Иако македонските закони експлицитно забрануваат водење туристички групи од страна на неовластени лица, особено кога станува збор за странски државјани, праксата на теренот вели нешто сосема друго.
Туристичките групи, особено оние што пристигнуваат од Турција, Србија и од Бугарија, секојдневно ги посетуваат македонските културно-историски локалитети со свои водичи – без лиценца, без регистрирана агенција и без познавање на македонската легислатива. Или, поточно: со совршено познавање на нејзините слабости.
На Водно, во Охрид, Стоби и Скопската тврдина, сè почесто може да се забележи како група од педесетина туристи внимателно слуша водич што зборува на турски или на српски јазик, додека македонските туристички водичи стојат настрана – без работа и без начин да реагираат. Законот е на нивна страна, но контролата – не.
„Многу често се случува да видиме како некој од Турција, што е придружник на групата, сам им раскажува за Скопската чаршија или за Самоиловата тврдина. Тоа е апсолутно забрането со Законот за туристичка дејност, но кој ќе го спроведе? Туристичката инспекција има три лица во цела Македонија“, вели Елена, овластен водич од Скопје со десетгодишно искуство.
Според Законот, водење група туристи низ културно-историски локалитети може да врши само лиценциран туристички водич кој е регистриран во Централниот регистар, положил стручен испит и има важечка идентификација.
За странските водичи тоа важи само ако имаат меѓународно призната акредитација и водат тури со одобрение од македонска агенција. Но во пракса, ретко кој го проверува тоа.
„Не можеме да ги спречиме. Ниту смееме да легитимираме странски државјанин, ниту имаме ресурси да ги следиме сите групи. Ако некој пријави – реагираме. Но реално, тие си ја завршуваат турата за неколку часа и веќе се во Охрид“, вели инспектор од Државниот пазарен инспекторат, кој инсистира да остане анонимен.
Туристичките агенции, пак, кои работат легално, тврдат дека директно трпат штета. Странските агенции избегнуваат да плаќаат македонски водич, бидејќи така заштедуваат по неколку стотини евра по тура. Домашните водичи, пак, остануваат без работа, и покрај тоа што плаќаат лиценци, обуки и членарини.
„Најлошо е што државата делува како да ја нема. Секој си работи како што сака, а тие што сакаат да работат по правило – се казнети“, коментира Огнен, туристички водич од Битола.
Решението, според експертите, не е само во поостра инспекциска контрола, туку и во измени на законот кои ќе ги заострат условите за организирање тури од странство без локална соработка.
Освен тоа, неопходна е и јасна кампања на ниво на институции – за да им се даде до знаење и на странските туристички агенции дека Македонија не е „див балкански терен“ без правила.
Во меѓувреме, додека групите се сликаат со македонските знаменитости, единствените што навистина остануваат „без водство“ се институциите.
Б.З.М.