Од минимална до седумцифрена месечна плата. Денар анализа за стандардот на граѓаните. Како се движат приходите на граѓаните во последниот месец. Како граѓаните поминуваат од први до триесет и први во месецот. Но и колку компаниите ќе можат да функционираат во едно вакво вирусно стопанство со многу неизвесности и предизвици. Има ли државата финансиска кондиција за нов пакет на помош доколку ситуацијата дополнително се проблематизира од есен?
За месец јуни близу 60 илади вработени во приватниот сектор добиле минимална плата од 14.500 денари. Податоците на Управата за јавни приходи покажуваат дека нешто над 130 илјади лица истиот месец заработиле плата до 20 илјади денари. Податоците на УЈП покажуваат дека над 133 илјади работници во јуни добиле плата која се движела од 20 до 30 илјади денари. Во земјава има речиси 80 илјади граѓани кои заработуваат од 30 до 60 илјади денари месечно, а пак над илјада евра плата во јуни добиле 14 570 вработени. Податоците се однесуваат на последно исплатена плата на вработени со полно работно време и полн фонд на часови, велат за Денар од Управата за јавни приходи.
Исплатени плати во јуни 2020 година
До 14.500 денари исплатено на 57.144 вработени
Од 14.501 до 20.000 денари исплатено на 130,619 вработени
Од 20.001 до 30.000 денари исплатено на 133,820 вработени
Од 30.001 до 60,000 денари исплатено на 79,154 вработени
Над 60.001 денари исплатено на 14,570 вработени
Од Управата за јавни приходи добивме и податоци за највисоките три плата во Македонија. Во јуни највисока исплатена плата во реалниот сектор изнесува нешто над 125 илјади евра (7,727,400 125 денари) следува месечната плата од 98 илјади евра (6,045,500 денари) третата највисока исплатена плата за јуни изнесува 93 илјади евра (5,774,000 денари).
Од УЈП велат дека 9162 лица добиле плата од друг орган поради боледување или друг вид на отстуство од работа.
Што се однесува пак до просечната плата во земјава таа е на ниво нешто над 26 илјади денари. Податоците на Државниот завод за статистика покажува дека највисоки плати земаат вработените во информатичките дејности во висина од 67 илјади денари во просек, потоа секторот комуникација со просечна плата од речиси 54 илјади денари месечна плата. Платите во овој сектор се зголемени за цели 24 отсто на годишно ниво. Следува фармацевскиот сектор со просечна плата од 48 илјади денари, а веднаш под нив се вработените во финансиските дејности со месечна плата од 44 илјади денари. Вработените пак во секторот рударство надминуваат 35 илјади денари месечна плата. Во индустријата и во услужните дејности платите се движат близу 30 илјади денари. Платите на вработените во градежниот сектор, на трговците и на транспортерите се движат околу 25 илјади. Во земјоделството, и преработувачката индустрија платите на вработените се движат од 22 илјади денари.
Од Владата велат дека ја следат економската состојба во нашата држава секојдневно како и досега во координација и комуникација се вклучени бизнис заедницата, коморите академската фела и сите засегнати чинители. Доколку се потребни нови мерки поради компликување на ситуацијата со пандемијата од Илинденска уверуваат дека ќе одговорат соодветно на предизвиците.
„Владата досега донесе три сета мерки. За компаниите погодени од корона кризата со цел да им помогне, да ги задржат вработените, компаниите да не затворат. Економска поддршка добија и граѓаните и стопанството на нашата држава, бидејќи се од исклучителна важност во градењето на економскиот раст“, велат од Владата.
Бизнис заедницата веќе отворено им порача на идните власти дека на стопанството е потребно дополнителна поддршка од државата се со цел надминување на проблемите со ликвидноста. Лошите сценарија за продлабочување на економската криза економистите предвидуваат дека ќе се случи од септември. Бизнисот веќе побара ново стимулирање на плати, намалување на даници но и на административни давачки, како и посилна борба против сивата економија. Ова се приоритетните барања на стопанствениците од идната власт. За синдикатот е добро тоа што државата во последен момент го прифати нивното барање, фирмите да не добиваат државна помош доколку отпуштиле работници поради кризата.
И во предизборието една од главните теми на политичките партии беше висината на платите за граѓаните и ветувања за подобрување на куповната моќ на граѓаните. Од ВМРО-ДПМНЕ ветуваа повисоки плати за 25 отсто и зголемување на пензиите за 20 отсто. Нивниот најголем политички опонент СДСМ пред изборите ветуваше 20 илјади денари минимална плата и 34 илјади денари просечна плата до крајот на идниот мандат.
И. П