви помогне да одлучите како и каде треба да бидат вложени средства, каде може да се одземат, кој дел од нив може целосно да се отстрани и тн.. Прв чекор е да идентификувате што е ваша потреба, а што едноставно само сакате да го добиете, но можете да преживеете и без него. Така, на пример, скапите инвестиции кои во моментов не ви се толку потребни (проширување на возниот парк, инвестирање во производни погони) би требало да бидат подолу на листата на приоритети, а над нив мора да се платите на вработените, сметките, кирии, трошоци на компанијата и слично.

Ќе бидете изненадени колку голем фактор е интерната комуникација во непредвидливи ситуации како што е актуелната пандемија. Поврзаноста и координираноста на тимовите внатре во самата организација придонесува за постојано да имате контрола над работата, трошоците и потенцијалните закани кои го демнат вашето претпријатие. Обично се вели дека „Времето е пари“, но во денешницата кога секој брза некаде (иако пандемијата стави сомнеж околу прашањето: која е крајната дестинација?) може да се каже дека и „Информацијата е пари“. Претпријатијата кои добро менаџираат со податоците со кои располагаат, знаат да го протолкуваат нивното значење и да го применат во нивната работа, најчесто се оние кои се најуспешни.

Во периодот кој следува никој не може да ја гарантира својата финансиска стабилност, но со добро планирање и одговорно раководење со средствата можете да си дадете поголема шанса за успешно пребродување на оваа глобална криза. Можеби не веднаш и можеби не следниот месец, но економијата ќе заздрави и оваа 2020 година ќе биде само уште една година во економските учебници која ќе им послужи како пример на следните генерации. А дотогаш, на вас е да одберете каков пример ќе оставите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП