28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНад 140.000 станови под хипотека, на секој осми стан "газди" се банките

Над 140.000 станови под хипотека, на секој осми стан “газди” се банките

Корона кризата ја падна продажбата на станови, но порасна бројот на станови запишани под хипотека кај банките. Така во вториот квартал од годинава, или во периодот од април до јуни, во екот на пандемијата, се запишани нови 2.148  станови под хипотека.  Со тоа во моментов од  вкупно 1.095 579 станови, дури на 140.571 сопственици се банките  – или преку хипотеките, на банките е пренесена сопственоста на дури 12,83 проценти од станбениот фонд во земјава. Тоа практично значи дека секој осми стан во земјава е под хипотека.

Како и претходно, Скопје е рекордер по заложени станови-дури половината од хипотеките се во главниот град. Податоците покажуваат дека на секој петти стан во метрополата „газди“ се банките. Така во катастарот во Скопје во периодот од април до крај на јуни биле запишани вкупно 321.430 станови, од кои дури 21,67 проценти или 69.668 се под хипотека.

Втор на листата градови со процентуално најмногу хипотеки во споредба со бројот на впишани станови во катастарот е Неготино каде на банките се пренесени имотни листови на 18,61  проценти од становите или од вкупно 12.963 станови во општината, дури 2.413 се под хипотека.

 

Гевгелија е на третото место според процентот на заложени станови и тоа од вкупно 23.951, хипотека има на 3.970 или на 16,58 проценти.

Со станови под хипотека над државниот просек се уште Кавадарци со 14,65 проценти заложени станови, Битола со 13,19 проценти, Штип со 12,86 проценти од вкупниот број станови во општината.

Најдолу на листата, или со најмалку станови под хипотека се Кратово, со само 1,34 проценти и Македонски Брод, каде што во банка се заложени 1,71 проценти од станбениот фонд.

Податоците покажуваат дека драстично расте бројот на станови под хипотека во земјава. Споредено со истиот период, втор квартал од 2017 година, или замо за три години бројот на станови под хипотека пораснал за 34.133 станови или тогаш под хипотека биле 10,20 проценти од становите во земјава или за 2,63 проценти помалку од сега.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП