20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКорона кризата ќе удри врз ПИОМ - ќе паднат приходите, ќе расте...

Корона кризата ќе удри врз ПИОМ – ќе паднат приходите, ќе расте дупката во Фондот

Корона кризата ќе удри врз приходите во Фондот за пензиско и ќе ја продлабочи дупката во Пиом, која се мери во  над половина милијарда евра – предупредуваат експертите. Државата која има помали приходи, ќе мора да издвои повеќе средства за да ја сервисира загубата која ќе ја предизвика пандемијата со коронавирусот и економската криза. Универзитетската професорка Јадранка Мршиќ за “Денар“ вели дека најголемиот удар се очекува во третиот и четвртиот квартал од годинава. Вели не може да се предвиди колку би се зголемил дефицитот во Фондот за ПИОМ.

„Се ќе зависи од уплатата на ппридонесите. Податоците на ПИОМ покажуваат дека приходите дури и во мај се помали споредено со претходната година, а и бројот на невработени лица расте во април и мај. Веројатно последиците најостро ќе се одразат покасно, во третиот и четвртиот кваратал, а во зависност од развојот на здравствената криза ќе се креираат очекувања за првиот квартал на 2021 година”, изјави за „Денар“, универзитетската професорка Јадранка Мршиќ.

Според неа намалените плати на работниците и отпуштањата од работа, ќе ја продлабочат дупката во ПИОМ.

„Кризата предизвикана од корона вирусот драстично ја намали економската активност, заради што работодавачите ги намалуваат платите на вработените, а и бројот на вработени лица. Ова ќе доведе до пад на приходите на Фондот на ПИОМ, што во услови на  непроменети расходи, заради фиксните обврски за пензии, ќе го продлабочи дефицитот на буџетот на Фондот. Државата ќе мора да издвојува повеќе средства од општиот буџетот (кој исто така има намалени приходи) за да го покрива пензискиот дефицит. Состојбата ќе се подобрува како што ќе заздравува економијата и ќе расте бројот на вработени и висината на платите“, вели Мршиќ.

Таа алармира на опасноста од кризата врз вториот пензиски столб, зошто ова е втора криза од нивното формирање. 

„За разлика од системот на тековно финансирани пензии, каде товарот за надоместување на недостатокот на средства за исплата на пензиите е на државата, во системот на капитално финансирано пензиско осигурување последиците од кризата се на товар на пензиските осигуреници, членови на пензиските фондови. Ова е втора криза откако е воведен вториот пензиски столб и би требало да биде повод за надлежните институции да извршат усогласување на регулативата заради заштита на вредноста на средствата на членовите кои заради исполнување услови за пензија треба да ги користат средствата од сметката во време на криза“, изјави Мршиќ.

Според неа исплатата на пензиите не е загрозена, но треба менување на регулативата за вториот пензиски столб за да се заштитат средствата на членовите во приватните пензиски друштва.

„Исплатата на пензиите е обврска на државата и таа треба да обезбеди средства за тоа, независно колку се приходите по основ на пензиски придонеси. Тоа се однесува на пензиите од првиот столб, и на делот на пензиите што се исплаќа од првиот столб за членовите на двостолбниот систем. Се уште е мал бројот на пензионери од двостолбниот систем и за делот на пензијата од насобраните средства на нивните сметки. Треба да се анализира влијанието на вакви и други кризи во иднина што би влијаеле на пазарот на капитал, а со тоа и на вредноста на средствата на сметките. И врз основа на тоа да се изврши менување на регулативата, доколку се оцени дека има потреба”, вели Мршиќ.

Според Мршиќ кризата ќе ги погоди сите области-економијата, образованието, спортот, културата, здравствениот и пензискиот систем.

„Одговорност на владата е во такви услови да ги заштити здравствено, социјално и финансиски граѓаните, особено ранливите групи, во кои спаѓаат и пензионерите”, потенцира таа.

Фондот на пензиско до сега не излезе со анализа како корона кризата влиае на приходите во Фондот. А министерката за финансии  Нина Ангеловска убедуваше дека дури има раст во наплатата на пензискиот придонес. Но, она што загрижува е тоа што уште лани овој период ПИОМ излезе со Стратегиски план 2020-2022 година кој покажа дека до 2022 година ќе порасне  бројот на пензионери, а за пензии ќе бидат потребни повеќе од една милијарда евра.

Во 2022 година во споредба со годинава, прогнозите на ПИОМ покажуваат дека во земјава бројот на пензионери ќе се зголеми за 10.153 нови корисници на пензија. Годинава пак според Стратегискиот план, само за исплата на пензии на ПИОМ му се потребни 946 милиони евра. Оваа сума се зголемува следната година на ниво од 980 милиони евра, за во 2022 година да достигнува една милијарда и 20 милиони евра.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП